Несомнено е дека и децата се соочуваат со некакви проблеми, а најчесто начинот на решавање на таквите проблеми што ќе го стекнат во своето детство е истиот начин на решавање на проблемите и во возрасна доба. Затоа, многу е поважно родителот да му покаже соодветни алатки и начини за тоа како да решава даден проблем отколку тој самиот да го реши наместо детето.

Не создавајте им пречки на вашите деца правејќи го нивниот живот лесен.

Разговарајте со детето следејќи ги следниве чекори:

Што чувствувам јас сега?

Насочете го детето да размислува за тоа низ кои емоции поминува и со која емоција се соочува во моментот. Објаснете му дека однесувањето зависи од емоцијата што ја чувствува и покажете му алатки како да се ослободи од неа.

Кој е мојот проблем?

Охрабрете го детето да го дефинира и формулира својот проблем, а потоа повторете го она што детето ви го кажа: „Ако добро те разбрав…“ Тоа му помага на детето да се чувствува разбрано и му покажува дека сте заинтересирани за неговиот проблем и активно го слушате.

Кое е решението на проблемот?

Поттикнете го детето да направи листа со можни решенија, направете „бура од идеи“, а потоа класифицирајте ги во три полиња како многу добра идеја, добра идеја, лоша идеја. Поткрепете го детето со: „Ми се допаѓа како размислуваш…“

Што би се случило доколку?

Прашајте: Што ќе се случеше ако постапеше по ова решение? Дали ова решение е безбедно за сите и фер? Како ќе се чувствуваат другите ако вака постапиш? Детето треба да научи дека со својата постапка може да предизвика негативни или позитивни последици врз себе или другите. Поставете му алтернативни проблеми како, Што мислиш што ќе се случеше доколку… ?

Одбирам да научам нешто од ова

Откако ќе го охрабрите детето да постапи по некое од решенијата, разговарајте за тоа што се случи откако проблемот е решен. Прашајте го: Што научи од ова? Што ти беше лесно, а што ти беше тешко? Што би направил поинаку следниот пат кога ќе се соочиш со истиот проблем?

СОВЕТ: Бидете истрајни и трпеливи водачи и оставете ги сопствените емоции настрана кога сте поддршка во решавање на проблемите на вашето дете.



912

X