Како што веќе сме информирани, Министерството за образование и наука планира учебната година да започне на 1 септември со физичко присуство и подготовка на учениците за враќање во училишните клупи. Ова е најпосакуваното сценарио, се разбира, доколку епидемиолошката состојба не се промени.
Како ќе го надоместат тоа што го пропуштиле?
Како повторно ќе ја стекнат навиката за учење?… се само дел од многуте прашања што предизвикуваат страв и неизвесност кај родителите. Направете го домот позитивна средина за учење, во која ќе го подготвите вашето дете за новата школска година така што отворено ќе си дозволите да разговарате за ситуацијата и можните проблеми со кои ќе треба вашето дете да се соочи, а со тоа ќе започнете со навремено дејствување.
Сè уште трае летниот распуст, па голем број родителите не сакаат да ги оптоваруваат своите деца и стојат на ставот – „има време, ќе учи од септември“. Олеснете му на вашето дете и пробајте со некои лесни активности постепено да ја враќате „старата“ рутина што ја имало додека посетувало настава со физичко присуство. Започнете со избегнување на секојдневните пасивни активности на вашето дете, како гледање ТВ, играње видеоигри, прекумерно седење на мобилен телефон, читање бесцелни интернет-содржини и сл.
Тоа заменете го со интерактивни активности и учење преку игра и разговор, како на пример:
– Задајте му проблемска задача и определете го временскиот интервал во кој треба да биде извршена. Анализирајте ја работата заедно со детето, разговарајте околу начинот на кој задачата била исполнета, направете самото дете да ви даде образложение, поттикнете го да размислува самостојно и критички, да не чека ваш готов одговор и заклучок.
– Дајте му предлози за теми и истражувања во природа и оставете го детето само да се заинтересира, да открива и набљудува. Излезете на прошетка и направете да се чувствува како „млад истражувач“, да ги бележи промените на појавата што ја следи, да собира материјали, да дава претпоставки и да доаѓа до заклучоци.
– Во домот организирајте разни креативни работилници на теми кои вашето дете ќе ги предложи и притоа ставете акцент на неговата фина моторика.
– Во ваше присуство детето нека прочита некоја книга и потоа разговарајте за содржината, карактеристиките на ликовите и сл.
– Започнете со површно повторување на некои битни тематски единици од одделни предмети кои детето ги изучувало во изминатата година. Потсетете го и согледајте колку некои работи му останале во сеќавање.
– Вклучувајте го детето во вашите секојдневни домашни активности, на пример, готвење, чистење, семејни игри, дружења итн.
На вашето дете сега му е потребна поддршка и внимание повеќе од кога било затоа што промените на кои се изложени сите ученици вклучени во воспитно-образовниот процес доведуваат до развојни проблеми, кои понатаму можат негативно да се рефлектираат.
РОДИТЕЛИ, БИДЕТЕ СОПАТНИЦИ НА ВАШИТЕ ДЕЦА!
Автор: Ангела Икономоска, педагог
912