Како да ги храните малите пребирливци?
Според стручните дефиниции, постојат две основни појави кои придонесуваат за одбивање одредени видови намирници во детството: прехранбена неофобија и пребирливост или немир при хранењето. Притоа неофобијата претставува одбивање или избегнување нови намирници, а пребирливоста или немирот при хранење се однесува на децата што не консумираат доволно разновидни намирници бидејќи едноставно одбиваат голем број намирници кои им се познати или помалку познати.
Постојат различни стратегии како да се борите со малите пребирливци
Во текот на растењето повеќето проблематични деца усвојуваат разновидна прехрана, меѓутоа, за периодот со битки на семејната маса експертите од клиниката „Мајо“ смислиле десет совети за подобра прехрана на малите пребирливци.
1. Почитувајте го апетитот на детето – или недостигот на апетит
Ако детето не е гладно, не присилувајте го на оброк или меѓуоброк. Исто така, не подмитувајте го и не поттикнувајте го да ја „исчисти“ чинијата. Ваквото однесување може само да ја зголеми желбата за борба околу храната, а детето го поврзува времето за оброк со анксиозност и фрустрација. Послужете мали порции за да не го обесхрабрите детето со голема количина храна и овозможете му самото да побара уште храна.
2. Држете се до рутината
Оброците и меѓуоброците послужувајте ги во приближно исто време секој ден. Со оброците послужете мала количина овошен сок или млеко, а помеѓу оброците понудете обична вода.
3. Бидете трпеливи со новите намирници
Малите деца обично ги допираат или мирисаат новите намирници или земаат мали залаци, а потоа ги плукаат. Повеќето деца бараат повторно излагање на новата намирница, а оние „проблематичните“ обично ја прифаќаат по 10-16 излагања. Охрабрете го детето да ја проба новата намирница така што ќе зборувате за бојата, формата, текстурата и аромата на храната, а не со сугестивно повторување дека намирницата има одличен вкус. Секогаш вреди правилото дека новата намирница треба да се послужи со омиленото јадење на детето.
4. Нека биде забавно
Послужете брокула или друг зеленчук со омилениот сос или прелив. Храната сечете ја на малечки, необични облици. Храната што ја сака детето за појадок послужете ја за вечера. Настојувајте да послужувате разновидна и шарена храна.
5. Вклучете го детето како помошник во кујната
При купување на намирниците побарајте од детето да ви помогне да изберете овошје, зеленчук и други продукти. Не купувајте ништо што не сака вашето дете да јаде. Дома, охрабрете го детето да ви помогне да го измиете зеленчукот, да ги мешате смесите и да ја наместите масата.
6. Бидете добар пример
Сите истражувања се согласни во тоа дека децата чии родители имаат добри прехранбени навики развиваат здрав начин на исхрана.
7. Бидете креативни
Додајте ситно сечен зеленчук во сос за шпагети, додајте ситно сечено овошје во житариците, или рендани тиквички и морков во варива и супи.
8. Намалувајте ја можноста од одвлекување на вниманието од јадењето
Изгасете го телевизорот и другите електронски направи во текот на оброкот. Ова ќе му помогне на вашето дете да се фокусира на јадењето. Имајте на ум дека ТВ-рекламите што промовираат слатки во текот на детската програма поттикнуваат желба кај детето за слатка храна.
9. Не нудете десерт како награда
Нагласувањето на десертот создава порака дека тој е најдобар дел од оброкот што може само дополнително да ја поттикне желбата кај детето за слатка храна. Два дена во неделата може да се изберат како денови кога се послужува колач или нешто слатко, а другите денови не треба да се послужува десерт, па може да ставите овошје, овошен јогурт, сушено овошје и јаткасти плодови.
10. Не гответе по нарачка на детето
Подготовката на посебниот оброк само за детето откако го одбило семејниот оброк може дополнително да го поттикне пребирливото однесување. Охрабрете го детето да остане да седи на маса во текот на оброкот, без разлика дали јаде или не. Бидете истрајни во послужувањето здрави избори за детето сè додека таа храна не му стане блиска и омилена.
Ако сте загрижени дека пребирливото хранење ќе го компромитира растот и развојот на вашето дете, консултирајте се со педијатарот, кој може да препорача посебен хранлив надомест, па ќе ве подучи на конкретни трикови, зависно од однесувањето на вашето дете. Исто така, треба да се бележат видот и количината храна што детето ја консумира во текот на три или седум дена, што може да ви даде подобар увид во општиот квалитет и баланс во исхраната на детето. И на крајот, имајте на ум дека прехранбените навики на детето не може да се променат преку ноќ – но малите чекори што ги преземате секој ден можат да помогнат во промовирањето на здравите прехранбени навики во текот на целиот живот на детето.
Како креативно да им се послужи храна на пребирливците?
Според новите научни истражувања, родителите на пребирливите деца би требало да понудат храна во различни бои за да ги охрабрат да се хранат разновидно и нутриционистички правилно. Имено, откриено е дека бојата на храната има значајно влијание врз децата во формирањето на прехранбените навики. Попрецизно, чинијата што содржи седум различни намирници и шест различни бои е особено интересна за децата, додека возрасните повеќе преферираат помалку бои и видови намирници во чинијата (најмногу три).
Освен бојата и бројот на намирници, врз детскиот избор влијае и специфичниот дизајн на храната ставена во чинија, со што е докажано дека не се само вкусот и мирисот пресудни во изборот, туку и формата, големината и визуелниот впечаток на она што се сервира и нуди за консумација.
На таа карта играле некои од светски познатите дизајнери кои создале чинии со посебни цртежи што го поттикнуваат детето на игра со храната, но и на јадење. На пример, еден јапонски дизајнер креирал чинија со лице која денес може да се купи на различни краеви од светот. Децата може да го украсуваат лицето на чинијата така што од еден вид храна ќе направат фризура, од друг брада, различни украси како обетки, шапки, мустаќи… а потоа тие намирници ги јадат со поголем интерес.
Сличен пристап имал и полскиот дизајнер Богуслав Сливински, кој креирал забавни чинии и за најголемите пребирливци. Во овој случај храната на чинијата само ја продолжува интересната приказна и ги тера децата (но и постарите) да го јадат и најомразениот зеленчук за да видат што се сокрива под храната. Идејата произлегла како природен тек на родителството во кое се сретнал со фрустрирачкото одбивање на грашокот или морковот од страна на неговото дете. Сливински одлучил да им дозволи на децата да бидат „капетани“ или „возачи на камион“ и преку игра да го изедат зеленчукот.
Како да се поттикнат децата да јадат зеленчук и овошје
Можеби не сакаат зеленчук поради преголемата чувствителност на горко, која ја имаат дури 70 отсто од децата. Нова студија објавена во магазинот на Американската диететска асоцијација открива дека со додавањето мала количина дресинг (сос) на зеленчукот во текот на оброкот децата ќе изедат барем малку од зеленчукот. Познато е дека децата може да се научат да јадат зеленчук доколку тој им се сервира во оброкот, без присила и уцена.
Упатството за родителите во текот на таквата „камуфлажа“ на вкусување на зеленчукот со сос е дека не мора нужно да користат масни, густи и солени сосови за учинокот да биде видлив, туку некои сосови со намалена масленост, базирани на јогурт и богати со калциум, или нешто слично.
Добар пристап е послужувањето залаци, на пример:
– полумесечинки од тенки кришки јаболка
– бротчиња од банана
– крошни од брокула и карфиол
– мечеви од морков
– коцки сирење
– кајчиња од варени јајца
– житарици во различни облици.
Вака послужената храна може да се консумира како меѓуоброк, а освен што ја окупира нашата имагинација во текот на послужувањето, може да се консумира и во текот на игра.
Другиот пристап вклучува поголема количина зеленчук што може да се додаде во омилените јадења – на пример, омлет, палачинка, сос за шпагети, лазањи, ориз или други видови житарици кои детето сака да ги јаде. Палачинки со тиква, морков или тиквичка, обично се трик кој поминува кај повеќето пребирливци.
Подгответе „магична“ напивка
Ако вашето дете сака повеќе да пие отколку да јаде, подгответе му вкусни и хранливи „шејкови“ врз основа на овошје, млеко, јогурт и зеленчук. Ако се доволно ретки, може и да ги пие со сламка, а хартиени чадорчиња и омиленото овошје поставени на работ на чашата само ќе го подобрат општиот впечаток. Ако на оваа напивка ѝ ги припишете и „магичните“ својства од кои расте силата и моќта, сигурно ќе успеете.
Играчка со оброкот – да или не?
Новите истражувања покажале дека на претшколските деца, на возраст од две до пет години, може да се влијае да изберат здрава храна, на пример, оброк кој содржи супа, мешан зеленчук и млеко, ако со оброкот им се подари играчка, особено ако се работи за играчка од колекцијата што детето ја собира. Дополнително, 73 отсто од родителите се согласуваат со таквиот пристап, а 92 отсто од родителите се противат на таквиот пристап кога се работи за оброци што се брза храна, преку кои децата најмногу добиваат бесплатни играчки.
Истражување покажало дека играчките со оброкот влијаат врз детската перцепција за вкусот на храната и на нивниот избор дали некоја храна ја сакаат или не.
Други две истражувања покажале дека ако децата знаат дека со оброкот ќе добијат играчка, која ја немаат во својата колекција, кај тие деца ќе се зголеми интересот за тој оброк и однапред оброкот ќе се избере, без разлика за каква храна се работи. Ако се понудат два различни оброци (здрави и типична брза храна), без играчка, брзата храна ќе биде првиот избор.
Сето наведено сигурно ја поддржува идејата дека присуството на играчката со оброкот може однапред да влијае врз детската перцепција за тоа каков вкус ќе има одредена храна и како детето ќе ја прифати. Меѓутоа, колку е исправен таквиот пристап, во согласност со другите правила што не одобруваат „подмитување“, е навистина дискутабилно.
Автор: проф. д-р Дарија Вранешиќ-Бендер, клинички нутриционист