Правењето ПАП-тест на секои две години ја нуди најдобрата шанса за спречување на појава на рак на грлото на матката (цервиксот)

Според Светска здравствена организација, 19% од женската популација на возраст помеѓу 50 и 59 години имаат хуман папилома вирус (ХПВ), 27% од жените на возраст од 20 до 24 год. се позитивни на ХПВ и 45% од женската популација на возраст од 14 до 19 години имаат ХПВ. Лекарите досега имаат откриено околу 100 вида од овој вирус, кои во поголем број не се опасни за човековото здравје.

ПАП-тестот е брз и едноставен тест што се користи за проверка дали има измени на клетките на грлото на матката кои може да доведат до појава на рак. Докторот зема примерок од клетките од површината на грлото на матката и го размачкува на стаклена плочка. Плочката се испраќа во лабораторија за анализа и резултати обично се добиваат во рок од една недела. Повеќето резултати од ПАП-тестовите се нормални.
Мал број покажуваат измени на клетките на грлото на матката, во најголем дел се работи за помали инфекции кои обично заздравуваат по природен пат или лесно се лекуваат. Во многу мал број
случаи, абнормалноста не поминува и ако не се лекува, може да се развие во рак на грлото на матката. Кога измените на клетките на грлото на матката брзо ќе се откријат, тие лесно се контролираат.

Од 100 вида ХПВ, околу 60 предизвикуваат брадавици во регии како што се рацете и стапалата. Речиси 40 вида ХПВ се сексуално преносливи, но, за среќа, сите 40 типа не предизвикуваат сериозни здравствени проблеми. Видовите ХПВ се поделени во две групи: – високоризичен и нискоризичен хуман папилома вирус.
Од групата на високоризичните се издвојуваат типовите 16 и 18, кои се виновни за 70 отсто од случаите на карцином на грлото на матката. Други типови што припаѓаат на оваа група се: 31, 33, 45, 52 и 58. Освен карциномот на грлото на матката, овој вирус може да биде предизвикувач и на карцином на вагина, вулва, анус, на пенис и на грло.
Нискоризичните ХПВ-типови 6 и 11 се одговорни во 90 отсто од случаите на појава на брадавици и во многу низок процент може да бидат предизвикувачи на малигни заболувања. Во околу 70 проценти од случаите ХПВ не предизвикува никакви симптоми, а се открива при рутински преглед, односно со правење ПАП-тест.

Зошто треба да правите ПАП-тест?

Моментно, ПАП-тестот е најдобриот тест што се прави за спречување на повеќето случаи на рак на грлото на матката. Важно е да знаете дека ниту еден тест за проверка не е 100-процентно точен. Меѓутоа, сите жени на возраст меѓу 18 и 70 години треба да го прават ПАП-тестот на секои две години. Жените треба да почнат да го прават ПАП-тестот меѓу 18 и 20 години или една до две години откако ќе станат сексуално активни.

Треба ли да примите вакцината против рак на грлото на матката?

Ракот на грлото на матката најчесто се јавува како последица на инфекција со хуман папилома вирус (ХПВ-вирус). Инфекцијата со ХПВ-вирусот е честа вирусна инфекција која се јавува кај најмалку 75 проценти од сексуално активните возрасни лица во некој период од нивниот живот.
Жените кои сѐ уште не се сексуално активни и инфицирани со ХПВ-вирусот ќе имаат најголема корист од вакцината. Исто така, корист од вакцината може да имаат и сексуално активни жени, бидејќи тие можеби сѐ уште не се инфицирани од еден од видовите на ХПВ-вирусот што може да предизвика рак на грлото на матката. Сегашната вакцина е наменета само за ХПВ-вирусите што
предизвикуваат две третини од случаите на рак на грлото на матката, затоа сите вакцинирани и невакцинирани жени и понатаму треба редовно да прават ПАП-тест.

Што значат невообичаени резултати од ПАП-тестот?

Невообичаени резултати од ПАП-тестот значат дека при испитувањето на клетките од грлото на матката, некои од нив изгледале различно во споредба со нормалните клетки. Тоа се случува еднаш на секои 10 ПАП-теста. Меѓутоа, важно е да се знае дека помалку од еден процент од нив се рак. Помалите абнормалности се последица на мали измени на клетките на грлото на матката, кои пак може да ги предизвикала мала инфекција, на пример, воспаление на вагината или инфекција со ХПВ-вирусот. ХПВ-вирусот е присутен во 99,7 проценти од случаите на рак на грлото на матката. Меѓутоа, сите инфекции со ХПВ-вирусот не водат кон појава на рак на грлото на матката. Постојат над 200 различни вида ХПВ-вируси, од кои само неколку го инфицираат грлото на матката. Повеќето жени не знаат дека имаат ХПВ-инфекција сѐ додека не добијат невообичаени резултати на ПАП-тестот. Кај повеќето жени, на организмот обично му се потребни една до две години природно да го отстрани вирусот. Меѓутоа, понекогаш на организмот му е потребно подолго време да се ослободи од ХПВ-вирусот, со што се зголемува ризикот да се појави рак на грлото на матката. Ако имате помали промени и резултатите од вашите претходни ПАП-тестови биле нормални, докторот ќе побара повторно да направите ПАП-тест по една година. Тоа му дава доволно време на организмот природно да се излекува од ХПВ-инфекцијата. Ако повторниот ПАП-тест покаже абнормални промени, тогаш ќе ве испратат кај специјалист за понатамошно испитување. Оваа постапка се вика колпоскопија.

При овој преглед вашиот доктор користи инструмент, колпоскоп, кој овозможува грлото на матката да се гледа во зголемена форма за да се провери големината и видот на абнормалните промени. Високоризични абнормалности може да се јават како резултат на сериозни промени на површинските слоеви на грлото на матката.
Ако не се лекуваат, постои поголема шанса тие да се развијат во рак на грлото на матката. Пред високоризичните абнормалности да се развијат во рак на грлото на матката, обично е потребно да поминат барем 10 години. Ако имате високоризични абнормалности, докторот ќе ве упати кај специјалист за понатамошно испитување.

Автор: д-р Надица Стојковска, спец. гинеколог – акушер
ПЗУ Д-р Надица Гинеко Филип С.



912

X