Потребна е целосна промена на менталитетот и сфаќањата, како и на очекувањата што ги имаме од образовниот процес

На ПИСА-тестирањето сме на дното, на меѓународните олимпијади освојуваме медали. На што се должи оваа огромна разлика? Ова е прашањето на кое одговараат повеќе професори, наставници, експерти вклучени во образовните процеси во земјава. Без разлика што ПИСА опфаќа ученици на 15 години по случаен избор, а на меѓународни натпревари одат најдобрите ученици, целта е да детектираме системски пропусти за лошите резултати, особено по последната Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки каде што нашиот тим освои две сребрени и три бронзени медали. Ова е ставот на д-р Марина Стојановска, професорка на Институтот за хемија и еден од менторите на учениците што неодамна освоија пет медали во Доха, Катар.

Проф. д-р Марина Стојановска (лево) на Олимпијадата во Доха, Катар

Прво, не би рекла дека сме на врвот според постигнувањата на олимпијадите. Врвот е, обично, резервиран за Кина, Тајван, Индија, Тајланд, Јужна Кореја, Русија… Она што сега го постигнавме во Катар на 16. Меѓународна олимпијада по природни науки секако е најголем успех постигнат досега на олимпијада од овој вид, но ни претстојат уште многу напорни подготовки и подобрувања ако сакаме да се доближиме до врвот. Од нашето скромно тригодишно искуство на олимпијадава како ментори научивме многу и секоја година се подобруваме. Од една бронза во 2016 г. и три бронзи во 2017 г. успеавме да направиме вистински скок оваа година. Меѓутоа, времето за подготовки за олимпијадата е ограничено, а учениците доаѓаат со речиси никакви експериментални вештини бидејќи нашите училишта немаат опремени лаборатории и потребни нагледни средства и други ресурси за успешно спроведување на наставните програми.

Потребна е целосна промена на менталитетот и сфаќањата, како и на очекувањата што ги имаме од образовниот процес. Потребни се мотивација и поддршка и на наставниците и на учениците, развој на поинаков менталитет кој ќе овозможи учениците да учат поефективно, да развиваат концептуално знаење применливо во практика и во нови ситуации и полесно соочување со предизвиците. Потребно е да се пофалат трудот и упорната работа на учениците и да им се покаже применливоста на науката во секојдневниот живот.

Тимот кој освои две сребра и три бронзи во Доха

Во нашето образование премногу е застапено проверувањето на фактографски податоци и недостига активирањето и развојот на повисоките мисловни процеси. Така, ученик без никаков проблем умее да определи НЗС и НЗД на два или три броја, но не може да реши задача во која треба да го примени ова знаење (на пр., Јас одам во библиотека секој четврти ден, ти секој шести ден, а тој секој осми ден. Кој датум ќе биде следната средба ако последен пат сме се виделе на 2 септември?). Или ученикот може да ги знае карактеристичните реакции на идентификација на дадени јони, но тешкотија претставува задачата во која треба да ја определи хемиската природа на супстанциите во непознат раствор. Исто така, проблем претставува доколку во прашањето има повеќе текст или, пак, дополнителни податоци кои не се користат во пресметките.

Во наставата по математика и природни науки во нашите училишта мора да бидат застапени активности кои стимулираат размислување и бараат од ученикот да интерпретира, анализира, изведува релевантни заклучоци и искажува сопствени ставови и мислења и тие навистина да бидат вградени во наставните содржини, а не само присутни на хартија. Овие активности треба да се застапени и кај ученици на помала возраст. Не треба да чекаме до 8. и 9. одделение за да воведуваме вакви задачи. Од друга страна, пак, наставникот, при проверката на усвоеното знаење, треба да поставува такви барања со кои ќе го проверува концептуалното, а не фактографското знаење. Кога на сето ова ќе се додадат и условите за експериментална работа, јасно е дека кога вака подготвени ученици ќе дојдат на олимпијада, резултатите нема да изостанат.

Кај учениците ќе постои поинаков начин на размислување и учење и нивните постигнувања на тестирања какво што е ПИСА ќе бидат многу повисоки. Прашањата на ова тестирање бараат примена на знаењата во непознати ситуации, процена, научно објаснување, вреднување итн. И тоа е она што ни треба и кон што треба да се насочиме затоа што промените што ги правиме сега ќе бидат видливи по повеќе од 10 години. Значи, ова е долготраен процес и не може да се очекуваат ад хок решенија. Сепак, основата, почетокот на какви било промени треба да биде цврста, солидна за да може на неа да се надградуваат идеите. Мора да се инвестира и во наставата и во наставниот кадар и тоа важи за сите степени на образование – од предучилишно до универзитетско. Треба да се инвестира во подобрување на општествениот статус на наставниците и сликата што постои за наставничката професија. Посебно внимание треба да се посвети на едукацијата и изборот на идните наставници, кои треба да имаат солидно иницијално (факултетско) образование на соодветни за струката наставни студии, бидејќи наставниците и наставничката професија имаат клучна улога во општеството.

Заклучоците што произлегуваат од ваквите истражувања се сериозен показател за тоа какви генерации ќе се вклучат во општествениот живот и, воопшто, каков ќе биде квалитетот на живот во иднина. Немаме време за губење. Потребна е соработка меѓу надлежните институции, наставниците од училиштата и од факултетите вклучени во едукација на идниот наставен кадар, како и родителите, која ќе води кон унапредување на квалитетот на образовниот систем. Со колегите од биологија и физика се обидуваме преку натпреварите по природни науки и други активности да го подигнеме нивото на знаење кај учениците, а со тоа да влијаеме и врз начинот на размислување и кај учениците и кај наставниците. Но, тоа е само капка вода во морето. Без сериозни вложувања во образованието и без квалитетни наставници тешко дека нешто може да се постигне.
Според препораките од извештајот на ОЕЦД, учењето на учениците (а не оценката) треба да биде во фокусот на оценувањето и самиот процес на проверка на знаењата треба да обезбедува повратна информација за учениците, наставниците, училиштата и за креаторите на образовни политики насочена кон критичка рефлексија на својата работа и идно подобрување. Кај нас оценувањето е претежно сумативно и опфаќа проверка на пониски нивоа на знаење. Најголемиот дел од учениците, наставниците и родителите не се заинтересирани за давање/добивање повратна информација за наученото, а сведоци сме дека оценките на учениците се движат меѓу 4 и 5 и единствено тоа станува важно. Петкоманијата зема голем замав во сите сегменти на образованието, а последиците веќе ги чувствуваме.

Како е можно најголемиот број ученици да не можат да извршат основни когнитивни операции на тестирањата како ПИСА, а да имаат петки по сите предмети?



912

X