Денес сѐ почесто се зборува за горливиот проблем со врсничкото насилство меѓу децата и младите. Вербалното или физичкото малтретирање што долго трае може да остави длабоки емоционални последици врз здравјето на детето, но и да доведе до сериозни повреди. Ако вашето дете е жртва на злоупотреба од врсници, психолозите велат дека како родител треба да направите сѐ што можете за да го спречите тоа.
Имено, можете да му помогнете на вашето дете да се справи со задевањето, малтретирањето или злонамерните озборувања, а со тоа да го намалите нивниот траен ефект. Дури и ако малтретирањето не е проблем во вашата куќа во моментов, важно е да разговарате за тоа за вашите деца да бидат подготвени ако некогаш се случи на училиште или на друго место.
Повеќето деца се задевани во одреден момент од брат, сестра или пријател. И обично не е штетно кога тоа се прави на разигран и пријателски начин, а на двете деца им е смешно. Но, кога задевањето станува болно, нељубезно и постојано, тоа станува малтретирање и треба да престане.
Злоупотребата е намерна тортура на физички, вербален или психолошки начин. Може да варира од удирање, туркање, навредување, заканување и исмејување до изнудување пари. Некои деца малтретираат преку избегнување на другите и шират шпекулации за нив, додека други користат социјални мрежи или електронски пораки за да ги исмејуваат врсниците или да ги повредат нивните чувства.
Важно е малтретирањето да се сфати сериозно, а не само да се отфрла како нешто што децата треба да го „издржат“. Последиците можат да бидат сериозни и да влијаат врз чувството на сигурност или самодоверба на детето. Во тешки случаи, злоупотребата може да има фатални последици.
Што можат да направат родителите?
Ако дознаете дека вашето дете е жртва на насилство од врсници, смирено сослушајте го и дајте му утеха и поддршка. Децата честопати не сакаат да им кажат на возрасните за малтретирањето затоа што се срамат или затоа што се загрижени дека нивните родители ќе бидат разочарани, вознемирени, лути или ќе реагираат на неочекуван начин. Понекогаш децата чувствуваат дека се виновни за тоа што им се случило, а многу често се плашат дека ситуацијата ќе биде уште полоша доколку насилникот дознае дека се пожалиле на родител или наставник.
Сепак, како родител, ваша должност е да разговарате за злоупотребата со вашето дете. Пофалете го детето ако одлучи да ви се довери и потсетете го дека не е само – многу луѓе во одреден момент се малтретирани. Објаснете дека насилникот е тој што лошо се однесува, а не вие. Уверете го детето дека заедно ќе сфатите што можете да направите во врска со ситуацијата. Во анкетите, повеќето деца и тинејџери велат дека малтретирањето се случува на училиште, затоа не заборавајте да го информирате наставникот или воспитувачот за ситуацијата во која се наоѓа вашето дете. Нивната задача е да набљудуваат и да преземаат чекори за да спречат понатамошни проблеми.
Насилството од врсниците може да вклучи широк спектар на ситуации, така што не постои единствен пристап кој одговара на сите. Она што функционира во една ситуација не мора да функционира во друга. Многу работи, како што се возраста на вклучените деца, сериозноста на ситуацијата и специфичниот тип на малтретирање, ќе помогнат да се одреди најдобриот начин на дејствување, објаснуваат психолозите.
Родителите можат да им помогнат на децата да научат да се справуваат со насилството доколку тоа се случи. Може да биде примамливо за некои родители да му кажат на своето дете да возврати. На крајот на краиштата, вие сте лути што вашето дете страда. Или можеби се грижите дека вашето дете ќе продолжи да биде малтретирано и чувствувате дека возвраќањето е единствениот начин да го поставите насилникот на негово место.
Но, важно е да се советуваат децата да не реагираат на малтретирањето борејќи се или возвраќајќи со иста мера. Ова брзо може да ескалира во уште посериозно насилство, а многу често некој се повредува. Наместо тоа, најдобро е да се оддалечите и да побарате помош од возрасен. Еве неколку други начини на кои децата можат да ја подобрат ситуацијата и да се чувствуваат подобро:
-избегнување или игнорирање на насилникот
-контролирање на гневот или фрустрацијата
-цврсто и јасно кажи му на насилникот да престане, а потоа оди и
довери се на возрасен (разговор со наставник, родител или психолог).
И последно, но можеби и најважно е да се зајакне самодовербата кај детето. Како што објаснуваат психолозите, родителите кои ќе ја зајакнат самодовербата кај детето ќе одгледаат дете кое ќе знае како да реагира во непријатни ситуации, вклучително и конфликти со насилниците.
912