Модерниот начин на живот често од нас бара да донесеме брза и непоколеблива одлука, па затоа е потребно уште од најрана возраст да ја поттикнуваме самостојноста кај децата и да го развиваме нивното самостојно размислување. Детето почнува со задоволување на потребата за осамостојување со тоа што почнува само да јаде, да се облекува, да оди, учи и да извршува ред други активности, кои понатаму стануваат негова вообичаена дневна рутина. Во првите години се стекнува сликата за себе и светот, а потоа се доаѓа до формирање на своето „ЈАС“ – што е една од основните појдовни точки која води до „производот“ за самостојна личност.
Најголем проблем со кој се соочуваат родителите и наставниците е: Како да се поттикнат децата самостојно да учат? Во овој контекст би се надоврзале на познатата парадигма на Марија Монтесори – „Помогни ми да го направам тоа сам“, со која се укажува на тоа дека треба да се започне од запознавање на индивидуалната личност на детето, односно да му се овозможи да ги истакне своите потреби, способности, интереси и афинитети, а ние да бидеме во заднина и да станеме активни доколку детето го побара тоа од нас.
Самостојноста на детето ќе зависи од тоа колку сме му овозможиле да ја развие својата самостојност.
За да се поттикне позитивен резултат, потребно е, пред сѐ, да го научиме детето како самостојно да размислува. Во овој дел мора да се внимава на пристапот и постапноста (од едноставно кон сложено), како и на одмереноста. При задавање одредена задача потребно е да му се даде на детето доволно време да ја разгледа и да сфати што се бара од него, а од страна на наставникот/родителот, потребно е да се покаже висок степен на толерантност и трпеливост.
Мора многу да се внимава на обемноста на задачите. Подобро е тие да бидат помали, но да водат кон исти решенија затоа што често при процесот на учење се јавуваат многу проблеми со намалена концентрација и внимание.
Откако ќе се зададе задачата, да се постават соодветни прашања за размислување и да се дискутира за нив, за да се поттикнат децата сами да размислуваат. Во овој дел големо значење има типот на прашања што ги користиме. Најдобро е да се започне со прашања од затворен тип, на кои ќе може да се даде конкретен одговор, а потоа да се премине кон прашања од отворен тип, каде што ќе се даде поголема слобода за изразување. Целта на прашањата е децата да се доведат до степен каде што сами ќе го дадат точниот одговор. Во некои случаи може да се случи детето да не може толку лесно да дојде до точното решение и тогаш најдобро е тоа да се остави да се навраќа повеќе пати на истата задача во денот, со што ќе се постигне зголемување на нивото на размислување.
Не смее да се изостави ни повратната информација што детето ја очекува од вас. Таа во најголем степен придонесува за позитивно градење на самодовербата на детето и ја зголемува неговата мотивација за учење. Со тоа на детето му се дава одговор за начинот на кој размислува, дали е правилен или неправилен. На крај кога ќе се дојде до точното решение, не заборавајте успехот да го наградите со пофалба.
Автор: Ангела Икономоска, педагог
912