На детското игралиште присуствував на сцена меѓу две момчиња од седум и осум години. Како одговор на тоа што помладото момче му го кажа, постарото со сета сила го удри.
Ова не е првпат да присуствувам на ваков развој на настаните. Постарото момче, кое инаку е со далеку поситна градба, повеќе пати физички му се нафрлува на помладото, кое е покрупно и кое упорно не сака да се тепа. Помладото заминува дома и јас го прашувам „насилникот“:

„Што мислиш, што ќе се случи ако тој тебе те удри? Види колкав е, со еден удар може да те повреди!“
Момчето ме гледа со мангупска насмевка:
„Јас знам дека тој никогаш нема да ме удри!“
„Како го знаеш тоа?“
„Тој никогаш нема никого да удри. Таков е!“
„Сакаш да кажеш дека е добар и ВОСПИТАН?“
Момчето гледа во земјата, не ми одговара и натаму насмевнувајќи се. Изгледа дека сум во право и дека самото е свесно за тоа. И не е само тоа такво.

Ова ми е особено впечатливо бидејќи речиси секое насилно дете не се истакнува со натпросечен физички изглед за својата возраст. Колку што се сеќавам, кога и самата бев дете, се плашевме од покрупните и повисоките. Лекување комплекси од толку мала возраст? Или родителите ги учат на ваков начин да ја надминат негативната слика за себе?

Ги прашав родителите на „невоспитаните“ деца зошто дозволуваат вакво однесување. Повеќето од нив одбегнаа да одговорат. Неколку родители ми рекоа дека не сакаат да се мешаат во односите на нивното дете со другите деца. Помал број признаа дека ги воспитуваат своите деца да бидат такви бидејќи сметаат дека тие ќе станат жртви ако не се однесуваат така.

Значи, да удрат наместо да објаснат, да се исмејуваат со децата што покажуваат емоции, поголемо знаење и поразвиени вештини, преку агресија да ја демонстрираат својата „сила“ и така да ги уплашат оние од кои всушност самите СЕ ПЛАШАТ. Затоа, не е изненадувачки што таквите, агресивни деца се физички поситни и помалку образовани, а често и нивните родители биле жртви на врсничко насилство или на недоволно стимулативно опкружување.

Овој и други слични настани тераат на размислување дали грешат родителите што се трудат да ги воспитуваат своите деца да ги почитуваат другите, да се грижат за нивните чувства, да не се тепаат, да не исмејуваат, пристојно да се однесуваат на јавни места и слично. Дали ваквото „традиционално“ воспитување е надминато и дали ќе им донесе повеќе штета отколку корист на воспитаните деца?

Не треба и не смееме да ја игнорираме тагата на воспитаните деца кога ќе доживеат вербално или физичко насилство од врсниците бидејќи ние сме одговорни затоа што не возвраќаат со иста мера. Тие се воспитани да реагираат на гандиевски начин.
Кога ќе посведочам на невоспитано однесување, го прашувам моето дете да го искоментира однесувањето и причините за него. Доколку не знае, јас се „вметнувам“. Со разбирањето на појавите и причините се намалуваат и негативните чувства кои детето, ни виновно ни должно, може да ги има за СЕБЕ.
Често се фокусирам на однесувањето на возрасните бидејќи децата имаат уште време да го сфатат поимот цивилизирано однесување и подоцна на пофункционален начин да се носат со своите комплекси…

Кога сакаме нашите деца да бидат убаво воспитани, мораме да бидеме свесни дека токму поради тоа, може да се чувствуваат глупаво, изиграно или неприспособени во средината. Должност на секој родител е да го подготви детето за реалниот живот и мислам дека е грешка да се премолчи дека невоспитаните и некултурните поединци се сè почеста појава. Затоа, воспитаните деца мора да развиваат вештини за однесување со невоспитаните деца, а подоцна и со исто така некултурните и невоспитани возрасни луѓе. Ова е многу важно бидејќи во спротивно воспитаното дете може да се претвори во жртва на убавото воспитание.

Автор: Милена

 



912

X