Во овој момент нема потреба да се нагласува дека никогаш не треба да коментирате нечие тело – од која било причина. Ова е особено точно кога се работи за некој што неодамна се породил. Дури и ако мислите дека тоа е комплимент, телото на друга личност не е ваша работа.

Како и со сите работи поврзани со родителството, луѓето понекогаш чувствуваат потреба да ги споделат своите мислења за вашиот изглед откако ќе родите цело човечко суштество. И по децении на наслови, приказни и наративи со зборовите „постбејби тело“, „враќање назад“,„губење на тежината“ и слично, веќе е доволно. Но, некако овие коментари преовладуваат, а прават новите мајки да се чувствуваат како да се под микроскоп кога едноставно се обидуваат да го одржат своето семејство среќно, здраво и безбедно.

Па, што правите кога некој ќе ве изнервира со коментар за вашето тело по породувањето?

Џенифер Ролин, терапевт и основач на Центарот за нарушувања во исхраната во Роквил, Мериленд, дава неколку стручни совети кои ќе ви помогнат во оваа ситуација.

Прво, неколку реченици од кои ви се ежи кожата:

-Ќе ја изгубиш тежината од носењето бебе за кратко време!
-Не изгледаш како штотуку да си родила бебе!
-Леле, изгледаш одлично како за новопечена мајка.
-Не изгледаш ни уморно!
-Ќе се вратиш набрзо во нормала!
-Веќе изгледаш толку слаба!
-Дали си повторно бремена?
-Доењето е одлично за слабеење!

Ефектот на бранување

На површина, овие забелешки можеби не изгледаат толку страшно. Но, тие овековечуваат само неколку прилично штетни и застарени наративи: дека вредноста на жената е вкоренета во тоа како таа изгледа и дека да се биде со одредена големина или да се изгледа на одреден начин е идеалот кон кој сите треба да се стремиме.

-Овие навидум позитивни и добронамерни коментари служат за зајакнување на тенкиот идеален стандард на убавина – вели Ролин.

Таа нагласува дека односот на секој човек со сопственото тело е различен, а секоја бременост е различна. Не знаете дали некој се бори со своето ментално или физичко здравје. Но, искрено, тоа не треба да биде важно бидејќи секој човек заслужува да биде третиран со почит и достоинство, без разлика на неговата здравствена состојба или начинот како изгледа.

-Дури и „комплиментите“ за телото ја зајакнуваат пристрасноста против маснотиите и ја овековечуваат идејата дека големината на нечие тело е важна. Овие коментари ја наметнуваат идејата дека слабеењето и губењето на тежината се пожелни и вредни и можат да бидат многу поттикнувачки за луѓето во закрепнувањето од нарушувањата во исхраната. Всушност, многубројните студии покажаа дека ваквите наративи служат само за да им наштетат на мајките кои се породиле, зголемувајќи го ризикот од нарушувања во исхраната и постпородилна депресија. Нашите тела ќе се менуваат и ќе растат во текот на нашите животи. Постпородилниот период е ранлив период, а зголемениот фокус на тежината и големината на телото може да биде рецепт за катастрофа – истакнува Ролин.

Како да се справите со тоа

Ролин препорачува неколку клучни фрази што можете да ги зачувате во вашата меморија, кога некој ќе ви каже некоја глупост поврзана со телото.

-Повеќе бев фокусирана на моето бебе отколку на големината на телото.
-Да, моето тело е неверојатно – само што роди бебе!
-Имав толку многу случувања по породувањето што не бев фокусирана на моето тело.
-Моето тело го порасна моето бебе, па на тоа сум фокусирана наместо на неговата големина.
-Би сакала да ве замолам да не давате коментари за моето тело. Сметам дека ваквите коментари се навредливи и штетни, а исто така можат негативно да влијаат врз другите што слушаат.

Исто така, ги имате сите права брзо да ја промените темата.

Вреди да се повтори дека вашето тело е убаво и неверојатно такво какво што е, и дека не мора да ги толерирате туѓите коментари – без разлика колку се „добронамерни“, особено кога веројатно веќе сте на прилично ранливо место.

-Од лишување од сон, промена на хормоните и приспособување кон нова нормала, последното нешто што некому му треба е токсичната култура за изгледот на телото да влезе во неговата глави и да му создаде поголем притисок. Вашето тело направило нешто прилично неверојатно (развивајќи човечки живот) и тоа е она што навистина е важно – заклучила Ролин.

Автор: Ариел Тшникел

Извор



912

X