Милиони родители и старатели сега прават нешто што никогаш не ни помислувале дека ќе го прават: учење од дома или уште наречено учење на далечина, додека се обидуваат да го приспособат и сопственото работно време.

Моето дете веќе неколку недели не оди на училиште (додека помалиот брат не оди во градинка), а јас се чувствувам толку среќна што децата се мали. Материјалот од учењето на далечина мојот петгодишен син постојано го следи, а тој вклучува уметнички проекти, игри и читање книги. Да го натерам да седне и да го реализира сето ова, понекогаш е многу тешко. Тој е дете кое се втрчува во училницата секое утро без да погледне назад. Ги сака наставниците и соучениците. Но, онлајн-учењето навистина е болно. Јас и татко му ги немаме вештините, ниту трпението за да ги поедноставиме задачите, а и да бидат позабавни. Тој често се откажува велејќи дека сака да игра со лего-коцките. Или да гледа телевизија. Сè друго освен учењето со мама и тато.

Што ќе се случува понатаму? Како родителите да се справат со учењето од дома на децата сега кога се окупирани со финансиски проблеми поради кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот? Па како и секогаш, се обративме до експерти за совет.

1. Намалете ги очекувањата

– Повеќето од нас не се обучени наставници. Многумина од нас се вработени и работат. Повеќето од нас го даваат најдоброто од себе – вели Ким Ален, специјалист за човечки развој. Наместо да бидете под стрес поради предизвиците од домашното учење или да се грижите за тоа дали детето ќе заостане со материјалот, намалете ги очекувањата. Децата сигурно нема да научат толку колку што би научиле на училиште, и тоа е во ред. Треба да се обидете да му ја објасните ситуацијата на детето за да ги насочи соодветно своите очекувања. Работите со целосно работно време и постојано сте зафатени во текот на денот? Дали имате други деца кон чии обврски треба да се приспособите? Ако ви изгледа невозможно да ги завршите сите обврски, обратете им се на наставниците на децата и објаснете им ја ситуацијата, за да изнајдете заедничко решение.

2. Фокусирајте се на вашиот однос

– Едно од првите прашања што им ги поставувам на родителите е: Потсетете се на вашиот омилен наставник. Кои беа квалитетите на таа личност? – вели Ален. Речиси без исклучок возрасните се сеќаваат на наставник кој бил љубезен и за кој навистина можеле да кажат дека се грижел за нив, додава таа. Така што, првиот приоритет е да се фокусирате на вашиот однос со детето и да бидете силни. Ако почнувате расправии во врска со завршувањето на обврските, направете чекор назад и запомнете дека најважно е вашиот однос да биде солиден. Исто така, не помага ако го терате детето да учи. – Ако детето е под стрес, тогаш секако дека ќе му биде тешко да учи – вели Ален.

3. Обидете се со опцијата „оставете“

Експертите велат – ако сте во ситуација кога детето не сака да заврши одредена задача во одреден момент, дајте му ја опцијата да ја прескокне таа задача. Прашајте го дали сака таа задача да биде тргната настрана, па ако е така, запишете ја на лист хартија и оставете ја за подоцна, па преминете на нешто друго. Детето нема засекогаш да се ослободи од задачата, само ќе му дадете можност да се наврати на неа кога ќе биде подобро расположено.

4. Бидете разиграни

Ова може да биде вистински предизвик кога сте при крај со трпението и сте под стрес. Но, имајте предвид дека децата сега не се присутни на традиционалниот начин на следење настава. Ако одбиваат да завршат одредена задача, замолете ги да играте игра која ќе подразбира давање улоги, па вие да бидете наставникот, а детето ученикот. Децата ќе го следат материјалот, но ќе имаат чувство дека всушност играте. Можете да им дадете и исушен фломастер, па да замислуваат дека пишуваат на табла и така да решаваат математички равенки. Експертите велат дека можете и да учите и да играте истовремено. Исто така, можете да ги прашате и наставниците, кои секогаш имате креативни идеи за спроведување на наставата.

5. Потсетник: Учењето не се случува само во текот на училишните часови

Експертите велат дека родителите често имаат идеја дека децата учат само на училиште, а дека времето поминато дома е за домашна задача и играње. Децата учат од вас цело време. Ако ја пуштате облеката во машина за перење заедно, тие учат, ако сакаат да поминуваат време пред екраните, може и да учат, доколку им пуштите некоја едукативна програма. Или вратете се на наједноставната вежба за учење – читајте заедно. „Ова е еден од најдобрите начини за учење, па работете на воспоставување на таа поврзаност“ – вели Ален.

Автор: Кетрин Пирсон

Извор: huffpost.com



912

X