Реновирањето во домот некогаш мора да се случи, но самиот процес е дополнително тежок доколку живеете со деца. Добрата вест е што е возможно, а со помош на советите на експертите за уредување на ентериер (кои веќе го искусиле тоа и на своја кожа), целиот процес ќе биде уште полесен. Еве на што треба да обрнете внимание за децата да бидат среќни во текот на целиот тој хаос и преуредување.

1. Создајте стратегија во врска со тоа што ќе реновирате и кога

Планирајте колку што можете и бидете тактични за редоследот на реновирањето.

– Земете го предвид користењето на тоалетот и работните соби пред да започнете. Секогаш имаме еден простор за работење кој семејството може да го користи – вели Кендал Ансел, сопственик на биро за уредување на ентериер. Реновирањето на кујната е најкомплицирано, како и реновирањето на сите тоалети во домот, но со редослед и стратегија, ќе биде возможно да се функционира нормално додека трае реновирањето.

2. Поставете реални очекувања (за децата и за себеси)

– Важно е да поставите очекувања за сите вклучени во процесот. Реновирањето ќе трае и домот ќе биде валкан, а сите предмети нема да бидат вратени на своето место истиот ден – вели Ансел. Особено е важно процесот да им се објасни на децата. Кажете им на децата што да очекуваат на самиот почеток, за да знаат како ќе им влијае реновирањето, вели Ким Баркер, која го реновирала сопствениот дом со две деца дома. „Покажете им слики колку убаво ќе изгледа за да бидат вклучени во промените“.

3. Разговарајте за потребите на семејството

Имајте отворена комуникација за своите потреби со цел процесот на реновирање да се одвива подобро и без проблеми. „Дајте им до знаење на работниците во кој простор ќе живеете во домот, возраста на децата и нивната подвижност. Може многу да се направи за да се заштитат децата од простор каде што не треба да бидат. Може да се постават и целосни бариери ако тоа е во согласност со вашите потреби“, советува Ансел.

4. Организирајте го просторот

– Организацијата е клучот за успешно реновирање! – вели Дебра Амброус, која го реновирала својот дом во Торонто со три деца дома. Осигурете се дека сè ви е спакувано и означено, па да биде јасно која содржина каде припаѓа. Пред да почне реновирањето, организирајте го просторот и отстранете ги играчките. Складирајте го она што не е потребно за да го заштитите од прашина“, вели Баркер. Дискутирајте со децата зошто играчките треба да бидат безбедно складирани, за да немаат чувство дека се казнети и обидете се да учествувате во некои игри заедно како семејство. Децата може да изберат некоја од омилените играчки што ќе им остане неспакувана, па дајте им задача да ја чуваат.

5. Безбедноста на прво место

„Исклучување на плинот, електричната енергија – тоа е од клучно значење“, вели Амброус. „Ги испративме децата да спијат кај пријатели или роднини кога најголемите задачи се вршеа во домот“. Дури и кога главните бариери ќе се постават, најдобро е децата да бидат надвор бидејќи работата ќе работат многу машини и ќе има голема врева. Разговарајте со работниците за опасностите, на пример, доколку се реновираат скалите и слично, што може да ги доведе децата во ризик. Бидете сигурни дека тие делови од домот ќе бидат недостапни за децата додека не се завршат работите. Исто така, Ансел препорачува да направите и фотографии од домот пред да почне целата работа.

6. Вклучете ги децата во процесот

– Децата нека бидат вклучени и бидете сигурни дека се свесни за промените. Ова позитивно ќе им влијае, па ќе ја разберат и стратегијата додека трае процесот, како и исходот – вели Амброус. Експертите, исто така, препорачуваат и децата да дадат свое мислење за дизајнот и планирањето, за целиот процес да им биде забавен. Така ќе имаат чувство дека се важен дел од домаќинството.

7. Не брзајте со работата

Реалноста е дека работите ќе одземат повеќе време, додека семејството живее во домот, вели Сапо Грифин, дизајнерка на ентериер. „Да се работи околу некој кој истовремено живее во домот, значи и ограничен пристап за работниците, а чистењето на дневна основа одзема повеќе време“, објаснува таа. Иако сето тоа го забавува процесот, сепак, семејствата ги радува тоа што може да заштедат пари бидејќи не бараат друго место за престој додека трае реновирањето. Ансел, исто така, предупредува да не се брза да се вратат во просториите кои сè уште не се погодни за живеење. „Ако ја боите собата на детето и поставувате килими, треба да оставите да поминат неколку дена пред детето да почне да спие таму. Нека се исуши убаво бојата, па потоа детето нека ја користи собата“.

8. Обидете се да се држите до регуларната рутина

Тајмингот е најважен, па треба да се планираат работите: ако е лето, децата може да одат на камп, бидејќи не се на училиште, или добро е да се избере некој од распустите за да може да излезат од дома и да не се попречува работата. Ако тоа не е можно, обидете се да ја одржувате вообичаената рутина колку што е тоа можно – најважно е одењето на спиење и будењето, за децата да имаат чувство на „нормалност“.

9. Останете позитивни

Покрај хаосот лесно е да се вознемирите, но позитивниот став ќе ви помогне полесно да го преживеете целиот процес. Реновирањето може да биде фрустрирачко и стресно, но ако сте вознемирени, и децата ќе ги преземат тие емоции, па обидете се да бидете смирени и прибрани – вели Баркер.

„Можете да се ставите во позиција на семејна авантура и да мислите дека одите на кампување“, посочува Грифин.

Автор: Џилијан Бернер

Извор



912

X