Децата ги цицаат своите палци бидејќи тоа им дава утеха и ги смирува. Тие најчесто ја добиваат оваа навика додека се во утробата на мајката, а ја усовршуваат како бебиња. Кога детето малку ќе порасне, го цица палецот кога е изморено, исплашено, болно, кога се досадува или кога се обидува да се приспособи на одредени предизвици, како тргнување во градинка. Цицањето на палецот, исто така, е честа навика при успивањето бидејќи детето се обидува да си помогне побрзо да заспие навечер или ако се разбуди во текот на ноќта.

Немојте премногу да се грижите. Американското стоматолошко здружение истакнува дека повеќето деца можат сигурно да го цицаат својот палец – без да го оштетат порамнувањето на забите или вилицата, сè додека не им се појават трајни заби, кои обично почнуваат да избиваат до шестата година. Меѓутоа, имајте на ум дека не секое цицање на палецот е еднакво штетно. Експертите тврдат дека интензитетот на цицање и потиснување на јазикот може да доведе до деформирање на забите и подоцна ќе мора да се носи апаратче за заби. Помалку е веројатно дека децата што пасивно го држат палецот во устата ќе имаат проблем подоцна, па треба да се загрижите само ако детето интензивно и агресивно го цица палецот. Набљудувајте ја техниката на детето. Ако силно го цица палецот, би требало да размислите за тоа да го одвикнете од таа навика до четвртата, најдоцна до петтата година. Ако забележите какви било промени во устата на детето или кај забите или ако се сомневате дека цицањето на палецот предизвикува проблеми – секако консултирајте се со стоматолог. Повеќето деца сами се одвикнуваат од цицањето на палецот помеѓу 2. и 4. година. Некои деца продолжуваат и подолго со оваа навика, но притисокот на врсниците во претшколска возраст и на училиште најчесто има најделотворно влијание.

Со кои чекори можете да му помогнете на детето да престане да го цица палецот:

Прв и главен совет е: игнорирај!

Д-р Серс препорачува: „При почестото нормално, но досадно детско однесување, ако не направите ништо освен игнорирање и прифаќање, палецот евентуално ќе најде друга занимација“.

Позитивни поттикнувачи

Нацртајте на хартија неделен календар и означете го секој ден без цицање палец. Тоа ќе биде поттик детето да собере што повеќе налепници во различни бои и облици. За секој успешен ден, подарете му некоја ситна награда.

Не ставајте му ракавици

Семејниот психолог Јан Берман вели: „Немојте да се обидувате набрзина да го решите проблемот со ставање ракавици. Со тоа само ќе ги фрустрирате децата и ќе ги направите поанксиозни. Голема е веројатноста дека кога ќе пораснат, само ќе ја извадат ракавицата, а желбата за цицање ќе биде уште поголема“.

Нежни потсетници

Ако детето несвесно го цица палецот и не го користи тоа како начин за привлекување внимание, нежно потсетете го да престане. Немојте да го навредувате или да го критикувате.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X