Пригмечувањето на прстињата се случува многу брзо кога на едно исто место ќе се најдат деца, врати и прозорци. Како треба да се дејствува ако се случи ваков инцидент?

Прстињата на детето сè уште се мали и нежни. Кога ќе се најдат меѓу вратите во дневната соба, во багажникот или во рамката од прозорецот, несреќата е веќе тука. Дури и кога сето ова ќе помине релативно добро, прстињата може да бидат со модринки под ноктињата.

За да спречите вакви повреди, проучете како можете да ја заштитите вратата, односно какви заштитни помагала постојат што се соодветни за вашиот животен простор. Добар почеток за заштита се сунѓерестите стопери за врати (во форма на потковица), кои едноставно се поставуваат на вратите и спречуваат тие да се затворат докрај. Ако не сте во можност да набавите ваква заштита, може да ви помогне и голема крпа која ќе ја врзете околу кваките од двете страни на вратата.

Ако детето сепак се повреди, преземете ги следниве мерки:

Разладувајте, разладувајте, разладувајте

Ако детето ги пригмечило прстињата, важи истото правило како и при џумки и хематоми од удари: разладувајте, разладувајте, разладувајте. Така ќе ги намалите отоците и болката. Притоа детето нека ја држи раката во вис над нивото на срцето бидејќи на тој начин до прстињата ќе доаѓа помалку крв и ќе настане помал оток или модринка. Пригмеченото прсте треба и во наредните часови да се разладува со студени облоги.

Кога треба да се појде на лекар?

Малите пригмечувања се безопасни, но ако дошло до прелом, тогаш веднаш треба да отидете на лекар. Ако забележите дека прстето на детето има неприродна форма или отокот е многу голем, детето мора да се однесе на лекар.

 



912

X