Сонце, па дожд, па заладување, па наеднаш ќе биде потопло неколку денови – овие промени се погодни за вирусите што ги напаѓаат дишните органи. Еден од главните знаци за респираторна инфекција е кашлањето.

Како настанува кашлицата?

Кашлицата е одбранбена реакција – рефлекс!
Секој рефлекс почнува со надразнување кое го активира. Надразнувањето на дишните органи е покренувач на рефлексот за кашлање. По дразбата следува длабоко вдишување, па силно издишување придружено со стеснување на душникот и гркланот што се слуша како кашлање. Издишувањето е неверојатно силно, така што исфрлените капки од дишните органи летаат со брзина од над 150 километри на час!
Убедливо најчести покренувачи на рефлексот за кашлање се инфекциите и алергиите. Далеку поретко се случува туѓо тело да биде причина за кашлање, но тоа е една драматична ситуација придружена со други тегоби, која за среќа ретко се случува.

Какви видови кашлица постојат?

Постојат два основни вида кашлица: „сува“ (непродуктивна или иритирачка) и „влажна“ – продуктивна! Оваа поделба е добра за разбирање на проблемот, иако постојат разни преодни форми на кашлица.

Сува кашлица

Се нарекува и иритирачка или непродуктивна, а настанува како резултат на директно оштетување на горните дишни патишта. Ја предизвикуваат речиси сите респираторни вируси, некои повеќе, некои помалку, кои ја повредуваат слузокожата на дишните патишта.
Затоа краевите на нервните завршетоци што ја пренесуваат „дразбата“ (рецептори за кашлица) се соголени, па детето често има напади.
Една од најчестите причини за непродуктивна кашлица е сливањето на секретот од носот „надолу“ – кон грлото и дишникот. Таму секретот се „залепува“, а детето (главно безуспешно) се обидува да го исфрли.
Детето кашла во напади, а нема што да исфрли, па често болно плаче по нападите на кашлица. Понекогаш и повраќа поради ова надразувачко напнување. Што повеќе кашла, повеќе се оштетува веќе повредената слузница на дишните патишта. Поради тоа, детето кашла сè повеќе и така овој маѓепсан круг трае сè додека не го прекинеме и додека детето не го победи вирусот – кој е најчеста причина за овој вид кашлица.
Сувата кашлица ретко е проследена со некое сериозно респираторно заболување кај децата, а ако нема покачена температура, нема отежнато (свиркачко) и забрзано дишење и има добар апетит – речиси со сигурност станува збор за обична вироза!

Што значи кога детето посилно кашла ноќе?

Обично се работи за надразнувачка – „слевачка“ кашлица. Преку ден, кога детето е активно, дел од секретот излегува однапред (преку носот) или детето го голта секретот, кој му се слева низ грлото. Ноќе, кога спие, секретот нема каде да излезе, па се слева кон душникот и провоцира кашлање. Се разбира, постојат и други причини за кашлица што се јавува ноќе, но слевањето секрет од горните делови на дишните патишта убедливо е најчестата.

Продуктивна – „влажна“ кашлица

Далеку е поретка кај децата!
Се јавува кога белите дробови (всушност се работи за бронхиите) се полни со секрет, па со кашлицата се „испумпуваат“, поради што и оваа кашлица се нарекува продуктивна. Обично се работи за бронхитис, поретко за воспаление на белите дробови. Децата можат да го искашлуваат секретот, а помалите го голтаат или го повраќаат.

Дали секоја „влажна“ кашлица доаѓа од белите дробови?
НЕ!
Обилниот, слузест секрет од носот и „горните партии“ од грлото може да се заглави во грлото и душникот, па детето ќе кашла „влажно“ иако нема ништо во градите. Ова дава лажна слика на продуктивна кашлица, а всушност се работи за надразнувачка кашлица со „влажен“ призвук.
Лекарот, по прегледот (аускултација – наслушнување на детето) многу лесно ја решава оваа дилема, која често ги збунува родителите.

Како се лекува кашлицата?

Постои едноставно медицинско правило – не се лекува кашлицата, туку нејзината причина!
Затоа, многу е важно да се постави дијагноза на болеста која е придружена со кашлање. Со лекувањето на основното заболување ќе помине и кашлицата. Затоа, родителите не би смееле на своја рака да ја лекуваат кашлицата, пред да се консултираат со педијатар.
Јасно е дека повеќето деца имаат сува кашлица, која понекогаш многу го вознемирува детето (па и родителите) бидејќи се јавува во напади, и тоа ги тера родителите брзо да стапат во акција и да им дадат:

Антитусици – лекови што ја намалуваат дразбата, па така ја смируваат сувата кашлица. Важно е да се знае дека не се работи за медикаменти кои ја лекуваат причината за кашлицата, туку само ги намалуваат последиците – „досадната“ дразба што го тера детето на кашлање.
Тие се даваат само ако кашлањето го нарушува нормалниот сон на детето или е толку досадно што детето се исцрпува од нападите на кашлица. Ги има повеќе видови – но не треба да се земаат без консултација со педијатар! Се даваат кратко – не подолго од неколку дена, а од нив не треба да се очекува чудо – целосно да го неутрализираат кашлањето, тоа е невозможно додека не се отстрани (излекува) причината за болеста што е проследена со кашлање.

Дали помагаат сирупите на растителна база?
Помагаат!

Тие можат да им се даваат на децата и без преглед доколку детето што суво кашла е добро расположено, има добар апетит, нема покачена температура, нема отежнато и забрзано дишење, а кашлицата се засилува во лежечка положба. Тогаш речиси со сигурност се работи за кашлица која се „слева“ заради вирусно воспаление на носот и грлото.
Сирупот од бел слез ја обложува слузокожата на грлото, ги „покрива“ соголените нервни завршетоци кои ја пренесуваат дразбата на кашлицата и така му помага на детето да се избори со досадната, сува непродуктивна кашлица, а го помага и закрепнувањето (иако не дејствува врз вирусот кој предизвикал кашлица).
Како?
Така што детето поретко кашла (бидејќи белиот слез ја „прекрил“ и заштитил оштетената слузница), па на тој начин се намалува ефектот на „дерење“ на слузокожата, која веќе е разорена од вирусот. Имено, секоја епизода на сува кашлица дополнително ја оштетува повредената слузница на дишните органи, така што рецепторите за кашлица стануваат сè посоголени и надразнети, па кашлицата се засилува и се затвора „маѓичниот круг“ кој води кон влошување на болеста. Затоа, со намалување на надразнувањето, сирупот од бел слез помага во регенерацијата на заболената слузокожа во дишните патишта на детето.

Кога е време за преглед кај педијатар?

Прегледот е задолжителен кога:
– детето добива покачена температура и кашлицата се засилува – ова укажува на сериозна инфекција!
– детето ја губи живоста и станува незаинтересирано и поспано – исто така навестува дека се случува нешто посериозно;
– ќе се јави отежнато (свиркачко) и забрзано дишење – тоа укажува на бронхитис.
– се појавува кашлица слична на кучешко лаење придружена со „стружење“ при вдишувањето и издишувањето. Тогаш сигурно се работи за ларингитис.
– детето губи апетит и упорно повраќа – можеби вирусот го нападнал желудникот.
Добро би било да се направи преглед доколку нема никаков напредок по три до пет дена од користењето на сирупот.

Автор: Горан Вукомановиќ, педијатар



912

X