Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 6,5 години, која е прваче, а пред еден месец добивме уште едно бебе. Иако големата ќерка две години бараше да не биде сама и ја сака сестричката, сега има измешани емоции и се појави љубомора. Пробувам сѐ што сум правела со неа да продолжам да го правам – ѝ читам навечер, излегувам со неа кога можам, одиме во кино. Но таа мисли дека не ја сакаме. Ако ја скарам за нешто, бурно реагира, понекогаш со тантруми, ми вели да заќутам и ја треска вратата. Исто прави и ако нешто згреши во школо, иако сме ѝ објасниле дека сите грешат, дека така се учи, дека сме грешеле и ние. Некогаш прифаќа, некогаш не. Има другарчиња и брзо склопува пријателства. Може ли совет како да ја надминеме љубомората?
ОДГОВОР: Честитки за новиот член во семејството. Раѓањето на вашето второ дете менува сѐ и за вас родителите и за детето и бара да се создаде нова рамнотежа во рамките на семејниот систем. Многу често децата, колку и да барале и се возбудени да добијат брат или сестра, кога доаѓа до „исполнување на желбата“, сосема е природно да доживеат и различни емоции. Овие емоционални реакции произлегуваат од развојните и психолошките фактори што се вообичаени кај малите деца.
Зад однесувањето на вашето постаро дете не се крие само љубомора, туку и гнев поради промените, фрустрацијата, загубата, стравот и тагата. Бидејќи љубомората често е најлесна да се идентификува, тоа не значи дека не постои цела низа на други емоции што се во основата на нејзините однесувања кои бараат поинаков облик на внимание. Детето не може да ги разбере овие емоции или да си ги објасни бидејќи сѐ уште не умее соодветно да ги изрази, а од друга страна, ја чувствува промената во фокусот и задоволувањето на потребите, поради што и доаѓа до бурните однесувања. Обид да се добие поголемо внимание и уверување поради страв од губење на вашата љубов и чувството дека не може да се натпреварува со толку мало, беспомошно и секако фасцинантно дете за мама и тато, а и сите во блиското семејство.

Поради тоа, љубомората што ја доживува вашето дете не треба да се негира или минимизира, туку напротив, треба да ѝ помогнете да ја препознае и да го види нејзиното значење во новата ситуација што ја доживува. Споменавте дека правите сѐ како што сте правеле порано и тоа е во ред, да одвојувате време за неа и да правите нешто заедно, но детето знае дека многу работи се сменети и дека во никој случај не можат да бидат исти.
Најпрво, важно е да ги прифатите реакциите на вашето дете, обидете се да ја натерате да ги вербализира, прашувајќи ја што ја мачи, дали има нешто што ја загрижува, што би сакала итн., а потоа можете да кажете: „Нормално е понекогаш да се чувствуваш малку тажно или луто бидејќи бебето е сега тука. Те разбирам, мама е тука за тебе“ или „Изгледаш навистина лутa сега. Во ред е да се чувствуваш така. Ајде да најдеме начин да се чувствуваш подобро“ или „Вознемирена си затоа што бебето те буди, плаче… тоа е навистина досадно, нели?
Прашувајте ја со весел тон: „Кој е најтешкиот дел кога имаш нова сестра?“ „Иако имаме ново бебе, ти си ми многу важна“. Од друга страна, не заборавајте ги границите и доследноста.
Вклучувајте ја да ви помага во некои мали работи околу бебето, да ви подаде, донесе, да гледа како ја бањате, работи кои мислите дека ќе бидат забавни за неа и тогаш пофалете ја.
Оваа транзиција може да дојде со предизвици, но нуди и убави можности за раст како за вашата ќерка така и за вас како родители.
Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912