Благодарноста не е само дел од убавите манири, туку е многу важна карактерна особина.
Благодарноста е концепт на високо ниво што малите деца тешко можат да го разберат бидејќи во раните фази на развојот се природно фокусирани на себе. Но, ако децата растат со благодарност, полесно ќе ги разберат потребите и чувствата на другите.
Првите пет години од животот на вашето дете се одлична можност да му помогнете да развие вештини кои подоцна ќе му помогнат да биде посреќно. Истражувањата покажуваат дека благодарните луѓе обично се попозитивни, помалку депресивни и помалку под стрес. Затоа, кога ги учиме нашите деца да го ценат она што го имаат и што другите го прават за нив, им помагаме да станат посреќни и поподготвени за животот како возрасни.
Како да го постигнете тоа?
– Научете ги да им кажат „благодарам“ на луѓето што прават нешто за нив. Тоа може да биде келнер во ресторан, брат или сестра кои им помагаат да ги соберат играчките, или пријател кој им подарува роденденски подарок.

– Кажете им на вашите деца за што им сте благодарни. Бидете конкретни кога им давате до знаење дека се посебни и сакани. На пример, можете да кажете: „Навистина го ценам тоа што му помагаш на твојот брат да ги врзе чевлите“. Тоа ќе ги научи да го следат вашиот пример и да им ги кажуваат истите работи на другите луѓе подоцна во животот.
– Разговарајте за работите на кои сте благодарни. Ова може да се направи на многу начини, од кажувањето благодарности пред вечера до водење дневник на фамилијарната благодарност.
– Секогаш укажувајте им на примери на деца кои се помалку среќни од нив и ставете им до знаење колку е важна љубовта на семејството, здравјето и можноста за остварување на основните егзистенцијални потреби.
– Поддржете добротворни настани или организации. Без разлика дали донирате облека или играчки, учествувате во акции за помош на бездомници или храните животни од улица, разговарајте со децата за тоа што овие акции значат за оние на кои им се наменети. Научете ги дека давањето е најубавиот начин на примање.
– Бидете доследни. Како и секоја вештина, благодарноста не се учи за еден ден; детето учи од она што го гледа, а не од она што му се кажува.