Децата апсорбираат информации за парите уште од многу рана возраст, без разлика дали преку разговори со нивните родители, набљудување на секојдневните купувања или сопствено искуство со џепарлак. Начинот на кој им ги презентираме финансиите може да ги обликува нивните навики и ставови за трошењето, штедењето и вредноста на парите во иднина.
Студија на Универзитетот во Мичиген покажала дека децата на возраст од пет години развиваат емоционални реакции на трошење и штедење, што подоцна влијае нивното финансиско однесување. За да му помогнете на вашето дете да развие здрав однос со парите, важно е да бидете свесни за зборовите што ги користите. Еве неколку вообичаени фрази што можат да имаат негативно влијание – и предлози за тоа како да ги замените.
„Дали знаеш колку напорно работев за да го купам тоа?“
– Оваа изјава може да направи детето да се чувствува виновно и несигурно во врска со трошењето пари. Детето не може да ја разбере сложеноста на финансиските грижи, па затоа може да помисли дека ги оптоварува семејните финансии – објаснува терапевтот и финансиски советник Топси Ванденбош.
Како да се каже поинаку:
На пример, ако играчката се скрши, наместо да се наметнува чувство на вина, можете да кажете: „Знам дека ти беше драга, но ќе треба да почекаме пред да купиме нова. Ајде заедно да размислиме што можеме да направиме.“ Овој пристап му помага на детето да ја разбере вредноста на нештата, но и како да ги планира трошоците.
„Зошто не можеш да бидеш како (име на брат или сестра, пријател)? Тие немаат толку скапи желби“
-Споредувањето на детето со другите може да поттикне чувство на инфериорност и да му наштети на самодовербата на долг рок. Финансиските навики се лични и се развиваат со текот на времето, па затоа е важно да не се создава чувство на срам поради трошењето – објаснуваат Џесика и Брендон Норвуд.
Како да се каже поинаку:
Наместо да споредувате, обидете се да ги разберете желбите на вашето дете: „Гледам дека тоа ти се допаѓа. Ајде да разговараме како да заштедиме за да го купиме.“ На овој начин го охрабрувате вашето дете одговорно да управува со парите, без да го натерате да се чувствува помалку вредно.

„Биди благодарен за она што го имаш и не барај повеќе“
Иако благодарноста е многу важна, користењето на оваа фраза за негирање на желбата на детето може да создаде чувство дека стремежот кон подобро е погрешен. Децата можат да развијат страв од барање повеќе за себе, што подоцна може да влијае врз нивната способност да преговараат за плата или да инвестираат во сопствениот развој.
Како да се каже поинаку:
Наместо да ја одбиете желбата на вашето дете, обидете се да кажете: „Убаво е да бидеме благодарни за она што го имаме, но разбирам дека сакаш нешто ново. Ајде да смислиме како можеме да го оствариме тоа.“ На овој начин детето учи како да поставува цели и да ги постигнува.
„Не можеме да си го дозволиме тоа“
Оваа реченица може да создаде вознемиреност и чувство на несигурност кај детето во врска со финансиската состојба на семејството, дури и ако во реалноста нема сериозни проблеми.
Како да се каже поинаку:
Подобро е да му го објасните концептот на приоритети на вашето дете, на пример: „Сега решивме да штедиме за нешто друго, па затоа не можеме да издвоиме пари за тоа во моментов“. На овој начин детето учи за поставување финансиски цели и не ги перципира парите како нешто што му е недостапно.