Втората бременост е добра вест. Сепак, можно е кога ќе дознаете дека сте бремена по втор пат, прво да се загрижите, бидејќи не знаете како ќе реагира вашето прво дете. Ако разликата во годините е мала, можеби ќе ве прогонува и вината што повторно сте забремениле, а сè уште не сте целосно поврзани со вашето прво дете. Нашиот совет е: не треба да се чувствувате лошо! Доаѓањето на неочекуван помлад брат или сестра не мора да биде трауматично искуство за вашето прво дете. Еве неколку совети како да му ја олесните ситуацијата на детето:

За време на бременоста

Кога ќе дознаете дека сте бремени, веднаш споделете ја веста со вашето дете. Можеби ќе биде возбудено кога ќе дознае дека семејството ќе се зголеми за уште еден член. Исто така, можно е да заплаче и да бара многу внимание. Во секој случај, бидете тука за него, разговарајте за неговите чувства и дајте му поддршка. Малите деца се секогаш љубопитни, па затоа би било добро редовно да го запознавате детето со сите новости поврзани со бременоста.

Во исто време, не заборавајте да му дадете можност да поставува прашања. Бидете трпеливи и одговорете на сите прашања, земајќи ја предвид возраста на детето. Не би било лоша идеја да купите книга во која бременоста и породувањето се објаснети на начин кој е близок до сфаќањето на децата. Исто така, важно е да бидете искрени и да му кажете на детето што може да очекува кога ќе се роди неговиот брат или сестра. Разгледајте ги неговите фотографии од тој период и на шега разговарајте за работите што ги правело кога тоа било толку малечко, а кои веројатно ќе ги прави и неговиот брат или сестра.

Еден од можните начини да го приближите вашето дете до целото искуство за доаѓањето на новиот брат или сестра – е да го земете со себе кога одите на ултразвук. Тогаш ќе може да го слушне и чукањето на срцето на бебето, што секако ќе биде возбудливо за него. Раѓањето на второто дете е ново искуство и за вас и за вашето дете. Добро е да се вклучи детето во изборот на името, како и во подготовката на детската соба. Обидете се да не го преместувате детето од собата во која дотогаш спиело. Ако морате да го направите тоа, објаснете му зошто мора да се случи тоа. Но, најважно е да му дадете до знаење на детето дека во никој случај нема да го сакате помалку кога бебето ќе дојде дома.

-Погрижете се некој од семејството да не спомене дека чекате бебе пред вие да му го соопштите тоа на вашето дете на соодветен начин:

– Вашето дете нека се чувствува посебно поради веста во семејството: „Ќе добиеш брат или сестра, ќе станеш постар брат…“
-Помогнете му на детето подобро да го разбере времето кога ќе се роди детето: објаснете му дали тоа ќе биде по нечиј роденден, по одреден одмор, по враќање од море и слично, бидејќи концептот на време е сè уште доста комплициран за децата.
-Покажете му на детето како изгледаат малите бебиња за да разбере што да очекува. Кажете му ја приказната за неговото раѓање покажувајќи му ги неговите први фотографии. Не заборавајте да кажете каква била вашата прва бременост, како сте го избрале неговото име, што сте купувале како опрема и облека и слично.
-Дајте му на детето кукла за да може да си игра со неа и да ги изрази своите чувства. Ако мислите дека на вашиот син/ќерка можеби нема да му/ѝ се допадне куклата како играчка на долг рок, можете да ја позајмите од пријател.
-Набавете сликовници во кои се зборува за таа тема и ја олеснуваат комуникацијата со вашето дете. Трпеливо одговарајте на прашањата што ви ги поставува, а вие прашајте го што мисли за сето тоа.
-Вклучете го детето во изборот на името, како и во други подготовки во кои може да учествува (боење на просторијата каде што ќе спие бебето, селектирање на старата облека).
-Зборувајте за тоа како се однесуваат бебињата и како треба да се постапува со нив. Објаснете му дека првите неколку месеци бебињата најчесто спијат, јадат и плачат.
-Покажете му ги малите бебиња кои родителите ги водат на прошетка или кои чекаат со мајка им во чекалница на лекар. Однесете го детето кај пријателка што има бебе, се разбира, доколку детето го сака тоа. Не инсистирајте на тоа ако детето сè уште не е подготвено.
-Не кажувајте му на детето дека конечно ќе има со кого да си игра. Ова нема да се случи толку брзо како што би очекувало вашето постаро дете и може непотребно да се разочара.
-Поттикнете го детето да разговара со бебето во стомакот и да ги пее песните што ги научило. Ова ќе го олесни идниот контакт со бебето, а бебето ќе се навикне на гласот на најстарото дете и нема да му биде непознат по раѓањето.
-Направете план кој да се грижи за вашето дете додека сте во болница. Неколку недели пред очекуваниот датум договорете го овој план со детето, за да се навикне и да знае дека ќе ве нема неколку дена, но да биде свесно дека нема да биде запоставено.
-Оставете го детето да поминува повеќе време со вашиот партнер, баба и дедо или дадилка, за сите да ги знаат деталите за кои досега можеби само вие сте се грижеле, а исто така и детето да се навикне да функционира нормално без ваше присуство.
-Дозволете му на вашето дете да ви помогне да ги спакувате сите потребни работи за породување и не заборавајте да земете со вас нешто што вашето дете ви го подарило (на пример, цртеж). Нека види колку се грижите за него и нека се увери дека ништо не може да ја намали таа љубов.
-Избегнувајте да внесувате големи промени во животот на вашето дете во последните два-три месеци од бременоста – одвикнување од пелени, запишување во градинка, менување спални соби, преселување во нов дом, одвикнување од доење (освен ако детето не сака). Доколку навистина треба да се иселите од станот во овој период, подгответе го вашето дете однапред, но очекувајте и дека можеби нема добро да реагира на промената.
-Повторете му на детето дека го сакате онолку пати колку што е потребно, затоа што децата сакаат тоа често да го слушаат.

Кога ќе се роди детето

Првите пораки што му ги испраќате на вашето малечко по раѓањето на новото бебе се исклучително важни. Најдоброто нешто што можете да го направите е да изработите фотоколаж во кој ќе ги комбинирате фотографиите од новороденото бебе со неговите фотографии. Додека сте во болница, јавувајте му се на детето на телефон неколку пати на ден за да почувствува дека сè уште многу го сакате и дека се грижите за него на ист начин како што се грижите за новиот член на семејството. Можете да остварите видеоповик со вашето малечко и да му го покажете неговиот брат или сестра.

Кога бебето ќе дојде дома

Кога бебето доаѓа дома, некои деца стануваат љубоморни, па дури и агресивни. Ако сте загрижени за однесувањето на вашето дете, закажете состанок со детски психолог. Психологот ќе му помогне на детето да се приспособи на промените и да се справи со своите чувства. Исто така, може да се случи вашето дете да покаже знаци на регресија, како што се повторно пиење од шише или мокрење во панталони. Тоа е начинот на кој се обидува да се приспособи на новонастанатата ситуација. Постојат работи што можете да ги направите за да ја направите транзицијата што е можно побезболна:

-Најдете време да му посветите доволно внимание на вашето малечко, дури и ако во овој случај некој од членовите на семејството се грижи за бебето.
-Поставете јасни граници за вашето малечко, за да знае што е и што не е прифатливо однесување за вас. Ако не го сторите тоа, детето можеби ќе сака да ги тестира границите.
-Бидете трпеливи и подарете му многу љубов на вашето малечко. Прегрнувајте го многу.
-Вклучете го постарото дете во грижата за бебето.
-Побарајте негово мислење за тоа како да го облечете бебето. Ако малечкото е доволно возрасно, нека ви помогне околу капењето, облекувањето на бебето и слично.

Авантурата е пред вас! На почетокот, горенаведеното може да изгледа како многу работа за вас и понекогаш сето тоа да е емотивно исцрпувачко, но мора да знаете дека вложениот труд и време вредат. Во практична смисла, додека да се свртите, вашите деца веќе ќе бидат возрасни.

Извор



912

X