Предвремено породување се јавува кога редовните контракции доведуваат до отворање на грлото на матката по 20. и пред 37. недела од бременоста. На многу предвремено родени бебиња им е потребна посебна грижа во одделот за неонатална интензивна нега, според клиниката „Мајо“.

Специфичната причина за предвремено раѓање често не е јасна. Одредени ризик-фактори може да ја зголемат шансата за предвремено породување, но тоа се јавува и кај трудници без познати фактори на ризик.

Симптоми

Знаците и симптомите на предвремено породување се:

-Редовни или чести чувства на затегнување на абдоменот (контракции);
-Постојана слаба, досадна болка во грбот;
-Чувство на притисок во карлицата или долниот дел на стомакот;
-Благи грчеви во стомакот;
– Крвавење;
-Предвремено пукање на воденикот;
-Промена на типот на вагинален исцедок – воден, слуз или крвав.

Кога треба да одите на лекар?

Ако ги имате овие знаци или симптоми, или сте загрижени за она што го доживувате, веднаш контактирајте го вашиот лекар. Не грижете се ако ги помешате лажните контракции со вистинските. Сите ќе бидат среќни ако се работи за лажна тревога.

Ризик-фактори

Предвремено породување може да се случи во секоја бременост. Сепак, многу фактори се поврзани со зголемен ризик од предвремено породување, вклучувајќи:

-Претходно предвремено породување, особено во последната бременост или во повеќе од една претходна бременост;
-Бременост со близнаци, тројки или други повеќеплодни бремености;
-Скратено грло на матката;
-Проблеми со матката;
-Пушење цигари;
-Одредени инфекции, особено на плодовата вода и долниот генитален тракт;
-Некои хронични состојби, како што се висок крвен притисок, дијабетес, автоимуни болести и депресија;
-Стресни животни настани, како што е смрт на некој близок;
-Премногу амнионска течност (полихидроамнион);
-Вагинално крвавење за време на бременоста;
-Присуство на вродени дефекти на фетусот;
-Интервал помал од 12 месеци – или повеќе од 59 месеци – помеѓу бременостите;
-Возраста на мајката.

Компликации

Компликација од предвремено породување е предвремено родено бебе. Бебето може да има голем број здравствени проблеми, како што се мала родилна тежина, тешкотии со дишењето, неразвиени органи и проблеми со видот. Бебињата родени предвреме се исто така изложени на поголем ризик од церебрална парализа, тешкотии во учењето и проблеми во однесувањето.

Превенција

Можеби нема да можете да спречите предвремено породување – но има многу нешта што можете да ги направите за да имате здрава, долготрајна бременост:

Редовна пренатална нега

Пренаталните прегледи му помагаат на вашиот лекар да го следи вашето здравје и здравјето на вашето бебе. Наведете ги сите знаци или симптоми што ве загрижуваат. Ако имате историја на предвремено породување или имате симптоми на предвремено породување, можеби ќе треба почесто да го посетувате вашиот лекар за време на бременоста.

Јадете здраво

Здравите исходи од бременоста се во голема мера поврзани со добрата исхрана. Дополнително, некои истражувања покажуваат дека исхраната богата со полинезаситени масни киселини (PUFA) е поврзана со помал ризик од предвремено породување. Тие се наоѓаат во јаткастите плодови, семките, рибите и маслата од семки.

Избегнувајте ризични навики

Ако пушите, престанете, побарајте помош или совет да се откажете од цигарите.

Размислете за растојанието помеѓу бременостите

Некои истражувања укажуваат на врска помеѓу бременостите на растојание од помалку од шест месеци или повеќе од 59 месеци и зголемен ризик од предвремено породување. Размислете да разговарате со вашиот лекар за растојанието помеѓу вашите бремености.

Бидете внимателни кога користите асистирани репродуктивни технологии

Ако планирате да користите такви методи за да забремените, размислете колку ембриони ќе бидат префрлени. Повеќекратната бременост носи поголем ризик од предвремено породување.

Контролирајте ги хроничните состојби

Одредени состојби, како што се дијабетес, висок крвен притисок и дебелина, го зголемуваат ризикот од предвремено породување. Соработувајте со вашите ,лекари за да ги држите под контрола сите хронични состојби.

Автор: Јасна Дреновац

Извор



912

X