Воспитување

Како да го ограничите времето поминато пред екран и живеењето во виртуелен свет на детето?

Компјутерите, телефоните и телевизијата се дел од нашето секојдневие, па речиси е невозможно да ги избегнеме. Губењето контрола пред екраните не е случај само кај децата, туку и кај возрасните. Експанзијата на техниката и технологијата, секој ден, сѐ повеќе и повеќе расте, а со тоа користењето на модерната технологија станува неопходно.

Оставете ги децата некогаш да се досадуваат затоа што досадата е двигател и важен фактор за нивниот развој. Кога на децата им е здодевно, се обидуваат да смислат некоја активност, нешто да организираат, да пронајдат игра или сами да побараат друштво. Немојте вие да го решавате проблемот со досадата. Компјутерите, телефоните и телевизијата не се лоши, но проблем е кога ги користите како замена и решение на сѐ. Новите генерации растат во т.н. виртуелен свет, така што се создава зависност и склоност кон постојано користење на модерната технологија. Се претпоставува дека главна причина за предизвикување на зависноста е прифаќањето дека интернетот, социјалните мрежи и игрите се средина која може да даде емоционална поддршка. Постојат повеќе знаци според кои можете да утврдите зависност кај детето:

  • избегнување да се изврши домашната работа или други обврски, така што слободното време го поминува пред компјутер, таблет и слично;
  • забраната за користење компјутер резултира со протест, плачење и агресија;
  • компјутерот го „гледа како пријател“;
  • нема друг вид забава, освен компјутерот, телефонот… ;
  • избегнува да комуницира со вас;
  • проблеми со спиењето и сл.

Доколку сте ги забележале овие знаци, сигурно се прашувате: Што треба да преземам? На ова прашање еден одговор е сигурен – немојте да го употребувате начинот на казнување преку одземање на уредите, затоа што ќе увидите дека ќе предизвикате само поголем гнев и фрустрација кај вашето дете.

Како родители, обидете се да им го привлечете или пренасочите вниманието на децата кон разни активности каде што не се вклучени електричните уреди. Доколку станува збор за деца од претшколска возраст, потрудете се вие да им помогнете и заедно да го креирате слободното време. Обидете се да организирате интересни креативни активности за рачна изработка, прошетки, спортување, играње игри со кои гледате дека кај детето побудувате интерес и сл. Кај децата од школска возраст не поставувајте се престрого со зголемена доза на притисок. Дејствувајте преку делумна слобода на избор. Обидете се:

– детето само да управува со своето време, а притоа да поставите задача која треба да биде исполнета;

– да направите договор, компромис и баланс на обврските на вашето дете и минувањето на слободното време;

– да му објасните дека вистинскиот свет не е како виртуелниот свет;

– да му укажете на тоа колку е важна социјализацијата во средината;

– да разговарате смирено и да ја кажете вашата поента, без предизвикување кавга;

– да ги објасните штетните влијанија;

– поминувајте повеќе време со вашето дете и разговарајте отворено.

Автор: Ангела Икономоска, педагог

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top