Како децата учат да одат? Со смело пуштање и чекор напред. Тие се откажуваат од сигурноста на поддршката и се препуштаат на нивните нозе и нивното расудување.

Секако дека треба да биде несмасно. Се занесуваат, се затрчуваат, па паѓаат. Малку плачат, затоа што не е пријатно, но пак стануваат и продолжуваат. Природата се погрижила инстинктот да го надмине стравот. Природата, исто така, се погрижила тие да бидат под будното око на нивните родители, кои ги штитат од нивната илузија на семоќност и брзање во опасност. И исто толку важно, природата се погрижила да бидат доста отпорни на сите оние блиски средби со тврдите површини, а модринките и изгребаните колена да се привремени болки кои не оставаат трајни ефекти.

Што би се случило доколку природата не им обезбеди на децата бестрашност на оваа возраст? Веројатно немало да се осмелат да се „впуштат“ во непознатото, или првиот болен пад целосно ќе ги обесхрабри. Никогаш не би научиле да одат. Тие никогаш не би знаеле дека можат да одат. Стоењето на сопствените нозе е цел до која се доаѓа со трпење несигурност и болка, поради направените грешки. Мораме да паднеме одреден број пати за да научиме да одржуваме рамнотежа. Само така ќе дознаеме што е пребрзо, што е пребавно, што е премногу безбедно, а што е премногу плашливо.

Како можеме да ја искористиме оваа лекција во родителството?

Најпрво треба да се ослободиме од стравот дека секоја нивна постапка е одлучувачка, а потенцијално трајно штетна. Последица на овој страв е што родителите не се осмелуваат да се „пуштат“ и да се одвојат од поддршката, во форма на овој или оној совет што го добиле од овој или оној експерт, и ризикуваат да направат некаков чекор „сами“. Затоа тие се чувствуваат немоќни и дезориентирани секојпат кога она што се обиделе да го применат врз основа на сите оние книги што ги прочитале и видеа што ги гледале – не функционира.

Тие не можат да го навикнат детето да заспива. Не можат да го одвикнат од носење в раце. Не можат да го научат самото да се подготвува за во градинка. Не знаат да му наметнат граници и структура. Ништо не можат бидејќи начинот на кој се обидуваат не им оди, најмногу затоа што се плашат дека нивната решителност и непоколебливост ќе ги повреди емоциите на детето и дека детето нема да може да го преболи тоа.

Родителите знаат дека има и други начини, освен да се потпираат на добрата волја и доброто расположение на детето. Што ако е премногу сурово, премногу болно за детето, што ако мисли дека не го разбираме, не го прифаќаме, не го сакаме?

Затоа родителите доаѓаат по прецизни упатства – која е вистинската мерка. Чувствуваат дека тоа што го прават е премногу нежно, но не знаат од каде почнува да биде премногу грубо. Ним им требаат точни координати.

Но, нема такви координати. Како што не можете да му дадете на детето точни упатства како да оди, тоа самото треба да научи да одржува рамнотежа, така не можете да му кажете на родителот што точно да прави. Замислете родител кој постојано оди покрај детето и му вели: „Сега крени ја левата нога! Сега намести ги рамената… сега наведни се малку надесно!“ Дури и да е физички возможно, тоа нема да му користи на детето на долг рок, исто како тоа што тренерот стои до вас цел ден и ви кажува што точно да кажете или да направите – не е решение.

Затоа, и родителот мора да научи да оди сам. Насоките се корисни, но, како што секој родител брзо сфаќа, често е тешко или невозможно да се преведат во ситуации од реалниот живот. Затоа понекогаш треба да се ослободите и да трчате. И тогаш, сосема веројатно, ќе паднете. Ќе сфатите дека сте биле премногу строги, премногу груби. Дека не сте ги слушале доволно моменталните емоционални потреби на детето. Дека се чувствува лошо. Дека требало да бидете малку понежни.

Но, нема секогаш да паднете. Исто така, многу лесно може да се случи да бидете пријатно изненадени. Тоа што ви изгледало ризично, страшно – детето всушност многу добро го прифаќа. Ќе сфатите дека тоа не е направено од најтенок порцелан и дека може да поднесе оти работите не се секогаш по негова мерка, и дека има капацитет да се справи со своите емоции.

Среќната околност е што природата веќе го има земено предвид сето тоа. Сите родители застанале на две нозе и оделе – и правеле грешки. Ако децата не беа сосема отпорни на емотивни „модринки“, „јазли“ и „гребеници“ кои секогаш ги добиваат од родителите кои се обидуваат да најдат „точни координати“, немаше одамна да бидеме на планетата.

Не е лошо ако денес сте ги изгубиле нервите по напорниот ден на работа и му викате на вашето дете кое почнало да се жали затоа што нема веднаш да го однесете во парк. Лошо е ако го правите тоа секој ден. Ако сте заклучиле дека тоа е погрешен пат бидејќи детето долго време било исплашено и тажно, а следната вечер сте го смениле пристапот, детето брзо ќе заборави на оваа емотивна „модринка“ бидејќи има голем психолошки отпор. Детето е одличен статистичар кој знае како да се чувствува добро ако сте срдечни во повеќето случаи, а вашата повремена грубост и неумереност да ја смести под „статистички грешки“. Честопати нема да можете да дознаете која е вистинската мерка ако не се осмелите да се обидете.

Значи, нема одење без болни падови. Само, ако е некаква утеха, кога станува збор за родителството, погрешните чекори честопати се поболни за нас, родителите, отколку за децата. Детето ќе заборави за ден-два, а ние ќе се сеќаваме, ќе премотуваме во главата и ќе се бориме со грижа на совест со денови, недели. Сѐ додека не прифатиме дека сето тоа е дел од одењето.

Лошо е кога веднаш почнуваме да маршираме премногу самоуверено, газејќи без многу внимание на потребите и чувствата на детето. Тогаш не остануваат само модринки, туку и рани, кои не зараснуваат за неколку дена. Но, ако чекориме внимателно и сме подготвени да учиме од нашите неуспеси, со текот на времето ќе стекнеме самодоверба и ќе најдеме добра рамнотежа. Во спротивно, ако не се осмелиме да се пуштиме, нема ни да знаеме дека можеме самите да одиме, а постојано ќе бараме рака за да се задржиме.

Извор



912

X