Зошто моето дете станува агресивно?

Колку и да ви е шокантно, агресивното однесување е нормален дел од развојот на вашето дете. Неговите јазични вештини што допрва се појавуваат и силната желба да биде независно може да доведат до фрустрација и гнев. Додајте ја на ова и неразвиената контрола на импулсот и ќе сфатите дека удирањето и касањето се сосема нормални.

Ова не значи дека треба да ги игнорирате. Дајте му до знаење на детето дека агресивното однесување е неприфатливо и помогнете му да развие други начини за искажување на чувствата.

Како да го спречам агресивното однесување кај моето дете?

Наградете го доброто однесување

Наместо да му обрнувате внимание на детето само кога нема да се однесува добро, пофалете го и кога ќе биде добро. На пример, кога ќе побара да се качи на лулашката наместо да ги турка другите деца. Дајте му го на детето вашето целосно внимание за неговото позитивно однесување и намалете го времето што го трошите на негативното однесување.

Пофалете го кога ќе каже што сака, кога ќе биде искрено. Пофалете ги неговите напори да направи нешто, дури и ако не успее во тоа. Ова му помага на вашето дете да изгради самодоверба и да се чувствува добро. Со текот на времето ќе сфати колку моќни можат да бидат зборовите.

Искористете ги следните тактики за да се справите со непосакуваното однесување.

1. Агресивното однесување поврзете го со логички последици

Ако вашето дете почне да фрла топки кон другите деца во салата, изнесете го надвор. Или седнете со него и заедно гледајте како играат другите деца. Објаснете му дека може да се врати да игра кога и двајцата ќе сметате дека е подготвено да ѝ се приклучи на забавата пред да повреди некого.

Обидете се да го вразумите вашето дете прашувајќи го: „Дали би ти се допаднало ако некој ја фрли топката кон тебе?“

Децата сѐ уште не се способни да се стават на местото на друго дете или да го променат начинот на кој се однесуваат врз основа на причина. Оваа когнитивна зрелост обично не се случува до четвртата или петтата година. Но, децата можат да ги сфатат последиците.

2. Контролирајте го вашиот темперамент

Викање, удирање или повторување на детето дека е немирно и непослушно нема да го промени неговото однесување. Тоа само ќе стане уште понемирно и од вас ќе научи нови работи што ќе сака да ги проба. Всушност, контролирањето на вашиот темперамент е првиот чекор за вашето дете да научи да го контролира својот темперамент.

3. Поставете јасни граници

Обидете се да реагирате веднаш кога детето ќе стане агресивно. Не чекајте по трет пат да го удри својот брат/сестра. Треба веднаш да знае дека направило нешто погрешно. Обидете се да разговарате со него на позитивен начин. Предупредете го дека ако продолжи да го удира, нема да може да се игра со него. Ако не престане, отстранете го од просторијата една или две минути. Објаснете му дека тоа што го направило е погрешно. Не дозволувајте му да се врати.

4. Бидете доследни

Кога и да можете, реагирате на ист начин како што сте реагирале претходно. Вашиот предвидлив одговор ќе постави модел што вашето дете ќе го препознае и ќе го очекува. Дури и кога ќе бидете изненадени и вџашени од однесувањето на вашето дете, немојте да му викате затоа што сте засрамени. Запомнете, и другите родители биле во истата ситуација.

5. Научете го на алтернативи

Почекајте вашето дете да се смири и потоа смирено разговарајте за тоа што се случило. Помогнете му да ги именува своите емоции, слушнете што кажува и прифатете ги неговите чувства, дури и ако станува збор за лутина и бес. Речете му да објасни што го вознемирило. Истакнете дека е природно човек да се лути, но не е добро да ги искажува со удирање, клоцање или гризење. Помогнете му да пронајде подобар начин да одговори, можеби со разговор или барање помош од возрасен.

6. Детето треба да го знае правилото

Откако ќе се смири, вашето дете веројатно ќе каже кое е правилото, дури и ако не го следи. Кажете му дека со повторувањето на правилото се зајакнува однесувањето што се очекува од него, и постепено ќе го прифати. Можеби подобро е и од барањето да се извини.

7. Ограничете го времето поминато пред екран

Цртаните филмови и другите емисии за мали деца се полни со викање, закани, удирање и туркање. Ограничете го времето поминато пред екранот, особено ако е подложно кон агресија. Некои експерти препорачуваат децата на возраст од две или помалку години воопшто да не седат пред екрани.

А, ако го оставате вашето дете да гледа телевизија, гледајте заедно и разговарајте за тоа што го гледате.

8. Помогнете му на вашето дете да биде активно

Ако вашето дете не добие шанса да ја потроши енергијата, тогаш дома може да биде вистински хаос. Дајте му слободно време за играње, по можност на отворено, без разлика на тоа какво е времето.

9. Време за себе

Освен што треба да биде активно, важно е и вашето дете да има време да си поигра само, тивко. Така тоа учи да ја стимулира својата имагинација и да се забавува без да се потпира на вас.

10. Не плашете се да побарате помош

Понекогаш агресивното однесување бара поголема интервенција отколку што родителот може да даде. Ако вашето дете често се однесува агресивно, ги вознемирува другите деца или ако вашите напори за спречување на неговото однесување имаат мал ефект, разговарајте со вашиот лекар. Може да ве упати кај специјалист.

Заедно ќе можете да ги откриете корените на ваквото однесување и со тоа да му помогнете на вашето дете да го преброди. Запомнете, вашето дете е многу мало. Ако работите со него трпеливо, шансите се дека неговите насилни испади наскоро ќе бидат минато.



912

X