„Ако детето навреме кај себе изгради толеранција на анксиозност, страдање и непријатност, а поседува сочувство со другите луѓе, има големи шанси никогаш… да не стори некакво злодело. Освен самоодбраната, најверојатно нема да поседува капацитет за уништување на други луѓе, во секоја смисла…“

Прашањето и проблемот на доброто и злото инспирирало многу автори на илјадници книги, серии, научни трудови, уметници, а не постои ни позначаен мислител кој не посветил извесен дел од својот мислечки опус. Ниту една религија (вклучувајќи ги и паганските верувања) не го оставила настрана прашањето на доброто и злото. Сличностите, разликите и начините на толкување, се разбира дека се разликуваат. Грубо гледајќи ги сите сфаќања, некои од нив инхерентно и оптимистички го гледаат човекот како суштински Добар, но го расипуваат Ѓаволот, општеството, политиката или некои небесни и (над)природни сили. Други, пак, човекот го гледаат како суштински расипливо и лошо битие на кое му треба контрола, репресија или задолжителна социјализација и превенција. Иако изгледаат атавистички и застарено, ваквите сфаќања постојат и денес, во многу делови од светот. Многу поблиску до вистината бил психологот Виктор Франкл, кој истакнал дека човекот е суштински способен и за добро и за лошо, и дека не може да се набљудува ни како исконски добро, ни како исконски лошо суштество. Важно е да се нагласи и дека самиот Виктор доживеал експлозија на човековото зло и тоа на сопствената кожа, бидејќи бил еден од ретките луѓе што го преживеале Аушвиц. Сепак, тоа не му го заматило погледот на луѓето, што би било целосно разбирливо.

Воспитување без грешка

Што вели психологијата? Денес науката ги прифаќа овие ставови на психолозите и филозофите на животот, како што ги нарекуваме егзистенцијалистите, иако не постојат веќе оние сериозни психолошки теории кои ова го доведуваат во прашање, освен некои сомнителни њуејџ-идеи кои повикуваат на „енергии“, „бранови“ и други психолошко многу сомнителни концепти. Ако го знаеме ова и ако човек во себе има капацитет за брутални самоистребувања, но и за некои неверојатни акти на сочувство, љубов и хуманост, како да се воспита ДОБАР, а не ЛОШ човек? Како да не се направи грешка? Одговорот веројатно се крие во два психолошки концепти со кои се сретнува секој психолог, психотерапевт или психијатар, особено оној што работи со деца, а речиси сигурно тоа го препознава и секој што е родител.

Ни премалку, ни премногу

Фрустрационата толеранција е способност личноста или детето да поднесе оневозможување на исполнувањето на своите желби и потреби на трпелив начин, но без сериозно нарушување на своето психичко и физичко здравје. Детето што мирно чека во ред за своето парче чоколадо, работникот кој трпеливо се бори за подобар живот, но продолжува да истрајува и кога е тешко, професорот кој ја совладува својата суета и оди во пензија, мирно прифаќајќи дека неговото време поминува или политичарот кој заминува од власт на мирен и достоинствен начин, се пример за луѓе што имаат изграден механизам за толерирање на непријатности и веројатно, уште на рана возраст, мудро и паметно, од страна на родителите, систематски и постепено, ни премногу ни премалку, биле изложувани на анксиозност. Ова е убава аналогија на вакцинирањето, кога во телото, внимателно и пресметано ви се внесува онаа количина вируси што е доволна да ги разбуди антителата и одбраната на организмот, но не и да го разболи.

Ни лесен ни тежок живот

Вакцинирајте го детето од анксиозност од најраните денови, но почувствувајте кога е тоа премногу, а кога е премалку. Тоа, се разбира, не е лесна работа, но никој не рекол дека животот е лесен. Ова важи како за родителите така и за учителите, професорите, бабите и дедовците. Животот не смее да биде прелесен за децата, но не смее да биде ни претежок.

ЕМПАТИЈА. Да ги научиме младите да сочувствуваат со другите. Да им раскажуваме како се чувствува другиот или како ќе се чувствува ако донесеме ваква или онаква одлука. Да им го појасниме концептот на болка и психичко страдање. Да се потрудиме да сфатат дека се конечни и дека секој ќе умре и тоа нека им биде сила да бидат покреативни и подобри луѓе. Нека сфатат дека чувствата што ги доживуваат (тага, страдање, среќа, страв) ги чувствуваат и другите луѓе. Нека не го прават она што самите не сакаат да им го прави друг или барем нека научат да ги минимизираат последиците и да ја прифатат својата одговорност за грешките што евентуално ги направиле. Мора да знаат дека човечките страдања произлегуваат од недостигот на БЛИСКИ ОДНОСИ, кои меѓу другото се хранат и се доживуваат со емпатија.

Ако детето навреме и правовремено кај себе изгради толеранција на анксиозност, страдање и непријатност, а поседува сочувство кон другите луѓе, има големи шанси никогаш или барем речиси никогаш да не направи злодело. Освен самоодбрана, најверојатно нема да има капацитет за уништување други луѓе, во секоја смисла. Од друга страна, личност без сочувство или со намалена емпатија, која го преферира само своето уживање и своите потреби, за сметка на потребите на другите луѓе, лесно станува диктатор, насилник, убиец или едноставно, многу тешко, непријатно и нетрпеливо иритантно човечко суштество, кое ги презира другите луѓе.

Како да се браните од злото?

На крај, што е злото? Зло е сето она што е последица на недостиг на елементарна емпатија или способност да се истрпи оправдана непријатност. Злото е неспособност да се разбере другиот човек и неговата перспектива. Злото е да не се обрнува внимание на другите луѓе и нивните потреби. Како се браниме од злото? Се браниме со развивање сочувство и фрустрациона толеранција. Тие се брана и механизам кои го намалуваат потенцијалот за зло на минимална мера.

Марко Браковиќ



912

X