Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка која има две и пол години и во последно време не сака да се бања, ниту да ѝ ги сечеме ноктите. Од тоа малку ми се гади, па ако може да ми дадете некој совет.

ОДГОВОР: Возраста на која е вашето дете е период на брз раст на физичките, емоционалните, когнитивните и социјални вештини. Ова е период кога вашата ќерка почнува да ја потврдува својата независност, што е природен и важен дел од растењето.
Веројатно се соочувате со честата употреба на „НЕ“ или „Јас сакам сама“, чувство на автономија од нејзина страна, кое понекогаш може да доведе до борба за моќ со вас, родителите. Ова е нејзин начин да истражува, да ги тестира границите и да открие што може да контролира.

Иако нејзината способност за комуникација расте, таа сѐ уште не умее да ги искаже своите емоции, што понекогаш води кон фрустрација и бес кога се чувствува преоптоварено. Во овој период многу е важно да има конзистентни рутини кои ќе ѝ даваат чувство на сигурност и предвидливост во нејзиниот свет кој постојано ќе се шири.

Бидејќи децата најмногу сакаат да си играат, за да го направите времето за капење попријатно, бидете малку креативни и обидете се да го претворите во игра. Би било добро да користите играчки за капење, да ја бања омилената кукла, да ја мачка со пена, а потоа да ѝ ги сече ноктињата. Заедно купувајте гелови за туширање, да ги помириса, таа да одбере.

За ноктите, обидете се да ги сечете кога е опуштена или кога ѝ е привлечено вниманието со нешто друго, на пример, додека гледа цртан филм. Може да играте маникир, да ги негувате рацете, да ги мачкате со крем. Измислете игра, бројте ги прстињата „кое прво нокте да го скратиме“. Дозволете ѝ да ве гледа вас или некој друг член од семејството како ги сече ноктите.
Бидете трпеливи, нежни и опуштени за да му ја пренесете довербата на вашето дете и фокусирајте се на забавата.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X