Експертите велат дека стравот од лекарите е резултат на неколку фактори: темпераментот на детето, неговата возраст и претходните искуства со операции и болници. Децата кои често се болни уште од мали нозе и се изложени на низа непријатни прегледи имаат поголеми шанси да развијат страв од одење на лекар или во болница. Ако на тоа се додаде таканаречениот развоен страв од непознати луѓе и ситуации, одењето на лекар е вистинска ноќна мора за некои родители.

Високо на листата со стресни ситуации во ординација дефинитивно се вакцинирањето и секоја процедура која вклучува игла. Детето кое се плаши од лекарите најчесто гласно плаче, се спротивставува, не може да се смири. Најтешко е со децата на возраст од една до четири години, бидејќи тие веќе црпат одредени асоцијации кога ќе одат на лекар или кога ќе сфатат дека мора да одат во болница, но сè уште не може логично и рационално да им се објасни дека сето тоа е за нивно добро.

Кога ќе го видат своето тажно, исплашено и расплакано дете, родителите често развиваат вознемиреност за одењето на лекар. Некои дури ги одложуваат вакцинациите или се обидуваат да ја решат терапијата со педијатарот преку телефон. Доколку навистина одат на лекар, родителите невербално и несвесно му го пренесуваат својот немир и непријатност на своето дете, што ја влошува ситуацијата. Родителите признаваат дека за време на прегледот им е тешко да ги следат упатствата на педијатарот бидејќи се толку вознемирени од стресот на детето, па како да не се ни присутни во ординацијата. Затоа е важно родителот прво да се увери дека посетите на лекар се неопходни. Ниту еден педијатар не може напамет или преку телефон да ја утврди здравствената состојба на детето. Лекарот мора да го прегледа детето.

Како посетата на педијатар да биде помалку страшна за детето (и за родителот)?

Подгответе го детето пред да заминете

Дури и ако не сака да зборува за одење на лекар, кажете му на вашето дете што ќе се случи на прегледот. Можете да го направите тоа со играчки (докторски комплети за деца), игра со улоги со омилените играчки на детето или со сликовници. Детето се плаши од непознатото, исто како и возрасните. Во зависност од тоа зошто одите кај педијатарот, опишете му на детето чекор по чекор процесот (ќе одиме со автомобил, ќе се паркираме, ќе влеземе во чекалницата, ќе има други деца таму, ќе ја чекаме медицинската сестра да ни се јави, ќе влеземе во ординацијата, ќе го поздравиме докторот и сл.). На овој начин детето се запознава со ситуацијата и добива еден вид утеха дека сѐ ќе биде во ред.

Не создавајте дополнителни стравови и не исмевајте го детето

Кога објаснувате што ќе се случи во текот на прегледот, не лажете и не молчете. Подобро е веднаш да се каже: „Може малку да те боли, но за кратко време ќе помине. Јас ќе бидам со тебе“. Целта е да се биде искрен, но да не се преувеличува стравот или да се исмејува со зборови како „Не биди мало бебе“. Исто така, дури и кога детето е здраво, не плашете го со одење на лекар. Многу родители ги дисциплинираат своите деца така што им се „закануваат“ и ги плашат со нешто што е крајно непријатно и негативно за децата. Ако исплашите дете со лекар, не можете да очекувате мирно да оди на преглед.

Не давајте празни ветувања

Не кажувајте му на вашето дете дека нема да прими вакцина/инјекција ако тоа не е точно. Ако кажете дека нема да има боцкање, на пример, а потоа се случи тоа, детето веќе нема да ви верува и ќе имате уште поголеми проблеми следниот пат кога ќе одите на лекар. Повторно, детето најмногу се плаши од непознатото. Детето се плаши што ќе му направи докторот, па лажењето не е опција.

Понудете му на детето нешто што ќе му го одвлече вниманието

Во такви случаи додека го чекате прегледот, добро е да имате мобилен телефон со цртан филм, играчки во чантата или некоја однапред испланирана тема за разговор за малку да го опуштите детето. Кога влегувате во лекарска ординација и докторот треба да даде вакцина/инјекција (што е најголем страв кај децата), трик што го знаат искусни педијатри е да го натераат детето да кашла при давањето на вакцината/инјекцијата за да се намали болката од боцкањето.

Наградете го детето по прегледот

Ветете му на детето дека по посетата на лекар ќе излезете заедно на сладолед или ако детето е настинато, дека ќе гледате цртани или ќе читате омилена приказна дома онолку пати колку што сака. Целта овде не е да се купи послушноста на детето, туку малку да се оттргне неговиот ум од сегашноста, со најава за пријатна иднина.

На овој начин му помагате на детето да создаде позитивни асоцијации за искуството од одењето на лекар.

Извор



912

X