Не водете сметка само за предметите, најважно е детето полесно да го поднесе селењето

Селењето е голема работа за семејството, дури и кога е во истиот град. Тој период семејството живее во хаос. Тука се и физичкото селење, запознавањето со новата населба, навикнувањето на новите правци за движење до работа и до училиште, нови паркови и игралишта за деца, со други зборови, сѐ што дотогаш функционирало, сега одново се совладува. Селењето е тешко за родителите, но најмногу за децата на која било возраст.

Тие ги губат пријателите, имаат проблеми со спиењето, често се лути и тажни. Во таквите стресни моменти нема да помогне нервозата на родителите. Потребно е да се направи план, па овие совети би требало да ви помогнат.

1. Бидете спремни на тага, лутина, загриженост

Разговарајте за селењето и појаснете им на децата зошто мора да се преселите. Бидете подготвени за нивните лути реакции. Обидете се да разберете дека за нив тоа е голема промена.. Посочете им ги позитивните страни на селењето и објаснете им како ќе течат работите понатаму. Ако детето е премногу мало, објаснете му дека се селите сите, вклучувајќи ги и играчките.

2. Прво подгответе се вие

Немојте да се пакувате сè додека не се одморите. Потребен ви е сон за да го решите и стресот. Исцрпените родители нема да имаат доволно трпение за детето, кое исто така е вознемирено поради селидбата.

3. Детето да знае што може да очекува

Посетете го новото место пред селидбата. Одведете ги децата на блиското игралиште, па посетете го и новото училиште. Ако се селите далеку, покажете им на децата фотографии и потоа разговарајте.

4. Почитувајте ја тагата на децата

Во ред е децата да ги изразат своите чувства. Добро е и да се збогуваат со местото на живеење бидејќи ќе им олесни при приспособувањето на новото место. Посетете ги нивните омилени места во градот за да се простат. Снимете видео од старата куќа/стан, игралиште и слично. Децата нека кажат нешто во врска со тие места. Кога куќата ќе биде празна, поминете низ неа заедно и простете се со секоја соба.

5. Дајте му ја контролата на вашето дете

Оставете детето да учествува во сите одлуки што може, на пример, бојата за неговата соба или местото каде што ќе ги остава своите играчки. На постарите деца одредете им буџет, па самите нека донесат одлука каков мебел сакаат или детали во својата соба. Оставете ги и сами да се пакуваат и да одлучат што сакаат да донираат, зачуваат и слично. Не фрлајте ги нивните предмети без да нивно знаење. Нека ги напишат своите имиња на кутиите со нивните предмети.

6. Освен селењето, избегнувајте дополнителни промени

Колку повеќе познати предмети има во новиот простор, толку побрзо детето ќе се приспособи. Затоа, не додавајте премногу нови работи.

7. Прво уредете ја детската соба

На децата тоа многу ќе им значи. Дури и остатокот од куќата да е во хаос, детето ќе си има мирен, сигурен простор, опкружен со познати работи, а тоа ќе му помогне да се чувствува добро и брзо да се приспособи. На постарите деца прво обезбедете им телевизија, интернет и друг пристап до технологијата што им е потребна.

8. Планирајте забавни активности штом ќе пристигнете на новото место

Одете на игралиште, пронајдете го местото со најдобра пица, ако има деца во соседството, обидете се да ги запознаете.

9. Помогнете му на детето да остане во контакт со старите пријатели

Ова е тешко по селењето, но важно е да им го овозможите на децата. Можеби тоа пријателство со текот на времето ќе престане, но важно е во тие моменти децата да не се чувствуваат тажно и да не мислат дека еден дел од животот им е прекинат. Овозможете им повици, праќајте фотографии, пишувајте писма и разговарајте за нивните пријатели. Со текот на времето, додека се поврзуваат со други луѓе, ќе гледате дека не се фокусираат толку на старите пријатели, а и подобро ќе се носат со тоа ако е постепен процес, па и самите ќе можат да го контролираат темпото.



912

X