Малечките деца сакаат да знаат што ќе се случува во одредено време од денот. Успешното воведување редовен распоред на спиење, хранење и други активности може да ви го олесни животот и вам и на бебето…
– Детето бара поврзување на причините и последиците и создава очекувања за тоа како функционира светот. Темелна потреба на секое бебе е да ги открие правилностите. Таквото однесување родителите можат да го искористат за градење дневна рутина – смета психологот Рената Барт од Хамбург.

Одредено време за спиење

Новороденчето спие по 16 часа и повеќе, но често само по еден или два часа во континуитет. Иако на почетокот најверојатно сè ќе биде нередовно, со текот на времето, како што ќе се развива нервниот систем на бебето, ќе се установи и чувство за редовно спиење и меѓу оброците тоа ќе спие подолго. Најлесен начин да се утврди редовно време за спиење е да започнете со рутина.
Важно е сè да правите по ист редослед и приближно во исто време, секоја вечер. Добро е ако хранењето во текот на првите два месеца го смирува и го опушта бебето, на тој начин подготвувајќи го за спиење, но веќе околу третиот и четвртиот месец обидете се да го спуштите во креветчето за постепено да почне да се навикнува самото да се успива. Во тој период често се случува некои бебиња да го преспијат цел ден, за да „живнат“ кога ќе зајде сонцето. Во тој случај, во вашиот дом преку денот нека има што повеќе светлина, а во вечерните часови што помалку.

Знаци од креветчето

Вашето дете само ќе ви „каже“ што му треба – ако научите да ги читате сигналите што ви ги испраќа. Како што нè учат стручњаците, кога родителите поминуваат доволно време со своето бебе, без брзање, тогаш добиваат вистински информации за потребите на новороденчето и нивниот непогрешлив инстинкт што му треба на бебето во некој момент произлегува од учењето на неговиот темперамент и знаците што ги праќа.

Учењето што и кога нешто му треба на вашето дете бара многу време и трпение. Ако сте почнале да ги набљудувате обрасците на однесувањето на бебето, или веќе сте почнале да го поттикнувате на одредена рутина, дајте му приоритет на тоа. Избегнувајте отстапки од рутината, без оглед дали се работи за оброк додека шетате, при излегување, излет, годишен одмор… Најдобро е доследно да се придржувате на тој распоред додека да се навикне бебето.

Распоред според возраста

Ви се чини дека тукушто сте установиле постојан ритам со бебето, а време е пак да го менувате. Тоа е очекувано. Со развојните промени ќе се менува и распоредот на вашето дете. Како што ќе расте, така ќе му треба помалку сон преку ден, а повеќе време за игра и стимулација. Освен тоа, тука е и преминувањето на цврста храна – прво само еднаш дневно, а потоа и неколку пати на ден.
Вашето бебе ќе постигне многу во првата година. Речиси ќе ја удвои тежината, ќе почне да седи, да ползи, па дури и да оди. Затоа очекувано е да почне да отстапува од вообичаената рутина. На пример, може да има зголемен апетит, поголема потреба од сон, или ќе се буди неколку пати во ноќта. Не грижете се, наскоро ќе се врати на стариот распоред. Но, ако таквата ситуација сепак трае подолго, тоа значи дека ќе биде потребно рутината да се приспособи на новите услови.

Не очекувајте го невозможното

Дури и кога секојдневната рутина е цврсто воспоставена, нема да е можно секогаш да функционира како по часовник, по план и без тешкотии. Иако бебињата сакаат доследност, можни се и промени, особено како што ќе растат. Понекогаш, од каква било причина, ќе посака да прескокне една тура попладневно спиење, да има дополнителен оброк, да се разбуди во зори…
На промените на воспоставениот ритам ќе влијаат многу нешта што се дел од вашиот живот: постарите деца (ако имате повеќе деца), вашите планови со семејството и пријателите, годишниот одмор… Сето тоа ќе има одредена улога во секојдневниот живот. Меѓутоа, отстапувањата од рутината се во ред сè додека бебето има соодветна нега и исхрана, доволно игра, поддршка и љубов – сè што му е потребно за убаво да напредува.

 



912

X