Дали бебето ќе се прегрее во топлите летни ноќи? Ова прашање сигурно ви пречи кога живата на термометарот ќе се искачи над 30 степени, а и вам ви е тешко да заспиете.
Телото на новородените бебиња не е способно да ја регулира сопствената температура, а бебињата не можат сами да го тргнат ќебето од себе ако им е премногу топло или сами да ја соблечат дополнителната облека. Од друга страна, прегревањето на нивните тела може да го зголеми ризикот од синдром на ненадејна смрт на доенчиња. Сепак, можете лесно да создадете безбедна и удобна средина за спиење за вашето бебе во текот на летните ноќи.
Приспособете ја температурата на собата и облеката во која спие бебето
Идеалната температура за безбеден сон на бебето е помеѓу 18 и 20 степени. На оваа температура, доколку бебето спие во тенка вреќа за спиење, доволно е да носи тенко боди со долги ракави. Сепак, треба да знаете дека ако ви е жешко, и на вашето бебе дефинитивно му е жешко. Така, доколку спиете само во долна облека, на вашето бебе ќе му биде доволно само боди без ракави. Според Ана Ричли, медицинска сестра и акушерка, додајте само уште еден слој за бебето во споредба со она во кое вие спиете. Ако не ви треба никакво ќебе, на вашето бебе му треба само еден слој тенка облека. Во многу топли услови, вашето бебе може да остане само во пелена.
Што значи кога бебињата се потат?
Потењето е начинот на кој нашето тело нè лади. Но, некои бебиња се потат повеќе, а некои помалку. Ако бебето обилно се поти, проверете го задниот дел од главата со допирање. Ако е жешко на допир, избришете го со влажна крпа – на лицето, вратот, рацете и нозете – и отворете ги вратата и прозорецот од собата. Во текот на денот обидете се да го одржувате вашиот дом ладен така што ќе ги држите прозорците затворени, а завесите спуштени во најтоплиот дел од денот.

Сонот на вашето бебе во лето не треба премногу да ве загрижува доколку се исполнети сите услови за безбедно спиење, односно ако не го покриете бебето со ќебиња, ако го легнете да спие на грб и ако не ставате премногу облека на него. Имено, статистиката всушност покажала дека повеќе бебиња доживуваат топлотен удар во зима отколку во лето бидејќи родителите од страв да не им студи, ги прегреваат просториите во кои спијат и ги облекуваат во премногу слоеви облека.
Автор: Сања Маташиќ