Утерусот (матката) веќе во текот на бременоста се подготвува за породувањето. Матката е градена од мазни мускулни влакна и сврзно ткиво. Во трупот на матката има најмногу мускулно ткиво. Мускулните снопови во ѕидот на матката го зголемуваат својот волумен во текот на бременоста, со процес на хипертрофија и хиперплазија, што заедно со растегнувањето кое е условено од растот на плодот, доведуваат до тоа во бременоста матката да се зголеми и до 10 пати.

200 контракции до породувањето

Способноста за контракции и еластичност на мускулите на матката е важна карактеристика од која зависи квалитетот на породувањето. Контракциите на матката се под контрола на вегетативниот нервен систем, а самата контракција на матката е електромеханички феномен кој доведува до скратување на миометриските влакна. Вистинските контракции почнуваат со болни стегања кои траат околу половина минута и се појавуваат на правилни растојанија од 20 до 30 минути. Во подоцнежниот тек на процесот, јачината на контракцијата се зголемува, а времето помеѓу нив се скратува на 10 минути и помалку, што истовремено се смета за „тревога“ за одење во породилиште. Сепак, перцепцијата за болка е индивидуална карактеристика и не треба да се држите до стриктни правила во однос на одењето во породилиштето бидејќи такви не постојат.

На почетокот од породувањето вообичаени се 3 до 4 контракции во 10 минути, потоа во таканаречена втора породилна доба и по 5 контракции во 10 минути. Нормалните породувања ги карактеризираат правилни, односно координирани контракции на матката кои лесно и ефикасно го шират грлото на матката. За нормално породување потребни се околу 200 контракции, а самото породување кај прворотката трае околу 12 часа, а кај оние што не раѓаат првпат, од 5 до 8 часа.

Лажни контракции од 36. недела на бременоста

Веќе од средината на бременоста, а особено во последните неколку недели пред терминот, активноста на мускулното ткиво на матката станува сè посилна и сè почувствителна на хормоните кои влијаат врз миометриумот. Затоа веќе 4 недели пред породувањето, а кај некои жени и нешто порано, може да ги заменат контракциите на матката кои се неправилни, асинхронизирани, со ниска амплитуда, па не се болни. Ваквите контракции може да бидат почести и поправилни со оглед дека е крај на бременоста. Ги нарекуваме Брекстон-Хиксови контракции или лажни контракции. Се нарекуваат лажни бидејќи трудниците често помислуваат дека почнало породувањето. Меѓутоа, тие не се причина за тревога бидејќи не предизвикуваат промени на грлото на матката, односно не резултираат со ширење, туку служат за вежбање или подготовка за самиот чин на раѓање.

Сепак, на пациентките понекогаш им е тешко да разликуваат вистински од лажни контракции. Од помош може да биде познавањето на некои карактеристики на лажните контракции. Така најчесто овие контракции се смируваат доколку трудницата почне да се движи, додека кај вистинските ништо нема да помогне во смирувањето на грчевите и болката. Понатаму, кај лажните контракции грчевите се токму во долниот дел од стомакот, додека кај вистинските болката почнува на дното од карлицата, па постепено се шири и се засилува кон долниот дел од стомакот. Додека Брекстон-Хиксовите контракции немаат некој правилен распоред на јавување, вистинските контракции ги карактеризира правилно и сè пократко растојание помеѓу контракциите. Се смета дека трудниците што веќе претходно раѓале може да имаат почести и поинтензивни лажни контракции, додека прворотките можеби и нема да ги забележат.

Сепак, прагот на болка е индивидуален параметар, па понекогаш на трудницата ѝ е тешко селективно да процени за какви контракции се работи, лажни или вистински. Затоа, дилемата е оправдана причина за одење на гинеколошки преглед, каде што ќе се одреди за што се работи.

Опасност од предвремено породување

Овде е важно да се напомене дека контракциите може да се појават и во текот на бременоста, па така може да доведат до предвремено породување. Затоа контракциите кои во текот на бременоста стануваат почести и болни треба да се сфатат сериозно и да се јавите на гинеколог за преглед. Таквите контракции може да предизвикаат ширење на грлото на матката додека бебето сè уште не е доволно зрело за живот надвор од мајчиното тело.

Контракциите во текот на бременоста може да се последица на преголемо телесно напрегање, почесто стоење, изложеност на стресни ситуации, но и инфекции на грлото на матката и хориоамнионитис. Во некои ситуации, мирувањето е оптимална терапија, додека кај дел од пациентките ќе биде потребно антибиотско лекување и така ќе се елиминира инфекцијата која често предизвикува предвремени контракции. Интересно е како и покрај брзиот развој на фармакотерапијата, зачестеноста на предвременото породување во популацијата со децении не е значително намалена.

Автор: д-р Сенка Саболовиќ Рудман, гинеколог

Извор



912

X