Живееме во општество каде што екстровертноста се пофалува и наградува. Од социјалните мрежи до дружењето – гласните и харизматични луѓе ја добиваат наклонетоста на својата „публика“. Општеството едноставно е пристрасно кон гласни, отворени и харизматични луѓе. Но, што ако сте личност која претпочита да биде надвор од центарот на вниманието? Што ако сте интровертен родител кој има дете кое е целосна спротивност од вас, кое е целосно екстровертно?
Детскиот психолог Ванеса Ла Поинте ги објаснила предизвиците на интровертното родителство при воспитувањето екстровертно дете.
„Толку сме различни, како можам да се поврзам со моето дете?“
Може да биде обесхрабрувачко за интровертните родители да гледаат како нивното дете лесно се справува со големи толпи, изгледајќи неуморно по цел ден поминат во интеракција. Можеби чувствувате дека сте под притисок да продолжите или се чувствувате како да сте „фрлени“ во ситуации во кои вообичаено не би се нашле под никакви околности. Можеби дури и се прашувате: како можам да се поврзам со дете кое е толку различно од мене? Вистината е дека животот не е црно-бел. Екстровертноста и интровертноста се дел од истиот континуум. Со интровертноста доаѓа одредено ниво на екстровертност и обратно. Најважно е да бидете сигурни дека вашата „приказна“ го опфаќа целиот континуум што постои во вас и вашето дете, а истовремено да ги славите деталите што ве прават и двајцата уникатни.
Како да останете во чекор со вашето екстровертно дете?
Запомнете, вашето дете исто така има свои интровертни делови. И иако ви се чини дека е бескрајно активно и исполнето со енергијата на луѓето околу него – исто така, детето може многу да научи од вас. Можете да помогнете и да му ја покажете на вашето дете магијата на тишината. Во моментите на читање, играње или одмор – детето може да ги развие сите прекрасни особини што всушност ги има. Исто така, од помош е ако ги земете предвид етикетите што сте ги прикачиле на себе и на вашето дете. Дали е вистина дека не ви се допаѓа да бидете во друштво на други луѓе? Дали е точно дека сте исцрпени од гласна средина полна со други луѓе? Или ја „собравте“ таа наводна вистина за себе некаде по пат и сега ја вклопивте како дел од себе и начинот на кој се разбирате себеси? Истото важи и за перцепцијата на вашето дете. Како утврдивте дека вашето дете е екстроверт? Дали таа етикета произлегла од неговите забелешки од типот – „досадно ми е“, кога детето си игра само?
Предизвикајте се себеси

Ако понекогаш се обидувате да го промените сценариото за себе, како на пример наместо да кажете – „Мразам метеж, зошто дојдов на оваа забава?“, вие кажете – „Ги сакам прославите“ – можеби ќе се изненадите и ќе откриете некои нови „вистини“ за себе и/или за вашето дете. И покрај вашите очигледни разлики, поентата е дека на детето најмногу му треба квалитетното време поминато со родителите, а тоа може да се случи во различни услови. Всушност, детето ќе ве научи да излезете од вашата комфор-зона, а вие ќе го научите детето на магијата на тишината. Во секој случај е тоа е „вин-вин“ ситуација.
Сè што ви треба е креативност и трпение. Запомнете дека и покрај вашите разлики, вие сте важна личност и центар на универзумот на вашето дете, вие сте лидерот што детето сака да го следи. Различниот карактер не ја создава и не ја прекинува таа врска. Наместо тоа, различните карактери бараат само малку креативност и трпение. Препознајте ја приказната што самите сте ја „напишале“, истражете зошто сте решиле да се чувствувате непријатно во одредени ситуации и од каде може да потекнуваат овие чувства. И покрај вашите разлики, вашата врска со вашето дете е посилна од какви било непријатни социјални ситуации. И тоа е најважниот дел од вашата „приказна“.
Автор: Ема Јуриќ