Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 6-годишна ќерка и 15-годишен син. Пред четири месеци почина татко ми, односно дедо им. На син ми му кажав, поголем е и ќе разбере, но не знам како да ѝ кажам на ќерка ми. Многу е жалостива, ако види или слушне дека умрело некое животинче, почнува да плаче, да липа и не можам да ја смирам, а камоли за човек. Кога одиме кај мајка ми, знае да праша каде е дедо, но јас гледам да го избегнам тој момент. Првиот пат ѝ кажав дека отишол до продавница и дека ќе дојде, вториот пат исто, но помина некое време и пак праша: „Каде е дедо, многу денови не сум го видела?“ Тогаш ѝ кажав дека не бил добар и дека го однеле во болница. Помина некое време и пак праша: „Треба да дојде од болница, одат и си доаѓаат, нели? Или повеќе нема да се врати?“
Многу е интелигентна, многу прашува, сака многу работи да знае. Не знам што да правам. Ве молам пишете ми пример како да постапам.

ОДГОВОР: Жалам за вашата загуба. Верувам дека е тешко толку долго време, и покрај сопствената тага и жалост поради загубата, да се трудите да правите атмосфера во семејството дека ништо се нема случено и дека сѐ е во ред. Родителот секогаш чувствува потреба да го заштити своето дете од разни случувања и непријатни емоции, како што се тага, страв, лутина.., но од голема важност и потреба е децата да ги доживуваат, да се соочуваат и да ги надминуваат и овие чувства. Тие едноставно се дел од нас и од нашиот живот. На овој начин, соочувајќи ги со овие чувства, им даваме можност и ги учиме како да се справуваат со нив во животот бидејќи невозможно е да се игнорираат. Колку повеќе се трудиме да ги игнорираме, толку повеќе тие ќе имаат своја тежина и неадекватност понатаму во животот.

Уште од најрана возраст ги учиме емоциите од нашите најблиски. Сите емоции се добри и пожелни бидејќи ни даваат информации за светот и за самите нас. Ако сме лути, тоа значи дека некој или нешто нѐ повредило, ако сме исплашени, значи дека сме загрозени, ако сме тажни, значи дека сме изгубиле некого или нешто. Пријатните емоции ни даваат повратна информација дека се случува нешто што ни е драго и пријатно. Иако емоциите се својствени за сите нас, постои разлика во тоа како ги изразуваме. На пример, кога некој е тажен, ја изразува тагата со плачење, некој се повлекува, некој се прави дека ништо не се случило…

Вашето дете секако дека немо ги перципира и доживува сите ваши случувања дома, вашите вербални и невербални изразувања на емоциите. Од она што го напишавте имам чувство дека сите овие прашања доаѓаат од збунетоста и потребата да ѝ бидат објаснети работите бидејќи ќерка ви чувствува дека нешто не ѝ е јасно и дека нешто се крие од неа. Не е лесно, особено кога родителот се соочува со овие емоции, да му се каже вистината на детето. Би требало она што го соопштувате да биде приспособено на нејзината возраст, разговорот да биде едноставен и вистинит, а истовремено да не ги криете вашите емоции, не треба да бидете „силни“ пред детето, дозволете тагата да излезе од вас. На овој начин детето учи дека е во ред да ги изразува своите емоции, дека е во ред да е тажно. Од друга страна, не мора да ги знаете сите одговори веднаш, можете да кажете: „ Не сум размислувала за тоа…„ „Треба да размислам“ , „Благодарам за прашањето, не знам докрај, но ми се чини дека…“
Децата ги обработуваат смртта и загубата во делови, со текот на времето, па затоа не треба да се преплавуваат со многу информации и да се очекува сето тоа да биде разбрано и прифатено веднаш. И нам, на возрасните ни треба време да се приспособиме на новата ситуација и да продолжиме да го живееме животот со спомени и разни „ритуали“ поврзани со загубата што сме ја доживеале.
Детето учи да живее гледајќи. Откривањето на емоциите, барањето поддршка, справувањето со болката, тагата… се лекции што ги учи кога ние му ги дозволуваме.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација во форма на опширен пишан одговор или, пак, онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X