Доживувањата на телесната шема се усвојуваат постепено, во текот на целиот живот, но најинтензивно во првата година од животот. Своето тело или целина детето најпрво го усвојува низ сопствени доживувања со помош на сетилата за вид, слух, допир. Подоцна со анализа и категоризација детето се стекнува со свест за одредена целина и нејзините делови, а со помош на личност од околината го усвојува и нивниот поим. На пример, детето со видот ја забележува раката, па потоа раката како целина која има делови, прсти, дланка, лакт и како со неа манипулира, како се развива говорот, така и детето го усвојува поимот дека тој дел од телото се вика рака.

Базата на доживување на телесната шема се усвојува во првите седум месеци од животот. Бебето своето прво осознавање го поврзува со чувството на пријатност и непријатност. Додека цица, различни облици се обележуваат како прифатливи, посакувани (мајчиниот лик – визуелно, дојка или шишенце со млеко кое доаѓа во контакт со устата – тактилно, мајчиниот глас – аудативно, вкус и мирис на храна – олфакторно).

Предлог-активност – лицева шема, препознавање, именување и точно позиционирање

Постепено и истовремено се гради откривањето на себеси како телесна целина и себеси како начин на постоење. Првата област која детето ја осознава во целина се устата и лицето. Во четвртиот месец бебето се стекнува со ново искуство, ги крева рацете на ниво на очите. Рацете се поврзуваат со дланката како целина во петтиот-шестиот месец, кога се развива визуо-моторната координација (око- рака координација), за фаќање предмети кои му се интересни. Во шестиот месец бебето го спознава својот лик на огледало. Во осмиот месец бебето започнува да има сложени активности (поврзување на предмети околу себе), играње со нив, редење, моделирање. За разлика од претходните фази, бебето постепено почнува да ги приспособува своите активности во зависност од потребата. Телесната свесност за постоење во светот се изградува постепено и се одвива во етапи.

Во 12. месец детето сѐ уште открива делови од телото. На 18 месеци детето истовремено извршува повеќе налози со цел да имитира сложени активности. Доживување на полот и контролата на сфинктерите се воспоставува околу вората година. Усвојување на латерализација трае до шестата година (детето станува свесно за левите и десните екстремитети и сложени движења и имитирања на движењата). Детето усвојува латерализација во простор кога ќе ја усвои латерализацијата на себеси, на пример, лева рака, десна нога, десно око, лева дланка.

Деловите на телото детето може да ги усвои преку низа различни активности, на пр., цртеж и именување на деловите, препознавање и именување преку огледало, модел на играчка и именување на истите, преку песна во која ќе има за деловите од телото и ќе бидат прикажувани на себе. Детето не може врз основа на еднаш изведена активност да се здобие со спознавање и именување на деловите на телото. Потребно е повторување на активностите, каде што прво се препознаваат деловите на телото, а потоа и се прикажуваат на себе. Препознавање, па потоа и именување.

Учењето на деловите од телото и односот дел-целина на телото е основа за усвојување анализа и синтеза на гласовите во зборовите, како и односот да е нешто дел од целина.

Препознавањето на деловите од телото претставува доживување на себеси, додека пак препознавањето на латерализацијата и просторните односи во просторот е доживување на себеси во просторијата.

Начинот на совладување се претставува на начин разбирлив за детето во зависност од годините. Стимулирањето на децата се одвива во домашна средина со инструкции од страна на терапевтот, специјален едукатор и рехабилитатор. Родителите заедно со детето се јавуваат кај стручно лице кога ќе забележат отстапка во делот на препознавањето на деловите од телото и себеси во просторот во однос на календарската возраст.

Спознавањето на себеси е важно и од психолошка гледна точка бидејќи со спознавање на своето тело постигнува свест за граница меѓу себе и другиот, што е важно за социјална интеракција.

Автор: Теодора Томовска Ристовска – специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт-терапевт во едукација



912

X