Пред сè, би сакала да го разјаснам поимот „послушност“. Се држам до тоа дека децата не мора да бидат послушни во смисла да го прават секогаш она што ние го бараме од нив. Послушно дете расте во послушно младо лице и само го извршува она што другите го велат, тоа главно ниту одговара на вештините што некој би ги сакал за своето дете ниту е пожелно и добро за личноста. Така што, да не зборуваме за послушноста, туку за соработката.

Одгледувањето и воспитувањето дете е долготраен и тежок процес. Според тоа, „брзите решенија“ главно се неостварливи (казна, закана или уцена би биле примери за брзи решенија, но дефинитивно не и пример за долгорочни, односно пожелни решенија). Сепак, кога односот помеѓу родителите и детето е добро поставен (кога тој однос се базира на рамноправност, почит, емоционална блискост, сигурност) во ситуација кога навистина ни треба брза соработка со детето, имаме право и можност да се повикаме на таа соработка.

Ако родителот го уважува детето, ги задоволува неговите потреби за припаѓање и придонес, го вклучува детето во постигнување договор и правила кои се однесуваат на детето, ја прифаќа секоја емоција на детето, го уважува дури и кога не може да ја уважи неговата желба, му дава на детето право на грешка, поттикнува изградба на позитивна слика за себе и останати долгорочни важни компоненти за развојот, тогаш во „кризна ситуација“ би можело да биде доволно да се каже: „Те молам, овој пат ми е многу важно да тргнеме навреме“ или „Ми треба твојата помош“.

Немањето соработка од страна на детето секогаш е некаков сигнал, а возрасните имаат задача да ги откриваат тие сигнали и да пронаоѓаат „канали“ за соработка. Во врска со сигналите за немање соработка со детето, тоа може да биде од развојните капацитети (каде што ние треба да ги приспособиме своите очекувања и да го поучиме детето), преку несвесни погрешни уверувања (кои може да резултираат со барање внимание на непожелни начини), до незадоволени основни потреби (за припаѓање и придонес). Се разбира, постојат уште многу можности, на пример, може детето да е гладно, ненаспано и друго.

Исто така, не треба да се заборави дека децата чувствуваат кога ние сме нервозни. Со оглед на тоа дека не знаат вербално да се изразат, тие тоа го пренесуваат преку однесување, а ние на тоа му даваме конотација „Како да знае кога не треба!“

Начините на кои во некој момент го повикуваме детето на соработка се често работи на моментални идеи (креативност). Најдобра препорака на оваа тема е да го следите детето, односно да користите игра.

1. Смирено прашајте го детето за помош (предуслов: изграден добар однос).
2. Предложете договор, компромис (без уцена, рамноправно).
3. Користете близок начин со детето: преку игра, на забавен начин, предложете „супер“ идеја (во рамките на она што моменталната ситуација го бара).

Автор: Глорија Пераниќ, едукатор за родители

Извор



912

X