Во текот на студените денови настинките се сè почести, а влегувањето и излегувањето на отворен и затворен простор и сувиот воздух поради централното греење знаат да доведат до затнување на носот кај бебињата. Тоа е честа појава, а поради тоа бебето може гласно да диши или да има тешкотии при доењето. Можеби ќе ви се чини дека диши забрзано, но треба да знаете дека бебињата и вообичаено дишат брзо, во просек 40 вдишувања во минута. За споредба, кај возрасните бројките се од 12 до 20 во минута. Меѓутоа, ако забележите дека бебето прави повеќе од 60 вдишувања во минута и тешко му е да дојде до воздух, тоа е доволна причина за одење во итна помош.

Причини и симптоми за затнат нос

Пред да почнете да го третирате бебето, важно е да знаете што го предизвикало затнувањето на носот, за што помага бојата на слузот. На пример, проѕирен и воденест слуз најчесто е знак дека се работи за вирус. Причините може да бидат многубројни, од типични настинки до алергии, сув воздух или девијација на септумот. Секако, советувајте се со педијатар за да ја откриете точната причина. Типичните симптоми по кои ќе препознаете дека на бебето му е затнат носот се: густ или воденест секрет во носот, ‘рчење или гласно дишење при спиењето, шмркање, кашлање, отежнато доење.

Можни решенија

Ако се работи за вирусна болест, за жал, не постои лек, туку само некои работи што можете да ги направите за да му олесните на детето додека не оздрави. Носот можете да го чистите однадвор со вата потопена во млака вода, а околу ноздрвата можете да втриете и малку вазелин за да се спречи иритација и пукање на кожата. Избегнувајте хартиени марамчиња бидејќи се премногу груби за кожата на бебето.

Навлажнувач на воздух или пареа

Причина за затнување на носот понекогаш може да биде и сувиот воздух во просторијата, па потребно е да се навлажни. Затоа се корисни апаратите за навлажнување на воздухот. Поедноставна метода може да биде и ставање мокар пешкир на радијатор, а истиот ефект ќе се постигне и во бања со пареа, во која може да го однесете бебето неколку пати дневно.

Физиолошки раствор и аспиратор

И овие работи може да помогнат при омекнување на секретот. Советувајте се со лекар што од нив да изберете, а потоа, по хранењето, ставете неколку капки во ноздрите на бебето. Физиолошкиот раствор можете да го ставите на помало парче вата, при што половина од ватата треба да влезе во ноздрвата, а половина да остане надвор. Секако, избегнувајте стапчиња за уши бидејќи може да го повредат носот на бебето. Потоа, користете аспиратор кој е наменет за извлекување на преостанатиот секрет од носот на бебето. Постојат повеќе видови, од оние што може да се спојат на правосмукалка до аспиратори со усно вшмукување.

Бања и положба на спиење

Благо кренатата положба во спиењето може да му помогне на детето при дишењето, па можете да ставите перница под душекот на местото од главата. Притоа е многу важно перницата никогаш да не се стави на горната површина од душекот бидејќи тоа може да предизвика прегревање на организмот, па и задушување.

Корен од слез или масло од евкалиптус

Освен физиолошки раствор, некои мајки натопуваат неколку капки од сопственото млеко во носето на бебето. Исто така, капки од корен од слез се ефективни, а може да се обидете и да ставите неколку капки етерично масло од евкалиптус во етерична ламба, но не преблиску до детското креветче.

Ако носот на бебето е затнат, а не забележувате никаков секрет, обратете се на педијатар и никако немојте сами да се обидувате да извлекувате нешто од носот на бебето. Повеќето деца учат да го дуваат носот дури во втората година од животот, а некогаш и подоцна. Кај постарите деца поефикасни се ихалациите со додаток на камилица.

Извор



912

X