Нема ништо послатко од тоа кога вашето дете првпат ќе ви рече „мамо“. И нема поголем шок кога ќе ви рече „те мразам!“ Можеби ова не се случува во секое семејство, но во нашето тоа е речиси регуларно нешто, секојпат кога мојата 6-годишна ќерка навистина многу ќе се налути. Ако ја одбиеме за нешто што навистина многу го сака, како на пример уште една епизода од „Патролни шепи“ или слатки за појадок, нејзиниот одговор на тоа е „Те мразам!“, а тоа малку ми го крши срцето.

Што треба една мајка да направи кога ќе се соочи со такво нешто од толку младо лице кое е толку сакано? Прво, не треба да се реагира бурно, вели Бетси Браун, специјалист за детски развој и автор.

– Добро е децата да ги изразуваат големите чувства на ваков начин. Иако не е пријатно да се слушнат тие зборови, вие треба да си кажете себеси дека не го сфаќате тоа лично. Не се работи за мене, се разбира дека моето дете не ме мрази – вели Браун.

Според неа, помладите деца сè уште ја учат моќта на своите зборови и нивниот ефект врз луѓето. Па кога вашето дете ќе ви рече „те мразам“, она што навистина го мисли е: „Како можам да те натерам да разбереш што сакам?“ Како родители, вие треба да ги ставите настрана вашите повредени чувства и да се обидете да го искористите тој момент како можност да му помогнете на вашето дете да се развие емоционално.

– Не повлекувајте се кога потребите ќе излезат на површина. Валидизирајте ги нивните чувства. Кажете: „Леле, навистина си многу лут. Кажи ми што е тоа што толку те лути“.

Сепак, вербалното избувнување е всушност чекор во вистинската насока. Родителите поминуваат години обидувајќи се да ги научат децата да не удираат, клоцаат или гризат кога се лути и да користат зборови наместо тоа, па кога конечно почнуваат да користат зборови (дури и ако тие не ни се допаѓаат), не треба да ги замолчуваме. – Дали би сакале децата да користат лош збор или да ве игнорираат – вели Браун. Со други зборови, не замерувајте му многу на детето.

Исклучокот за ова е ако детето почнува да ве нарекува со погрдни имиња.

– Не е во ред детето да ви каже: „Глупав/а си“. „Те мразам“ – е опишување на чувство, но ако ве нарече глупав/а, тогаш тоа е навреда. Ако добиете навреда за возврат, Браун советува да си тргнете од ситуацијата и да не му дадете внимание на детето. По период на изладување, објаснете му на детето: „Не мора да ти се допаѓам. Можеш да ми се лутиш. Но, не смееш да ме навредуваш со погрдни имиња. Нема такво нешто во ова семејство“.

Автор: Ејми Врубл

Извор



912

X