Пелтечењето е нарушување во течноста на говорот. Брзоплетоста исто така е нарушување во течноста на говорот, но и покрај фактот што овие две нарушувања имаат некои заеднички карактеристики, сепак, се разликуваат во многу работи.

Главни обележја на синдромот на брзоплетоста се следните:

–  Темпото на говорот е изразено забрзано, па се нарушува разбирливоста на говорот.
– Често во говорот се присутни артикулациски тешкотии (неправилен изговор на гласовите), како и коартикулациски тешкотии (коартикулација е влијанието што го имаат гласовите еден врз друг, па поради коартикулацијата, доаѓа до скратување или бришење на слогови или гласови во зборот), а сите наведени тешкотии се последица на забрзаното темпо на говор.
– Во спонтаниот говор детето најчесто користи кратки, едноставно структуирани реченици кои често се испрекинати со паузи (респирациски паузи), па често имаме чувство дека детето не знае однапред што сака да каже.
– Кај подолгите, повеќесложни реченици со прекините често се јавуваат и многубројни граматички грешки.
– Симптомот на брзоплетост често е обележан со повторување на слогови, зборови или реченици (но за разлика од пелтечењето, децата поретко ги повторуваат изолираните гласови), како и често додавање на „зборови-паразити“ (овој… бре… ах… уф…).

– Децата главно не се свесни за тешкотиите во говорот, не е присутен страв од говор, па со насочување на вниманието кон говорот квалитетот на говорот (течноста во зборувањето) станува подобар.
– Во опуштени, секојдневни ситуации квалитетот на говорот е полош (нарушена е течноста на говорот). Во напнати ситуации (поради поголемата концентрација кон говорот) квалитетот на говорот е подобар (послабо е изразена нетечноста бидејќи во такви ситуации и брзината на говорот е помала).
– Децата што во говорот имаат особености на брзоплетост често имаат кратко, нестабилно внимание, како и тешкотии при концентрирањето.
Брзоплетоста најчесто започнува во претшколскиот период, но затоа што најчесто се јавува придружена со други тешкотии (хиперактивност, јазични тешкотии, тешкотии во учењето, пелтечење) често погрешно се дијагностицира или останува непрепознаена.
Пелтечењето и брзоплетоста како нарушувања во течноста на говорот често се јавуваат симултано, па зависно од карактеристиките на говорот, можеме да зборуваме за пелтечење со обележја на брзоплетост или брзоплетост со обележја на пелтечење.

Како да се помогне:

– За детето да стане свесно за брзината на говорот, потребно е да го забавувате во сите активности, па така и во активностите при зборувањето.
– Давајте му пократки задачи, но поттикнувајте го да ги извршува докрај.
– Низ пеење, рецитирање, прераскажување подзабавете го говорот на детето.
– При говорните активности (прераскажување на секојдневните случувања) насочувајте го и поттикнувајте го пред говорната активност да ја осмисли содржината што сака да ја пренесе.
– Со сопствен пример насочувајте го детето да зборува со нормална брзина и јачина.
Доколку опишаните тешкотии ги препознавате во говорните обрасци на вашето дете, секако, обратете се кај логопед и побарајте стручна помош.

Автор: Мартина Старчевиќ-Перица



912

X