Професорката по биологија и хемија Даниела Радевска од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје заедно со учениците го реализирала проектот „Инвазивни растенија и животни во Општина Карпош по течението на реката Вардар“, кој станал дел од глобалната акција за заштита на биолошката разновидност со седиште во Хамбург, Германија

Грижата за природата е најважниот аспект во современиот свет, но колку луѓе се посветени на тоа? Како да се осозне една од најзначајните вредности на планетава? Најважното е да се научат децата од мали да ја сакаат природата за да сфатат зошто треба да ја чуваат.

Децата треба да ги сакаат природните науки зашто опстанокот на оваа планета и човештвото лежи токму во природните науки. Токму едукацијата на учениците во насока на изучување на природните науки треба да биде еден од предусловите тие да добијат солидно образование. Во таа насока и професорката по биологија и хемија Даниела Радевска во ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје се труди што повеќе да ги заинтересира своите ученици.

За таа цел, таа заедно со учениците од 9-б одделение го реализирала проектот „Инвазивни растенија и животни во Општина Карпош по течението на реката Вардар“, кој станал дел од глобалната акција за заштита на биолошката разновидност со седиште во Хамбург, Германија.

Проектот е координиран од неа и од наставникот Стефан Симовски, професор по германски јазик во истото училиште, во својство на ментори.

– Целта на овој проект е учениците да ја истражат биолошката разновидност во нивната околина. На тој начин да увидат дека во нивната околина има растенија кои ја загрозуваат биолошката разноликост, ако тие се развиваат прекумерно – објаснува професорката Радевска.

Истражување на ендемски вид растение во околината на Пехчево

Според неа, во нашата земја има преголема биолошка разновидност со оглед на тоа дека виреат многу растенија и билки.

– Еден таков пример е и инсектојадното растение, ендемски вид, кој се наоѓа во Источна Македонија во областа над Пехчево. Главната задача на учесниците во овој глобален проект е колку што е можно подетално да ја проучат биолошката разновидност и потребата од заштитата на видовите во своето непосредно опкружување и да ја документираат со цел да дадат автентични информации за фактичката состојба. Целосно изготвениот проект на германски јазик, пред да биде реализиран, мора да биде прифатен и одобрен од организаторот – додава таа.

Учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ го реализираа проектот во соработка со Катедрата за ботаника и дендрологија на УКИМ, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје.

Организатори на оваа глобална акциска мрежа се германската секција на ГЕО и еколошката фондација „Хајнц Зилман“.

– Оваа меѓународна и, пред сè, глобална акција за заштита на видовите традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот – посочува Радевска.

Вели дека годинава учествуваат околу 17.000 учесници од Европа со околу 800 проекти.

Учениците треба да веруваат во науката

Професорката Радевска вели дека едукацијата на децата за природните науки е многу значајна, особено што живееме во време на пандемија.

– Ако се земе примерот со ковид-19, едукацијата на децата со природни науки помага многу полесно да разберат што е коронавирусот, како да се заштитат, како се пренесува, кој е тој што врши анализа, кој е човекот што учел како да открие лек за коронавирусот. Со други зборови, ги учиме децата дека треба да им веруваат на луѓето што учеле и станале научници во природни науки кои го анализираат тој проблем – објаснува професорката.

Природните науки, според неа, ги учат децата логично да размислуваат да ги поврзуваат своите размислувања, со цел тие правилно да размислуваат и да расудуваат.



912

X