Воспитување

Избегнувајте евтини трикови. Како да зборувате со малите деца?

Постојат луѓе што едноставно знаат да разговараат со деца, тоа им е вродено, а по дружењето ги карактеризираат како „многу забавни“, дали од страна на самото дете или од околината која го набљудувала тоа дружење.

Од друга страна, има луѓе што во близина на деца се несмасни и не знаат што да прават со себе – како да започнат разговор или да го забавуваат детето. Ако спаѓате во оваа втора група, како да се промените? Бидејќи, да бидеме реални, има луѓе што имаат деца, а не знаат да разговараат со други деца. Или, пак, не знаат да комуницираат со врсниците на нивното дете. И слично. Но, имајте на ум дека децата се всушност едноставни и многу интересни соговорници, само ако им го покажете вашиот интерес за нив и она што сакаат да ви го кажат. Еве неколку совети за разговор:

1. На детето секогаш обраќајте му се по име

Не давајте им прекари како „принцезо“, „убавице“, „колаче“, „дете“ и слично. Поради тие називи, на малите деца може да им биде непријатно, а кога ги повикувате со нивното име, тоа е знак на почит.

Зошто Кејт Мидлтон и принцот Вилијам секогаш се наведнуваат кога разговараат со деца?

2. Не менувајте го гласот додека разговарате со децата

Само за бебињата е докажано дека позитивно реагираат на повеќе тонови на гласот, на пример, кога пеете некоја песна. Но, со децата од три години и повеќе, не е потребно да се менува гласот, да се вика или нешто слично за да се биде забавен и симпатичен. Затоа, разговарајте како и со сите други, бидејќи тоа е најдобриот пристап. Ако разговарате со „смешен глас“, децата ќе претпоставуваат дека тоа е вашето ниво и можеби ќе ви одговорат исто бидејќи ќе мислат дека само таков тон разбирате. И ќе ве сметаат за глупави бидејќи мама и тато не разговараат така со нив. Пожелно е да користите едноставни зборови и фрази, но не да ги изобличувате зборовите. Затоа, не викајте, на пример, „глозје“ наместо „грозје“.

3. Спуштете се на ниво на детето

Можеби нема да ви одговара на грбот, но наведнете се и спуштете се на ниво на детето ако можете, бидејќи тоа е убав гест со кој на детето му покажувате дека не сте „над него“.

4. Прифатете „чудно“

Ако детето каже нешто чудно, немојте да го поправате или да објаснувате, вклучете се во неговиот свет и играјте ја истата игра. Децата не сакаат кога некој им ги убива креативноста и забавата, а освен тоа, претворањето и глупирањето се забавни. Ако некое дете ви каже дека се вратило од Месечината, не велете му дека тоа не е можно. Прашајте го зошто отишло таму, што јадело и кого видело.

5. Бидете пасивен слушател

Ако детето зборува нешто за кое немате поим, секогаш можете да побарате да ви раскаже повеќе околу тоа, бидејќи вам тоа ви е многу интересно. Така нему му го давате главниот збор, а вие сте задоволен, пасивен слушател.

6. Пронајдете заеднички интереси

Не поставувајте премногу прашања бидејќи одговорите би можеле да бидат само „да“ и „не“. Дали си бил во Гренланд? Да! И крај на разговорот. Подобро пронајдете заеднички интереси и споделете ги. Ако знаете дека детето било на Гренланд, раскажете му дека и вие сте биле таму и сте се вртеле во шолјичките за чај сè додека не ви се завртело во главата. Тогаш детето ќе има поголем мотив со вас да споделува некои искуства.

7. Пробивање на мразот

Некои тврдат дека „покажувањето на лузните“ е одличен начин за пробивање на мразот. Не, тоа не се лузни на душата од поранешните партнери, туку лузни кои можеби сте ги добиле во животот. Покажете му ги на детето и раскажете му интересна приказна на кој начин настанале лузните. Имено, децата многу сакаат да ги покажуваат своите лузни, па и вас ве чека интересна приказна. А, исто така, децата сакаат да бидат слушнати.

10 работи што децата не треба да ги слушнат од своите родители

8. Научете игри

Научете некои забавни детски игри или покажете им некои нови – нема подобар начин за зближување и воспоставување комуникација од заедничка акција.

9. Избегнувајте евтини трикови

Избегнувајте „евтини трикови“ бидејќи децата не се наивни. Прашања кои ќе ги поттикнат да се отворат, скокоткање, наведување да видите „колку силно може да ве удри“… некои од овие работи можеби би им се допаднале на децата, но веројатно не би се допаднале на нивните родители. Исто така, прескокнете го прашањето дали имаат девојка или момче, или пак кој им се допаѓа во одделението или во градинка и слично. Немојте да го фалите нивниот изглед, да им зборувате дека се убави и слатки бидејќи ќе им биде само непријатно.

10. Снаодливост

Имате нешто интересно во торбата? Можете да направите торнадо во полупразно шише со вода. Или извадете го телефонот, влезете на „Инстаграм“ и вклучете ја предната камера, па експериментирајте со интересните ефекти и „фаци“.

11. Бидете свои

Децата гледаат од возрасните како да се однесуваат. Ако ви е непријатно, исто ќе се чувствуваат и тие. Ако зборувате со нив како и со другите личности, на сосема природен начин, тие ќе се отворат. А потоа, слушајте ги. Можеби дури и ќе научите нешто ново.

Автор: Мишел Ву

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top