Затнатиот нос може да има многу причинители, од настинки и грип до алергии. Она што се случува е дека мембраните што ги обложуваат ноздрите стануваат воспалени и иритирани и почнуваат да произведуваат повеќе слуз за да го истиснат она што предизвикува иритација. Обично нема потреба да го барате вашиот лекар за затнат нос, освен ако:
-симптомите траат подолго од 10 дена
-имате висока телесна температура
-слузта од носот е жолта или зелена и имате болка во пределот на синусите
-имате крв во носната слуз (поголема количина, можна е помала количина поради пукање на капиларите поради прекумерно дување на носот)
-ако се работи за новороденче под два месеца кое има висока температура
-предизвикува проблеми при дишењето кај новороденчето.
Како да го исчистите носот кога сте настинати?
Ако се прашувате како да се справите со затнатиот нос и синусите, пред да одите на лекар, обидете се да ја ублажите непријатноста со следниве упатства:
-користете навлажнувач за да ги одржувате ноздрите влажни (сувоста дополнително ги иритира мембраните)
-туширајте се подолго со топла вода за да ја вдишите пареата (погрижете се водата да не е премногу топла)
-пијте многу течности, што ќе ја разреди слузта и ќе спречи потенцијална конгестија на синусите
-користете солен спреј за нос
-ставете топла, влажна крпа на лицето
-ноќе легнете со главата на поткрената перница
-избегнувајте хлорирани базени
-користете деконгестиви (но не подолго од 3-4 дена).
Што да правите при алергии?
Кај алергиите важно е да ја откриете причината, односно кој алерген ве иритира, за да спречите изложување на него. Ако тоа не е можно, вашиот лекар ќе ви препише антихистаминици во форма на таблети за орална употреба, или спреј за нос. Понекогаш, во случај на посилна алергиска реакција, се препишува назален спреј со кортикостероиди.

Како да го одблокирате носот на бебињата и децата?
За носот да не се исуши премногу, земете капки со солена вода, па капнете во секоја ноздра на детето. Навлажнувачот исто така помага во навлажнување и олабавување на секретот во носот. Важно е секој ден да го чистите и повторно да го полните навлажнувачот со чиста вода.
Во секоја ноздра на детето ставете 2-3 капки солена вода, почекајте една минута и потоа легнете го детето на стомак и обидете се нежно да го отстраните секретот што тече, со влажно марамче. Не пикајте марамче или стапчиња за уши во носот.
Отстранувањето на секретот е можно и со уреди како електронски назален аспиратор кој едноставно, брзо и безболно го вшмукува вишокот секрет од носот – функционира врз основа на создавање негативен притисок. Постојат и назални пумпи за кои не е потребна електрична енергија за да функционираат.
Освен овие совети, гореспоменатите упатства за возрасните, може да се испробаат и кај децата.
Автор: Марта Дугоњиќ