Ова се совети за развојот на говорот кај децата од книгата „100 активности според методот на Монтесори“ од Ива Херман.

Вистинскиот збор

Долго пред да ги каже првите зборови, малечкото разбира и усвојува сè што ќе слушне. Но, развојот на јазикот е најсилен во периодот помеѓу 15. месец и третиот роденден.

Можеме да го следиме и да му помогнеме да стекне богат и прецизен речник со обиди да ги користи точните термини. На пример, зборот „чанта“ може да се однесува на многу предмети: рачна чанта, училишна торба, торба за шопинг, патна торба. Важно е детето да го слушне точното име.

Да не пропуштиме да го употребиме правилниот збор и да истражуваме, во соработка со детето – ако сме во недоумица. Покорисно е да се знае дека птицата што ја набљудуваме во градината се нарекува брблива страчка отколку само да кажеме дека е птица. Реалноста им е појасна и побогата на децата ако ги употребуваме вистинските зборови за да ја опишеме. За да ги поврзе зборовите со предметот што го означуваат, детето треба да работи со рацете, да набљудува, допира, да чувствува конкретни работи. Мораме да му помогнеме да ги именува своите искуства и секојдневните доживувања.

Избор на книги

Книгите се одлична поддршка за јазикот и суштинска компонента на културата, но треба да се биде внимателен при изборот. Книгите за многу мали деца понекогаш нудат премногу стимулација и светкави бои кои ја нарушуваат концентрацијата. Подобро е да се задоволите со неколку убави книги кои детето ги сака и за кои се грижи отколку да собирате книги што не го интересираат.

Пред да наполни три години, па и потоа, темата на книгата треба да се заснова на реалноста бидејќи детето сака да го открие реалниот свет. Имагинацијата и нереалното се несомнено привлечни, но го збунуваат детето, кое сè уште не е способно за апстракција. Вистинските приказни се најдобрата подготовка за креативна имагинација и развој на говор. Родителите треба да ги прочитаат приказните пред да му ги понудат на детето за да го проверат нивното значење.

Читање

Важно е да му читате книги на вашето дете секој ден, особено додека го совлада говорот. Тоа го апсорбира усниот јазик во текот на денот, а пишаниот само кога му читаме. Книгата нуди друг начин на зборување и се заснова на вокабулар кој често е покомплексен од она што го користиме во секојдневниот говор.

Изградбата на реченици ја збогатува структурата на јазикот, а римите и песничките развиваат ритам и звучност. Читањето му помага на детето да ги организира своите мисли, ја стимулира неговата аудитивна меморија и неговата имагинација. За да сака детето да чита, важно е добро да се смести во соодветна положба. Наместете еден агол во просторија со перници, мал тепих или фотелја – и книги на достапни места. Во дневната соба детето исто така ќе може да нареди неколку книги и перници за да му бидат на дофат.

Кога книгите се достапни на неколку места во куќата, детето ќе ја разбере нивната важност и ќе знае дека може удобно да се смести и да чита кога сака.

Не треба да им ги мешаме играчките и книгите на децата бидејќи книгите не се третираат како играчки. Треба да му покажеме на детето уште од најрана возраст како да држи книга, како да ја носи, како внимателно да ги врти страниците и да ја стави на место. Така, на рана возраст ќе научи дека тоа е вреден и чувствителен предмет со кој треба внимателно да се ракува.

Вистински предмети

Малото дете чувствува потреба да ги поврзе зборовите со предметите што ги означуваат. Од првата година можеме да организираме „часови“ за збогатување на вокабуларот со собирање различни предмети од иста категорија. Најпрво ќе му ги покажеме вистинските предмети: корпа со овошје, прибор за готвење, предмети од бањата…

Треба да избереме тивок момент кога детето е расположено за да ја изврши оваа активност и да седнеме со него на неговиот мал тепих. Да земеме предмет што ќе го фатиме со двете раце – или што ќе го почувствуваме. Потоа да му го дадеме на детето да го проучува. Потоа само ќе го именуваме предметот. Така детето ќе го поврзе зборот со неговото сетилно искуство.

Фигури

Кога детето ќе научи добро да зборува, треба да му подготвиме површини со мали предмети: садови, животни, мебел, облека за кукли… На тој начин може да воспостави врска помеѓу вистински предмет и мал предмет. На ист начин како и за претходната активност, може да му одржиме мали лекции за вокабуларот. Овој пат не е неопходно да се допираат предметите бидејќи сетилните информации ќе бидат нарушени поради големината на предметите.

Детето особено ги цени малите предмети: сака да ракува со нив и да ги набљудува и со задоволство го збогатува својот вокабулар на овој начин.

Картички и предмети

На околу 18 месеци детето ќе може да поврзе мал предмет со слика. Оваа вежба му помага да ја разбере транзицијата кон апстракција. Предметот што го држи е ист како оној на картичката. На почетокот му даваме слика од предметот и му нудиме само три предмети и три картички. Ги поставуваме картичките пред детето, го земаме првиот предмет додека внимателно го набљудуваме, го именуваме и го поставуваме до неговата слика. Продолжуваме така и со другите предмети, освен ако детето не изрази желба да продолжи самостојно.

Не е неопходно детето да може да зборува за оваа игра, но мора да биде способно да се фокусира и да набљудува кога ќе му покажеме како тече некоја активност. Треба да се процени и неговиот интерес за зборување.

Подоцна можеме да создадеме слични картички, но не сосема исти: на пример, фотографија од куче што се поврзува со ликот на кучето, или фотографија на која се гледа само главата на кучето. Сликите кои не се сосема исти како предметите бараат повеќе размислување. На децата навистина им се допаѓаат овие активности кои можеме да ги комбинираме со неколку серии на предмети.

Извор



912

X