Советите, во која било област, па и во родителството, може да бидат многу корисни. Но, сега следува едно големо НО. Советите може да бидат многу корисни, НО тогаш кога ги бараме. Проблемот настанува кога добиваме совети што не сме ги барале, а особено кога не се во согласност со нашето доживување на родителството, воспитувањето и самото дете, кога не се во согласност со нашите уверувања и вредности и особено кога доаѓаат од непознати луѓе.

Колку пати сте се соочиле со вакви коментари/совети или можеби сте слушнале луѓето да им ги кажуваат на други родители за нивното дете: „Не би смеел тој со мене така!“, „Мора да се знае кој е кој!“, „Ако сега го оставиш така да се однесува, што ќе биде подоцна кога ќе добие сила?“, „Леле, зарем го пушташ да плаче за секоја ситница?“, „Не треба постојано да го галиш и пазиш, ќе го разгалиш!“ итн. Овој текст првично се однесува на советите кои родителите ги добиваат во врска со однесувањето на детето во некоја ситуација, а чија единствена цел е тоа однесување веднаш и по секоја цена да се санкционира и да се промени во спротивна насока, поточно детето да се наведе на апсолутна послушност без разлика на тоа како се чувствува во моментот и која е причината за однесувањето.

Исто така, текстот се однесува и на коментарите што се насочени кон однесувањето на родителите кон детето со цел тоа однесување да се доведе во прашање, со што кај родителите се предизвикува лошо чувство – срам, грижа, страв, несигурност…

Родителите кои се стремат кон позитивен пристап во родителството се на најголем удар од ваквите коментари, па често се соочуваат со коментари и сомневање за она што го прават за своето дете и за нив самите: „Гледам баш ви дало резултати тоа ваше позитивно родителство. Детето е сè полошо и полошо…“ На консултации, родителите често ми кажуваат дека поради вакви коментари се чувствуваат обесхрабрени, несигурни, исплашени, дека имаат дилеми, се преиспитуваат себеси и својот пристап, под стрес се и некогаш реагираат под притисок токму така како што околината ги „советувала“. Потоа се чувствуваат лошо. Од друга страна, тука се и родителите кои одолеале на „советодавците“, но кога детето ќе продолжи со некое несакано однесување, и тие се чувствуваат лошо како и првите, но од друга причина – затоа што се во дилема дали сепак требало да ги послушаат „советите“ иако не се во согласност со нивното воспитување. И на едните и на другите им е еднакво тешко. Морам да напоменам дека постојат и родители кои не припаѓаат на ниедна од овие две групи, кои многу спонтано, природно, без колебање и со леснотија градат однос со детето, кои не го доведуваат во прашање својот пристап и врз кои околината навистина нема никакво влијание. Сепак, тие се ретки и она што мене ми паѓа на ум е дека едноставно се родени со таков родителски компас кој во тоа им помага. Но, тие не се тема на овој текст.

Се враќам на првите две групи родители и го поставувам прашањето: Како да се биде мудар кога се во прашање совети од кои ни се крева косата на главата, како да се знае дали добро постапуваме и дали е тоа воопшто можно? Одиме по ред.

Какви и да се советите, имајте на ум дека луѓето што ви ги даваат имаат добра намера – да ви помогнат. Меѓутоа, тие го прават тоа на начин кој самите би го примениле, а не кој вам ви е во ред. И тука приказната со нив завршува бидејќи нема никаква смисла да губиме енергија и време на убедување, расправање и докажување дека тоа што нè советуваат не нè интересира. Како да ги спречите? Кога некој директно ќе ви упати коментар или совет, кажете: Сè е во ред, благодарам. Или: Добро сме, ви благодарам, сè е под контрола. И тргнете се со детето настрана и посветете му се нему. Второ, кога родителот го познава добро своето дете, кога знае или може да претпостави како тоа во некоја ситуација се чувствува, што му е тогаш потребно, па поради тоа се однесува на одреден начин, тој ќе знае и како да реагира и како да остане во контакт со него за да воспостави соработка. Ако е во прашање некое несакано однесување, родителите што имаат позитивен пристап знаат дека колку побурно се однесува детето, толку му е емотивно потешко и дека тогаш му е потребна помош, а не санкција. Значи и во едниот и другиот случај родителот е насочен кон детето.

Во ред, ако сето ова го разбираме и ако вака се однесуваме, каде е тогаш проблемот со советите и зошто тие би ни влијаеле?

Проблемот е што „советодавците нудат и очекуваат“ моментални и брзи решенија, но тие се неповолни за детето и родителот. А за изградбата на односот на доверба, чувството на сигурност и начинот на кој родителот го доживува детето, потребно е – време. Тоа е она што јас го нарекувам „ангажирано родителство“ и тоа е потешко на самиот почеток – бидејќи резултатите доаѓаат подоцна, но затоа тие резултати се трајни. Исто така, сосема нормално да има осцилации во овој процес, да има убави и лесни денови, како и тешки и предизвикувачки. Како што расте детето, така и се менува, па тоа што во некој период сме имале „затишје“ и лесно сме соработувале, не значи дека ќе биде засекогаш така. Но, колку што е посилна врската, толку полесно ќе ги надминуваме бурите.

Ако и покрај сето наведено имате некаква дилема како треба да постапите, поставете си ги овие прашања:

Дали овој совет ме приближува кон детето или ме оддалечува од него? Дали го зајакнува нашиот однос или го нарушува?

Дали се чувствувам подобро кога размислувам да го применам (или го применив) овој совет или ми се јавува лошо чувство во стомакот (или каде било во телото)?

Дали овој совет ми го реши проблемот/ситуацијата или го/ја влоши? Дали имам резултат или детето уште повеќе се вознемири/се однесува полошо?


Кога си ги поставувате овие прашања, а особено кога ви „доаѓаат“ одговори, задолжително обрнете внимание на чувството што ви се јавува во телото – дали го доживувате како пријатно или како вознемирувачко. Дизичките сензации непогрешливо ни говорат дали нашиот внатрешен компас е свртен во вистинската насока, дали го следиме/слушаме или го потиснуваме и игнорираме. Исто така, ако под притисок сте изреагирале на детето така како што не сте сакале и не е во согласност со вашиот пристап, поставете си ги на себеси овие прашања. Одговорите ќе ви помогнат да се охрабрите во уверувањето каков однос сакате да градите.

И на крајот, многу е важно да напоменам дека и ние, родителите, умееме да бидеме премногу субјективни и заштитнички расположени и дека некогаш навистина не гледаме на ист начин на кој другите нè гледаат нас, нашето дете, неговото и нашето однесување, некоја ситуација… Ако чувствувате дека некои од советите може да имаат врска со вашето различно гледање на ситуацијата, размислете за тоа, но на конструктивен начин со емотивна дистанца и ако е потребно, консултирајте се со некој што ви влева доверба, што не ве осудува, не ве критикува, ве разбира. За почеток ќе биде доволно и да проверите со помош на овие прашања какво физичко чувство ви се јавува, дали добивате „сигнал“ однатре за можеби да можете да анализирате некоја ситуација на поинаков начин.

Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер

Извор



912

X