По разводот на бракот родителите продолжуваат да соработуваат по прашањето за воспитување на децата и донесување одлуки во врска со нивниот понатамошен раст и развој. Така, имаат задача да развијат добра комуникација и соработка кога е во прашање воспитувањето, за на своите деца да им бидат добри родители.

По разводот, повеќето некогашни сопружници најчесто имаат лоша комуникација и тешко воспоставуваат договори во кои и двете страни се задоволни, а децата трпат негативни последици од лошите односи помеѓу родителите. Во ситуација во која возрасните не можат да се договорат, каква порака им се испраќа на децата: Од детски агол тоа изгледа вака:

– ако мајката и таткото не можат да се договорат – како можам да им верувам дека ќе се договорат со мене и дека тој договор ќе се исполни;
– моите родители повторно се расправаат поради мене – јас сум виновен/а;
– лошо се чувствувам затоа што мама/тато зборува лошо за другиот родител – сигурно не би зборувал/а така да бев подобар/а;
– веќе не верувам никому бидејќи ме изневерија оние на кои најмногу им верував.

По разводот детето трпи последици од разделувањето на родителите и неможноста секојдневно да поминува време со двајцата родители, но и последици од родителските односи. Како да се надминат недоразбирањата, лошата комуникација по разводот и да се воспостави добра соработка во однос на родителството?

Надминување на конфликтот преку семејната медијација

Постојат повеќе начини како родителите да го надминат конфликтот и да воспостават добар родителски однос. Еден од нив е семејната медијација. Што значи тоа? Тоа е постапка на решавање на семејните и партнерските конфликти преку преговори со помош на медијатор, односно трета непристрасна страна. Медијаторот е лице кое е неутрално во оваа постапка и кое настојува да им помогне на родителите да го разберат значењето на нивната соработка во воспитувањето на децата, да ја намалат напнатоста, лутината и недоразбирањето во интерес на детето.

Зајакнување на родителите

Медијаторот нема моќ да донесува одлуки, туку ги зајакнува родителите да ги препознаат своите потреби и интереси, да согледаат што сè можат да очекуваат во иднина и да преговараат околу решението кое за нив ќе биде прифатливо. Медијацијата е приватен и доверлив процес кој гарантира доверливост на лични информации. Зајакнувањето на родителите да се договараат околу иднината на децата е примарната цел на медијацијата. Преговарањето за соработка е централната тема бидејќи родителот треба и понатаму да соработува околу воспитувањето на децата и уредувањето на личните односи со нив.

Во текот на медијацијата родителите можат да постигнат:

– договор за вршењето на родителските права;
– договор за издржување;
– договор за делбата на заедничкиот имот.

Предности на семејната медијација се:

– ги намалува напнатоста, лутината и неразбирањето, бидејќи и двете страни имаат можност и простор да го искажат своето мислење кое се вреднува;
– се отвора можност за разговор и соработка бидејќи медијаторот помага и поттикнува конструктивна комуникација и соработка.

Медијацијата може да биде позитивно искуство и едукација за постигнување решенија во ситуации кога постои судир на мислења

– одлуки носат самите родители;
– насочува на идни односи, не на минатото;
– штеди време и пари – судските постапки се скапи и долго траат, за разлика од медијацијата која трае многу пократко.

Резултат на медијацијата е договор со кој се согласни двете страни. Медијацијата е создадена за да одговара на специфичните потреби, односно интереси на родителите. Нашето искуство во работата со родителите во постапката на медијација покажало дека клиентите го гледаат договорот како фер и праведен. Постапката на медијација може да се прекине на лична иницијатива на родителите, по препорака на судија во постапка која се води пред суд или по препорака на Центарот за социјална работа.

Автори: Љиљана Марковиќ, специјален педагог и Јелена Вукичевиќ, психолог



912

X