Дали вашето дете мисли дека знае подобро од возрасните, вклучително и од вас? Како се разбирате со деца што пркосат и како ги убедувате да ве слушаат? Родителите се загрижени кога гледаат дека нивното дете покажува лошо социјално однесување. Тие инсистираат дека не го воспитале детето така и дека неговите браќа или сестри не се однесуваат на тој начин. Сепак, наставникот на детето во детали ја опишува неговата несоодветна интеракција. Постојано се одржува комуникација наставник-родители, се прават напори, но ништо не се менува. Како да се постапи?

Сè се сведува на перспективата. Вашето дете го нема капацитетот да разбере како е сфатено од другите. Перспективите за нашето сопствено однесување и избори ни дозволуваат да препознаеме социјални знаци. Нивните намери се добри, но не знаат како правилно да се вклучат и да „одат во туѓите чевли“. Вашето дете нема причина или желба да биде „лошо“ или невнимателно. Неговите намери се добри, но се бори со интерпретирање на социјалните знаци. Ова се 4 техники за справување со пркосни деца:

Поставувајте отворени прашања

Наместо да му кажете на детето: „Треба да престанеш да се расправаш со наставниците“, прашајте го: „Како мислиш дека се чувствува твојот наставник кога така му зборуваш? Каков впечаток оставаш? Што те натера да помислиш дека она што го кажа е важно? Како можеш да го искажеш истото без да се расправаш?“ Ова му дозволува на детето да ги земе предвид и мислите на другите и да согледа како неговото однесување влијае врз другите. Ваквите прашања ги користат зборовите кој, што, кога, каде, како и зошто. Голема придобивка е ако детето гледа во вашето лице и го интерпретира она што го чувствувате во моментот. Без разлика кој е одговорот, дури и едно обично „не знам“ е во ред за да продолжите да го прашувате детето: „Кое би било соодветното однесување?“ Така детето ќе размислува за неискажаните социјални правила и што е она што се очекува од него во иднина.

Бидете социјален шпион

За да му помогнете на детето да престане да се расправа и да гради совесност, запознајте го со концептот „социјален шпион“. Социјалните шпиони ги набљудуваат луѓето во различни околности и потоа ги забележуваат нивните социјални знаци, како вокална јачина, тон, контакт со очи, физичко присуство, прекинување, расправање итн. Вака функционира: одете на јавно место, лоби во хотел, книжарница, трговски центар. Набљудувајте и забележувајте социјални знаци и идентификувајте го она што непишаните правила на средината го диктираат. Дискутирајте со детето за вашите опсервации и креирајте слика за позитивно социјално однесување.

Вежбајте љубезност

Вашето дете можеби не сака да му биде здодевно и се однесува непристојно во училницата. Некои деца провоцираат и се расправаат со наставниците за да бидат смешни или за да предизвикаат реакција кај другарите. Наместо да му држите лекции на детето, прашајте го што се случува во специфична ситуација. Кажете му: „Забележав дека некогаш се бориш да престанеш да се расправаш со твојот наставник и разбирам дека немаш намера да не покажеш почит“. Останете неутрални и смирено дискутирајте зошто глумењето љубезност е неопходно. Зборувајте со детето за работите што не го интересираат и дилемата дали да се биде љубезен или не. Наместо само да му кажете, работете заедно на дискусија за придобивките од љубезноста и откријте начини како да се реагира кога разговорот ќе му биде здодевен или кога ќе биде премногу изморен за да учествува во разговор.

Учете ги како да ја „читаат собата“

Во секоја средина има очекувања и неискажани правила. За да се презентира најдоброто лице на светот, морате да ги сфатите тие очекувања преку „читање на собата“. Пред да влезете во соба или на некој собир, помогнете му на детето да паузира, да набљудува и да ги согледа учесниците, енергијата и дискусијата во просторијата пред и самото да се вклучи. Децата што не можат да престанат да се расправаат и сакаат да доминираат во разговорот, може да научат да интерпретираат и да ги земат предвид чувствата на другите. Тоа е пат во кој конзистентноста е клучот. Родителите треба да најдат утеха во сознанието дека сите деца имаат придобивка од трпеливи и грижливи родители. Отворените прашања се соодветни и за родители кои сакаат да им помогнат на своите деца да ги пренасочат своите социјални борби во позитивни исходи.

Автор: Каролин Мекгвајер

Извор



912

X