Оваа инфекција се нарекува и „слатка краста“, а ја предизвикува стрептокока и се лекува со антибиотици. Станува збора за инфекција на кожата што најмногу ги погодува бебињата и децата. Често првите симптоми на болеста се појавуваат на лицето, особено во подрачјето на носот или устата, во форма на меурчиња што подоцна пукаат и прераснуваат во краста.

Болеста може да помине сама од себе, но антибиотиците можат да спречат понатамошно ширење на болеста. Болното дете треба да се изолира додека е заразно, што е најчесто 24 до 48 часа од почетокот на земањето антибиотик. Без антибиотик, импетигото е заразно додека крастата не се исуши.

Вообичаените симптоми се меурчиња што брзо пукаат, а потоа наредните неколку дена местото е влажно, додека не почне да се создава краста со златна боја. Инфекцијата се шири и може да се појави и на други места.

Импетигото е предизвикано од две бактерии: стрептокока од групата А (предизвикува благо импетиго) или стафилокок ауреус (предизвикува потешка форма, може да развие поголема количина на течноста во меурчињата, па подолго се задржуваат на кожата, без пукање). Децата со веќе иритирана кожа или повреди на неа имаат поголеми шанси да развијат импетиго. Инфицираниот дел може, но и не мора, да чеша, а чешањето може да ја прошири заразата. Се пренесува од заразено на здраво дете со допир, но и преку облека, постелнина, крпи, па дури и играчки.

Ризични групи

– Иако секој може да добие импетиго, најчесто се јавува кај деца на возраст од 2 до 6 години.

– Најлесно се шири во училиште или во градинка.

– Инфекцијата е најчеста во летото.

– Спортските активности што подразбираат физички контакт, како фудбал или борење, го зголемуваат ризикот за развој на импетиго.

– Бактеријата го напаѓа делот од телото каде што слојот од кожата е оштетен од повреда или иритација, рана од убод од инсект.

Кога да се посети доктор

Ако се сомневате дека вашето дете е заразено со импетиго, консултирајте се со матичниот лекар, педијатар или дерматолог.

Лекување

Лекарот го дијагностицира импетигото со едноставен преглед, без лабораториски тестови на кожата. Се препишува третман со антибиотици, во форма на маст или крем што се нанесува директно на кожата. Но, пред да се стави кремот, заразеното место треба да се измие со топла вода и сапун и добро да се исуши.

Ако станува збор за потешка форма, тогаш лекарот ќе препише антибиотик во форма на таблети.

Превенција

Редовната хигиена на кожата е најефикасниот начин за превенција на оваа заразна болест. Потребно е да се негува оштетениот слој на кожа каде што имало повреди, убод од инсекти и слично. Ако некој во вашето семејство е заразен со имептиго, треба да се преземат следните мерки за да се спречи ширењето:

– Нежно измијте ги заразените делови на кожата со благ сапун и вода, а потоа покријте ги со газа.

– Исперете ја облеката на заразеното лице, како и постелнината и крпите, и во никој случај не треба да ги користат другите членови од семејството.

– Носете ракавици кога нанесувате антибиотски крем на заразеното лице, а потоа темелно измијте ги рацете.

– Скратете ги ноктите на заразеното дете за да спречите гребење, а со тоа и пренесување на инфекцијата.

– Мијте ги рацете почесто.

– Оставете го заразеното дете дома додека вашиот лекар не ви каже дека повеќе не е заразно.

Извор



912

X