Сите знаеме дека постојат големи индивидуални разлики во однос на целите што различни лица си ги поставуваат пред себе. Некои имаат цел нешто што друга личност никогаш не би се осмелила да го посака. Во тоа лежи и едно од можните објаснувања зошто некои луѓе се поуспешни од други. Во психологијата и педагогијата, амбициозноста често се поврзува со таканареченото ниво на аспирација.

Кое е тоа ниво на аспирација и што го одредува?

Разликите во достапноста до целите што луѓето си ги поставуваат ги нарекуваме разлики во нивото на аспирација. Луѓето одбираат задачи, цели, па дури и занимања врз основа на тоа колку напор треба да се вложи за да се извршат или постигнат. Врз нивото на аспирација влијаат многу фактори. Во главните спаѓаат: процената на личноста колку целта ќе ѝ пружи задоволство, колку има шанси да се оствари, како и успесите или неуспесите што ги доживеала. Потоа, врз поставените цели влијае и тоа на кого се угледуваме, односно со кого се споредуваме. Ако личноста се споредува со некој што го смета за помалку вреден, а тоа лице постигнува високи или поголеми резултати, тогаш личноста го зголемува нивото на аспирација.

Фактори се и: општото ниво на аспирација во средината во која личноста живее, важноста на задачата за поединецот, заинтересираноста за задачата што треба да се изврши, карактерните особини на лицето. Врската помеѓу нивото на аспирација и карактерот на лицето укажуваат на тоа дека нивото на аспирација исто така е поврзана и со интелигенцијата. Поврзано е и со особините: љубопитност, истрајност, флексибилност, како и со одредени особини на самиот темперамент.

Како да воспитате дете со високо ниво на аспирација, кое успехот ќе го постави како цел во животот?

Одговорот на ова прашање се добива ако се погледне во што се разликуваат родителите што воспитуваат деца со високо ниво на аспирација и оние со ниско. Високото ниво се јавува во семејства кои ги истакнуваат стандардите на успешност и го поттикнуваат своето дете самостојно да ги решава задачите. За развој на тоа високо ниво, потребно е родителите да имаат активна улога во поставувањето различни интелектуално-развојни задачи за детето. Потоа, потребно е да се охрабрува детето и да му се влева чувство на самопочит.

Истражувањата покажуваат дека мајките на децата со високо ниво на аспирација особено се ориентирани кон стимулирање на активностите на своите деца, нивниот стремеж кон тешки задачи, самостоен избор на пријатели, развивање натпреварувачки дух и, над сѐ, настојуваат што помалку да ги ограничуваат своите деца. Од друга страна, мајките на деца со ниско ниво на аспирација покажуваат поголема рестриктивност, не го охрабруваат осамостојувањето на децата, па затоа тие се зависни од родителите.

Заклучокот е дека треба да:

– Развивате самодоверба кај децата преку охрабрување и пофалби;

– Развивате натпреварувачки дух кај своите деца врз основа на фер плеј;

– Развивате независност и самостојност кај своите деца;

– Ја вреднувате успешноста и кај себе и кај другите луѓе;

– Го почитувате изборот во областа во која сакаат да се натпреваруваат и да постигнуваат резултати;

– Активно да ги стимулирате интелектуално, на сите достапни начини.

Успехот може да се научи. Ако сме ја немале таа среќа родителите да ни ги постават темелите за успех во животот, ние треба да го искористиме знаењето што ни го дава психолошкото истражување и преку воспитување на сопствените деца да направиме сè што е во наша моќ.

Автор: Татјана Шешум, психотерапевт



912

X