Воспитување

Како да им го вратите нормалниот ритам на спиење на децата по распустот?

Рутината за подобро ноќно спиење почнува уште наутро. Би било добро детето преку денот колку што може повеќе време да поминува на отворено и да биде физички активно. Престојот на дневна светлина поттикнува лачење на серотонин, кој е важен за производство на мелатонинот, нашите природни таблети за спиење. Ако детето не престојува доволно на отворено, неговото тело не произведува доволно серотонин, а тоа значи и недостиг на мелатонин, што доведува до проблеми со спиењето.

Дневното спиење не смее да биде предоцна. Најдобро помеѓу 12 и 13 часот. Доцното спиење преку денот значи дека детето ќе биде подоцна изморено навечер. Многу е важно да се ограничи храната што во себе содржи кофеин, шеќери и бои, бидејќи поттикнува хиперактивност. Исто така, важно е да се ограничи и користењето екрани. Имено, на телото му треба дури еден час или дури и повеќе за да се опушти и да биде подготвено за спиење по гледањето во екран (колку подолго се гледа, толку повеќе се одлага).

Околу 2 часа пред спиење треба да се придуши светлото, да се пуштат релаксирачки звуци, да се смири играта, да се изгаси телевизорот и сите други екрани. Сината светлина што ја емитираат уредите влијае врз нормалниот деноноќен ритам, односно циклусот будење-спиење. Психологот Мајкл Брус вели дека кога сината светлина ќе дојде до окото и очниот нерв, ѝ испраќа на пинеалната жлезда сигнал да престане да произведува мелатонин, кој го опушта телото и предизвикува поспаност. Односно, дека сè уште не е време за спиење, тие деца не се изморени кога е време за спиење. Истражувачи од „Харвард“ откриле дека изложеноста од 6,5 часа на сина светлина од уредите го одложува чувството на поспаност дури за 3 часа.

Преку ден е потребно и пожелно блокирање на производството на мелатонин. Тоа ни овозможува подобро да се концентрираме, подобро да размислуваме, подобро да ги обработуваме задачите и да ги извршуваме обврските. И во тоа учествува сонцето. Тоа произведува повеќе сина светлина отколку кој било уред. Меѓутоа, кога е време за спиење, не свети од дневната соба или од телефонот, не го следи детето во неговата соба. Сонцето заоѓа и престанува да емитира сина светлина сигнализирајќи му на телото дека е време за производство на мелатонин и за спиење. Уредите, пак, го прикачуваат детето за екранот и тоа едноставно не може да се оттргне од него. Па наместо да биде поспано, тоа е хиперактивно, нервозно и диво. Но, тоа не се единствените последици.

Децата што имаат уреди во својата соба или се изложени на нив пред спиење спијат дури 1 час пократко. Во една недела тоа е губиток од речиси 7 часа сон. Исто така, студија на израелски научници покажала дека тие деца имаат многу полесен сон и почесто се будат во текот на ноќта, односно немаат квалитетен сон. Како резултат на тоа, децата имаат проблеми како и поспаните возрасни лица: потешко ги помнат информациите, имаат тешкотии со размислувањето, склони се на нагли промени во расположението, стануваат насилни, имаат проблеми со самоконтрола, имаат тешкотии во решавањето на проблемите и извршувањето на училишните обврски. Ако тоа продолжи и понатаму, кај тие деца може да се развијат и различни здравствени проблеми, како дијабетес.

Еве и неколку совети што ќе ви помогнат во намалувањето на користењето мали екрани пред спиење и негативното влијание.

1. Договорете со децата семејно правило за користење екрани.
2. Приближно 2 часа пред спиење да се изгасат електронските направи и ТВ.
3. Отстранете го телевизорот од детската соба.
4. За децата на кои им се потребни компјутери за работа, да се приспособи светлината на екранот за ноќно користење.
5. Ако е можно, за ноќно користење употребете ламби кои емитираат портокалова/жолта светлина наместо сина (ЛЕД-сламбите исто така негативно влијаат врз сонот бидејќи емитираат сина светлина).

Автор: Ива Брчиќ

Извор

Подготвил: Маја Пероска

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top