„Цврсто и непоколебливо уверение дека нејзиното тело е убаво и дека во себе носи моќно волшепство за создавање е право на секое девојче што го стекнува со раѓањето. Токму тоа претставува темел за душевно и телесно здравје кое ќе ја следи во текот на животот“, пишува во предговорот на својата книга „Прекрасно девојче“ д-р Кристиен Нортрап, американски гинеколог и автор на популарни прирачници за женското здравје.

Девојчињата треба да развијат самодоверба и почит

Зора Суботиќ, психолог и психотерапевт со долгогодишно искуство во КБЦ Ребро во Загреб, посочува дека се многу важни пораките што мајката ѝ ги праќа на својата ќерка и објаснува:

– Девојче што расте со здрави пораки за своето тело и се прифаќа себеси, развива самодоверба и самопочит, ќе научи да се грижи за себе и да биде одговорно и кон себе и кон другите. Така се развива во задоволна личност која ги познава и ги цени своите вистински потреби, која може да ужива во животот, да се реализира себеси. Притоа не мора постојано да се докажува и потврдува, ниту да се натпреварува со другите.

За здрав однос кон себе клучни се родителите

За развој на здрав став кон себе, кој вклучува прифаќање и познавање на сопственото тело, препознавање и уважување на сопствените потреби и грижа за нивно задоволување, негување на себеси, своите вистини, својата личност и посебност, како и за слободата да се одолее на притисоците однадвор кои наметнуваат стандарди како што се „мора“ и „треба“, што е „убаво“, „добро“, „здраво“, „паметно“, „корисно“ итн., според мислењето на Суботиќ, клучни се родителите.

Нивниот однос кон девојчињата, но и кон момчињата, како и пораките што им ги испраќаат – не само со она што го зборуваат, туку и со начинот на кој се однесуваат – всушност ја одредува нивната судбина. Бидејќи првиот и најинтензивен однос што го доживува детето е односот со мајката, таа има пресудна улога и праќа пораки кои подоцна ќе го одредат животот на нејзиното бебе, нагласува Суботиќ и додава:
– Твоето тело е прекрасно такво какво што е, ги почитувам твоите потреби и не ти наметнувам очекувања кои не се во согласност со твојата природа, те слушам, те доживувам и одговарам на она што ти го чувствуваш и изразуваш; тука сум за тебе, ти си во ред, твоите чувства се во ред, јас те уважувам и ти го давам она што ти е потребно – тоа се пораките што му овозможуваат на детето да расте здраво.

Разликувајте ги вистинските и наметнатите потреби на детето

– Девојчињата немаат природна потреба за многу барбики, розови мобилни телефони, дизајнерски фустанчиња, безброј пара чевли. Тоа се лажни, наметнати потреби. Тие можат да бидат забавни и да ги развеселуваат малите девојчиња, но не се битни за емоционалното и телесното здравје. Ако вистинските потреби не се задоволени, лажните подоцна ќе стапат на сцена како нивна замена, кои, се разбира, никогаш не можат да го заменат она што е навистина битно. Детето што расте во атмосфера на сигурност, љубов, препознавање, уважување и поддршка се чувствува сигурно, сакано и слободно. Тоа е здраво дете.

Добра мајка е онаа што се чувствува добро

Со оглед на тоа дека секоја мајка на својата ќерка ѝ посакува сè најдобро, Суботиќ сугерира што треба да направат мајките кога ќе препознаат дека и самите имаат уверувања што ги ограничуваат, а не сакаат да им ги пренесат на своите ќерки.

– Како се однесуваат мајките кон себе, всушност, е пресудно и одредува што ќе им пренесат на своите ќерки. Добра мајка е онаа што се чувствува добро, која е задоволна, среќна, се прифаќа себеси, се разбира, се уважува и ги почитува своите потреби. Ако тоа го поседува, тоа ќе ѝ го пренесе на ќерката. Ако го нема, не може да ѝ го пренесе. Синџирот од лоши пораки се пренесува од генерација на генерација и важно е да се препознае и да се раскине. Една од типичните грешки што ги прават мајките е што сакаат на своите девојчиња да им го овозможат сето она што самите го немале. На прв поглед тоа изгледа добро и благородно, пожртвувано и грижливо. Но проблемот е во тоа што постои опасност на тој начин мајките да ги промашат потребите на своето дете како посебно битие и несвесно да му го дадат она што самите го сакаат.

Драмата на девојчињата е во тоа што во својот живот го понесуваат товарот на очекувања и неисполнети желби на своите мајки. Сите деца на светот сакаат да бидат прифатени и затоа настојуваат да им угодат на мајките, да ги исполнат нивните очекувања – тоа не е добриот пат бидејќи така се предаваат себеси. За да го избегнат тоа, важно е мајките да ги препознаат своите потреби и желби и да се погрижат за себе. Нивните девојчиња не се нивни продолженија, туку посебни битија. Во таа најодговорна улога на светот – воспитување на децата – на мајките им треба поддршка, знаење, трпение.

Важно е дека смеат да погрешат, дека не треба да чувствуваат вина, туку да се слободни да учат, да се развиваат, знаејќи дека патот на развојот е бавен, а грешките можат да се поправат. На тој пат можат да им помогнат нивните партнери, експертите, пријателките, а најважни водичи им се нивните ќерки, кои постојано ќе им го покажуваат патот. Секогаш е вистинскиот момент за таков почеток. Никогаш не е доцна. Секоја промена е значајна – заклучува Суботиќ.

 



912

X