Сурово, но реално е дека возрасниот предатор секогаш ќе биде посилен од детето. Затоа детето треба да знае да ја процени опасната ситуација
Мајка на 11-годишно девојче пријавила во прилепската полиција дека нејзината ќерка била полово злоупотребена од таткото на нејзината другарка, кога отишла на гости кај нив дома. Оваа вест деновиве ја потресе јавноста и не е единствена. Сексуалната злоупотреба, за жал, е опасност за многу деца. Сурово, но реално е дека возрасниот предатор секогаш ќе биде посилен од детето, вели психологот Бојана Стојменовиќ, која работи со деца-жртви и нивните родители. Затоа детето треба да знае да ја процени опасната ситуација, да не се впушта во интеракции со непознати возрасни лица без надзор од неговиот родител или старател и да побара помош доколку се соочува со лице што е насилно. Со детето не само што треба да се разговара, туку и треба правилно да се води комуникацијата, соодветно на неговата возраст.
– Ќе напоменам, не можеме да очекуваме детето само да се одбрани. Можеби ќе успее да избегне одредена опасна ситуација или одредено опасно лице, но тоа не значи и дека успеало да се заштити. Таа улога на заштитник ја има секогаш возрасниот – вели Стојменовиќ.
Многу внимателно
Ние како возрасни, па и како родители имаме должност да ги заштитиме децата, но притоа треба да бидеме многу внимателни.
– Децата уште од најрана возраст го доживуваат светот преку своите искуства, но и преку нас, возрасните. Замислете детето да биде растено во средина каде што светот постојано ќе биде прикажуван како опасно и непријателско место во кое има луѓе што можат многу да нè повредат и да ни нанесат зло. Тогаш тоа дете подоцна може да развие проблеми со самодовербата, адаптацијата и анксиозност. Да бидеме реални, опасноста постои, а ние, за жал, немаме вграден аларм за да нè алармира кога ќе бидеме во близина на некој злоупотребувач – вели Стојменовиќ.
Инфографикон: Ања Несторова
Злоупотребувачи – најчесто од опкружувањето
Злоупотребувачите најчесто се лица што детето ги познава и се од неговата средина, па и од семејството, а само мал процент се лица што детето не ги познава. Разговорот со детето, вели психологот, треба да е информативен и да почне чекор по чекор. Може да се почне со развој на свеста за сопственото тело, до тоа кој смее да го допира детето и како.
– И ние, како возрасни, треба да ги следиме и развојот и годините на детето – вели Стојменовиќ.
Бојана Стојменовиќ
Чекор по чекор – разговор преку игра или приказна
Најдобро е со детето да се разговара во пријатна атмосфера, со тоа што треба да се внимава на возраста. Доколку е помало, тоа може да се направи преку игра или приказна преку која ќе се пренесе идејата.
– Доколку разговорот се води со повозрасно дете, тогаш тоа можеме да го направиме и со директен разговор, но тогаш мора да внимаваме да не му пренесеме страв на детето. Целта на разговорот е да се создаде идеја кај детето за тоа која е опасноста, како да ја препознае, како да се заштити, на кого да му каже и од кого да побара помош – вели.
Како да раскаже што му се случува
За детето да раскаже што му се случува, треба да го доживува возрасниот или родителот како посилен, односно заштитник и во основа на таа интеракција да постои доверба. Децата честопати молчат од повеќе причини, но една од нив е затоа што се уплашени дека истото може да му се случи и на родителот.
– Доколку детето не е подготвено да раскаже, тогаш следете го неговото однесување, интеракцијата со возрасните и начинот на игра. Можеби ќе сака да раскаже низ игра, во вид на приказна или пак ќе имитира. Секако, доколку се сомневате дека постоело злоупотребување, препорачливо е да се посоветувате и со стручни лица – вели Стојменовиќ.
Прашањата да се кратки, јасни, да не се притиска…
Навистина е тешко да се поставуваат овие прашања. Родителот се чувствува немоќен и несигурен, од една страна, а детето, од друга страна, е уплашено.
– Препорачувам прашањата да не бидат премногу долги, да бидат јасни, на јазик разбирлив за детето, да не се брза да се дојде до вистината и да се следи динамиката на детето. Доколку не сака да одговори на некои прашања, да не се инсистира и да не се врши притисок, затоа што на тој начин кај детето може да се јави отпор и нема да сака повеќе да зборува за тоа. Препорачувам да се користат протективни техники и тоа преку играта со употреба на различни игровни материјали (кукли, мечиња, човечки фигури, животни, маски и сл.) – објаснува.
Детето покажува со однесувањето
Што доколку злоупотребувачот е од околината? Како тоа може да се препознае од однесувањето на детето?
– Доколку злоупотребувачот е од околината, тоа може да се препознае од однесувањето на детето: покажува поголема приврзаност кон него или, пак, бес и лутина, го одбегнува, се повлекува од социјалните интеракции каде што е присутно лицето, пројавува поголеми, нетипични за него, промени во однесувањето и сл. Секако, пред да се посомневаме, треба да разговараме со детето и да ги земеме предвид повеќето фактори што би можеле да придонесат за промената во однесувањето на детето – вели Стојменовиќ.
Најтешкото прашање
Најтешкото прашање што родителите му го поставуваат на психологот е како да се заштитат децата. Голем предизвик е да му се овозможи на детето заштита, а без притоа да му се постават граници и да се ограничи неговото нормално функционирање, раст и развој.
– Некои родители под најсигурна заштита го сметаат ставањето на детето под стаклено ѕвоно, што е сосема погрешно и не дава добри резултати во однос на самодовербата, иницијативата и автономноста на детето. Постојат многу опасности што нè следат на секој чекор, но ние не можеме да бидеме параноидни и да ги исчекуваме – тоа не би било функционално за ниту еден член од семејството. Можеме да ги заштитиме со тоа што: ќе ја знаеме средината во која се движат, возрасните луѓе со кои имаат интеракција, да забележиме промена во однесувањето на детето и секако – да разговараме, но не по цена да внесеме страв кај детето – вели таа.
Со години молчеле
Стојменовиќ работи со деца што биле сексуално злоупотребени или, пак, кај кои постои сомневање дека се сексуално злоупотребени.
– Според моето искуство, злоупотребувачот е најчесто лице што детето го познава и од непосредната околина или, пак, од семејството. Некои од случаите не биле пријавени со години, поради страв, срам и стигма од општеството, но и поради тоа што не чувствувале доверба во институциите – објаснува нашата соговорничка.
И на родителите им треба помош
Таа освен со децата, работи и со родителите.
– Сметам дека траумата ја преживуваат и родителите и дека не треба да бидат исклучени од тој процес. Првиот чекор ми е да создадам база на доверба со детето и се информирам со родителите за тоа што се случило. Со децата работам полека, трпеливо и внимателно. Важно е да видам како тие го разбираат настанот и како го интерпретираат, а за таа цел употребувам многу проективни техники во игровна средина. Потоа родителите повторно ги вклучувам и ги информирам за текот на работата во идните средби. Од неодамна почнав да употребувам и Child Centered Play Therapy и се покажа како доста ефективна за децата – додава Стојменовиќ.
912