Секако, не можете да му дозволите на вашето дете да прави сè што ќе посака бидејќи во многу ситуации тоа може да биде опасно за неговото здравје или живот. Сосема е нормално малите деца да не можат добро да ги проценат ризиците, бидејќи на рана возраст немаат доволно ментален капацитет за тоа, а родителите се тука да ги водат и да им поставуваат граници.

Сепак, како што сите знаеме, таа поставеност на границите не оди секогаш без проблеми, па многу малечки се во состојба сериозно и упорно да се побунат против речениците „не можеш“ или „не смееш“, особено кога гледаат деца околу нив на кои им е дозволено тоа што би сакале и тие да го прават.

Не е невообичаено да слушнете дека некое ограничување што сте му го поставиле на вашето дете од предучилишна возраст не е праведно, затоа што тоа е токму оној период кога почнуваат да сфаќаат дека не важат сите услови за секого – на пример, не можете да дозволите четиригодишно дете да се качи на ограда додека гледа постаро дете кое го прави токму тоа.

Без разлика на сè, многу е важно родителите да постават јасни правила и забрани кога е тоа потребно, но и да му објаснат на детето зошто не може да направи нешто што го прави некој друг.

Психолозите даваат совети како да му се објасни на детето зошто не смее да прави нешто.

„Зошто не можам да си легнам подоцна?“

Психолозите велат дека ваква „потреба“ најчесто се јавува во семејства каде што има повеќе деца, кои поради различната возраст имаат различни рутини. Вообичаено е помалото дете да приговара дека не може да прави сè како неговиот постар брат или сестра и мисли дека е неправедно што мора да легне, а неговиот брат и сестра сè уште не ги ни измиле забите.

Обидете се да му објасните на детето дека неговиот брат или сестра се посебни поединци и не мора да прават сè исто како него. На пример, ако тато носи очила, тоа не значи дека сите деца треба да ги носат, а истото важи и за рутините. На различни возрасти, телото има различни потреби, така што на петгодишното дете му треба повеќе сон отколку на осум или 12-годишното дете.

Смирете го малиот бунтовник и кажете му дека кога ќе порасне, и тој ќе може подоцна да си легнува, исто како брат му или сестра му.

Совет на психологот е кога се обидувате да му објасните нешто на детето, третирајте го како да е еднакво со вас.

„Зошто морам да јадам овошје кога сите други јадат колачиња?“

Без разлика дали се работи за колаче или купување скап телефон, не двоумете се да му објасните на вашето дете дека секое семејство има свои правила, граници, обичаи и вредности. На пример, вашето семејство се труди да живее здрав живот, а тоа вклучува да не јадете премногу слатки. Ако се работи за мало дете, можете да му објасните дека ако јаде премногу слатки, нема да има доволно сила или енергија да учествува во семејни возења со велосипед, скијање итн.

„Зошто другите добиваат повеќе џепарлак од мене?“

Прашањето за пари е секогаш многу чувствително, но важно е да бидете искрени со детето за тоа. Разговарајте со него како возрасен за тоа како се распределува семејниот буџет, советуваат психолозите. Објаснете му дека најголемиот дел од заработените пари одат за храна, облека, сметки… Исто така, потсетете го дека семејствата имаат различни буџети и трошоци и дека од тоа зависи и количеството на џепарлак што го добиваат децата.

Сепак, дајте му до знаење дека тоа не е нешто за што треба да очајува, туку наместо тоа, размислете на што би можело детето да ги потроши тие пари – или на нешто ситно, или да ги одвои и на тој начин да заштеди за нешто што сака да го купи.

Автор: Наташа Златковиќ

Извор



912

X