м-р Светлана Трнинкова, логопед

м-р Светлана Трнинкова, логопед

ООУ „Ванчо Прке“ – Штип тел: 075224315

Повеќе од авторот

Детето со елективен мутизам селектирано ги избира ситуациите и личностите со кои ќе зборува и тие со кои нема да зборува

Оваа дијагноза најчесто се поставува во претшколска и рана школска возраст – детето престанува да зборува со другите од околината, а многу ретко зборува со личност која му е емоционално блиска. Детето со елективен мутизам селектирано ги избира ситуациите и личностите со кои ќе зборува и тие со кои нема да зборува.

Елективниот мутизам треба да се издвои и посебно да се опише од мутизмот – одбивање на детето да зборува како резултат на пречки во менталниот развој, шизофренија и други облици на мутизам. Во клиничките особености на елективниот мутизам треба да се вметне една појава на хистерична реакција на детето на одредени психолошки состојби кои предизвикуваат напнатост и вознемиреност. Но, сите овие лица имаат нормален коефициент на интелигенција (IQ).

Услови за појавување на елективниот мутизам

Елективниот мутизам се појавува кај деца кои се наоѓаат пред големи барања и предизвици. Пред недостижни и високи цели, а за кои самите проценуваат дека не се во состојба и можност да ги остварат и да најдат решение. Во основа, овие деца имаат нарушен селф-концепт (слика и претстава за себе), но понекогаш и објективно ниски способности и капацитети.

Кога самите ќе заклучат дека нешто не можат да го направат или научат, се повлекуваат во себе. Тоа се задачи или ситуации кои ги надминуваат нивните способности и разбирања. Обично се засрамени од своите неспособности и неуспешност и одбиваат да зборуваат. На пример, кај седумгодишно девојче кое тргнало во прво одделение се појавува елективниот мутизам. Не зборува во училиште во првото полугодие, единствено со блиска другарка тивко шепотела за време на одморите. Кај елективниот мутизам говорот постоел и постои, но во одредени ситуации детето не зборува. Со соодветен логопедски третман и со дополнителна работа со родителите, девојчето прозборувало во второто полугодие.

Која е причината за појавата на елективниот мутизам

  • Преголем заштитнички став на родителите.
  • Претерана приврзаност на мајката со детето која преминува во опсесија и паника.
  • Анксиозност од одредени ситуации и состојби што се случиле или антиципирање на истите (што би му се случило на детето ако изеде нешто немиено или расипано, ако не го видам и изеде нешто што паднало на под или со валкани раце).
  • Претерана срамежливост.
  • Несигурност во себе и недоверба во другите.

Кога настанува елективниот мутизам?

Настанува во детството во претшколската возраст или со поаѓање на училиште. Детето престанува да зборува со наставниците, воспитувачите и со другите авторитети од поширокото опкружување. Продолжува да зборува со блиски личности со кои се чувствува сигурно, со некој член од семејството или блиско другарче.

Елективниот мутизам се јавува на возраст од 3 до 5 години. Тоа е почетниот стадиум кој понатаму продолжува во претшколскиот и раниот школски период. Се појавува по периодот на веќе добро формиран говор и речник.

Елективниот мутизам може да се појави и кај адолесценти на 12-годишна возраст, но тука веќе има и дополнителни фактори во однесувањето на личноста. Честа појава е клептоманијата, суицидни идеи и конверзивни симптоми. Во однос на полот, елективниот мутизам почесто се јавува кај девојчињата.

Форми на елективен мутизам

– Елективен мутизам – хистероидна форма. Во основа се појава на панични и хистерични напади, од тензични и анксиозни ситуации во кои детето вака реагира, а понатаму со потиснување и нерешавање на овие ситуации се одразува врз говорот како еден контраефект или казна за родителите или непосредната конфликтна средина.
– Елективен мутизам – депресивна форма. Еден од симптомите на депресивните форми и нарушување на однесувањето и личноста на детето.
– Елективен мутизам поврзан со изолација и екстремно повлекување на детето во себе и од социјалното опкружување.
– Елективен мутизам поради низок коефициент на интелигенцијата. Елективен мутизам на лица со гранична интелигенција.

Научникот Леиборн во 1979 година дефинирал две форми на елективен мутизам.

– Примарен елективен мутизам кога детето одбива да зборува во училиштето со непознати.
– Секундарен елективен мутизам кој се јавува со неможноста за зборување при губиток на слух, шизофренија, хистерични реакции, афонија и кај афазиите.

Диференцијална дијагностика – елективниот мутизам треба да се издвои од:
– Раните детски психози.
– Заостанување во менталниот развој.



912

X